Функцијата стратегија и оперативни ризици (ФСОР) е надлежна за:
Стратегиското планирање е креативен и инклузивен процес, во којшто се дефинираат стратегиските цели и очекуваните резултати, имајќи ги предвид човечкиот потенцијал, финансиските средства и промените во окружувањето. Стратегискиот план ги содржи основните стратегиски цели за наредниот тригодишен период и се утврдува врз основа на мисијата, визијата и организациските вредности на Народната банка, во зависност од макроекономското опкружување и клучните предизвици.
Стратегискиот план претставува основа за подготовка на Програмата за работа, којашто има за цел да обезбеди остварување на стратегиските цели преку оптимално насочување на расположливите ресурси кон приоритетните области, јакнење на капацитетите во сите сегменти на работењето, понатамошно подобрување на квалитетот на работењето, притоа овозможувајќи следење и оцена на резултатите и ефективноста на преземените мерки и активности. Стратегискиот план и Програмата за работа се усвојуваат од страна на Советот на Народната банка.
Функцијата стратегија и оперативни ризици (ФСОР) ги има следниве надлежности:
-
организација и спроведување на процесот на стратегиско планирање;
-
координација на активностите за негово усовршување и развој;
-
полугодишно известување за извршување на програмските активности, до стратегиските раководители;
-
годишно известување за остварувањето на Програмата за работа, којшто е дел од Годишниот извештај на Народната банка, одобрен од Советот на Народната банка и објавен на интернет-страницата. Годишниот извештај на Народната банка се доставува до Собранието на Република Северна Македонија и до министерот за финансии.
Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија. Заради зголемената важност на управувањето со ризиците е предвидена одделна стратегиска цел насочена кон зајакнување на управувањето со ризиците во Стратегискиот план за 2022 ‒ 2024 година. Управувањето со оперативните ризици овозможува подобро одлучување, зголемување на ефикасноста, подобро предвидување и оптимизирање на расположливите ресурси и зголемување на свесноста за ризиците во Народната банка.
Рамката за управување со оперативните ризици на Народната банка обезбедува систем за координирано, сеопфатно и систематско управување со оперативните ризици, заради утврдување на настаните коишто можат да влијаат врз работењето, одржување на изложеноста кон ризиците во прифатливи рамки и ефикасно остварување на целите. Политиката за управување со оперативните ризици се темели на меѓународните стандарди, принципи и централнобанкарски практики за управување со оперативните ризици.
Процесот на управувањето со оперативните ризици во Народната банка е воспоставен на централизирана основа, од аспект на примената на методологиите и системот на известување, но е дисперзиран од аспект на неговото спроведување. Управувањето со оперативните ризици го спроведуваат повеќе организациски нивоа во Народната банка, при што задачите и одговорностите се распределени на:
Функцијата стратегија и оперативни ризици (ФСОР), како организациска единица од второто ниво на одбрана има задача да обезбеди непосредна примена на методолошката рамка и координирано управување со оперативните ризици во Народната банка. ФСОР има целосна самостојност и независност во своето работење и му одговара за својата работа на гувернерот на Народната банка.
ФСОР ги има следниве надлежности:
-
спроведување на Политиката за управување со оперативните ризици;
-
редовно следење на изложеноста на Народната банка кон оперативните ризици во однос на утврденото ниво на толеранција на оперативните ризици преку прибирање податоци и извештаи за управувањето со ризиците од организациските единици;
-
редовно полугодишно известување на Советот на Народната банка за изложеноста кон оперативните ризици преку Комитетот за управување со оперативни ризици, a по потреба доставува и пофреквентни известувања за позначителна изложеност кон оперативни ризици;
-
зголемување на свесноста за ризиците во Народната банка, како и обезбедување соодветна обука и пренесување практични искуства за управувањето со оперативните ризици.
Комитетот за управување со оперативните ризици е одговорен за обезбедувањето услови за развој и конзистентна примена на рамката за управување со ризиците и за следење на остварувањето на мерките за справување со оперативните ризици. Начинот на работа на Комитетот за управување со оперативните ризици, како тело коешто е одговорно за примената на Политиката за оперативните ризици, се уредува со деловник што го донесува гувернерот.