Интервју за Банкарство.мк
Скопје, 4 ноември, 2022
Светот неколку години по ред се соочува со различни кризи, а овие случувања не ја заобиколија ниту Македонија, граѓаните на овие случувања реагираа на различни начини, но монетарната политика е соодвено поставена и ликвидноста на банкарскиот систем е во добра кондиција.
На тема справувањето со овие кризи од аспект на монетарната политика, улогата на основната каматна стапка во дефинирањето на ценовната стабилност, фиксниот девизен курс, движењето на депозитите и очекувањата за економскиот раст во периодот што следи разговараме со г-ѓа Емилија Нацевска, Вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.

Банкарство: Имајќи предвид дека во изминатиот период светот се соочи со криза предизвикана од пандемијата, а во моментов светот се соочува со енергетска и воена криза и сето тоа влијае на ликвидноста на компаниите и граѓаните кои имаат потреба од дополнителни финансиски средства. Оние кои имаат депозити можеби одлучуваат да ги трошат, оние кои немаат средства на располагање решаваат да подигнат кредит. Според вас, како овие активности влијаат на економијата во целост?
Точно е тоа дека веќе трета година по ред се наоѓаме сред последователни кризи, што предизвикува зголемување на ризиците, влошување на изгледите за растот, намалување на капацитетот на реалниот сектор. Но, овде би сакала да го свртам вниманието кон улогата на банките во ублажувањето на овие ефекти, во целиот овој сплет на околности. И покрај исклучително комплексните услови во изминатите три години преточени во економски кризи од глобални размери, домашниот банкарски сектор беше отпорен и претставуваше потпора на економијата и населението. За време на пандемијата, како и сега, во услови на глобално висока инфлација и енергетска криза, депозитите и кредитирањето на корпоративниот и секторот домаќинства и натаму растат. Овој тренд укажува на тоа дека довербата на граѓаните и на фирмите во банкарскиот сектор е на високо ниво, како и на соодветните политики коишто ги водат монетарните власти.
Од почетокот на пандемијата, Народната банка ја олабави монетарната политика, а беа преземени мерки и за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем. Во една исклучително сложена година, депозитите и кредитите на банките кај приватниот сектор и натаму растат, додека брзата и навремена реакција на монетарната политика и координацијата со фискалната политика, како и преземените мерки за реструктурирање на кредитите во соработка со банкарскиот сектор го ублажија ударот на пандемијата врз реалниот сектор и забавувањето на економската активност. Во услови кога сè уште се видливи негативните ефекти од пандемичната криза, монетарната политика беше олабавена и во еден дел од минатата година, со што се овозможи натамошно задржување на трошоците на кредитите за корпоративниот сектор и населението на релативно пониско ниво како поддршка на инвестициската активност и потрошувачката, при едновремено солидно зголемување на депозитната база кај банките.
Од крајот на минатата година, со преносот на ефектите од растот на цените на примарните производи од светските на домашниот пазар, Народната банка започна со постепена нормализација на монетарната политика преку своите монетарни операции, додека од април досега во неколку наврати е зголемена основната каматна стапка. Целта на овие политики е да се закотват пред сè инфлациските очекувања. Целиот процес се води постепено, анализирајќи ги детално сите податоци и движења во светски рамки и дома и имајќи ја како приоритет макроекономската и финансиската стабилност.
Банкарскиот сектор е стабилен, соодветно капитализиран и овозможува соодветна поддршка на приватниот сектор.
Банкарство: Народната банка во изминатиот период во неколку наврати изврши корекција на каматната стапка на благајничките записи, а во моментов се на ниво од 3,5%. Кои се иницијалните цели на промената на референтната каматна стапка, што очекувате да се постигне со овие промени? Дали со ова индиректно се влијае врз висината на каматните стапки на депозитите, односно кредитите?
Согласно со есенските проекции на Меѓународниот монетарен фонд, инфлацијата на светско ниво ќе забрза и од 4,7% во 2021 година ќе се искачи на 8,8% во 2022. Глобалниот раст на цените предизвикан од тесните грла на понудата по пандемијата, како и воената агресија врз Украина, продолженото траење и неизвесноста, придонесоа за пренесување на ефектите и во националните економии, вклучително и во нашата. Растот на цените на храната и енергијата придонесува со околу три четвртини во просечната инфлација во нашата земја, којашто за периодот јануари ‒ септември изнесува 12,4%. Имајќи предвид и дека енергијата е влезна компонента за сите видови економски дејности, тука е и преносниот ефект врз другите категории производи и услуги од инфлацискиот индекс. Во услови на неизвесност, лесно се поттикнуваат и инфлациски очекувања кај граѓаните и фирмите, што дополнително влијае врз придвижување на инфлацијата.
За одржување на среднорочната ценовна стабилност, којашто е впрочем целта, централните банки работат на стабилизирање на инфлациските очекувања, преку затегнувањето на монетарната политика, односно со покачувањето на основната камата, со што делуваат врз притисоците од страната на побарувачката. Обезбедувањето на ценовната стабилност е клучно за одржувањето на макроекономската стабилност и за поддршка на економскиот раст.
Затегнувањето беше дополнето и со мерки за промени во системот на задолжителна резерва, заради поттикнување на денаризацијата, односно штедењето во денари, преку просторот којшто им се остава на банките за да можат да понудат поповолни каматни услови за денарските депозити. Тука би сакала да ја нагласам и сигурноста што за економските субјекти и за населението ја нуди долго применуваната стратегија на стабилен номинален курс на денарот во однос на еврото, за што и натаму ќе се залагаме. За одржување на стабилноста и постепениот пристап во затегнувањето на монетарните услови при отсуство на значителни притисоци од страната на побарувачката, потребно е време за соодветни ефекти, но веќе во последните месеци може да се забележи нагорно придвижување на каматните стапки за денарските депозити.
Банкарство: Во која насока очекувате да се движи штедењето во периодот што следи, односно дали согласно со вашите анализи се очекува раст на депозитите имајќи предвид дека поради зголемени трошоци на живот граѓаните имаат сè повеќе потреба од слободни финансиски средства? Како би се одразила стагнацијата, односно евентуалниот пад на штедењето во банките врз економијата во целост?
Растот на депозитите во септември изнесува 3,4% на годишно ниво и овој раст главно се должи на растот на депозитите кај секторот домаќинства од 5,3%. Во септември се забележува и позитивен годишен раст кај корпоративниот сектор, каде што од почетокот на војната во Украина, можевме да видиме негативни месечни движења, коишто главно се однесуваа на зголемените трошоци за енергија и зголемувањето на залихите.
Нашите априлски проекции упатуваат дека и годинава депозитната маса ќе расте, но малку поумерено во однос на минатата година, кога достигна раст од 7,5%. Мерките со корекција на задолжителната резерва заради поголема денаризација и повисоки каматни стапки за денарски депозити би придонесле за зголемено штедење во денари. Се очекува дека на среден рок ќе продолжи трендот на раст на депозитите.
Банкарство: Народната банка води фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото, но често во јавноста се забележуваат шпекулации дека денарот губи вредност во однос на еврото. Сведоци сме дека ова никогаш не било вистина, но што можеме да очекуваме во иднина? Ги имаме ли на располагање сите неопходни „орудија“ за да се задржи стабилноста на денарот на долг рок? Располага ли Северна Македонија со доволно девизни резерви за да се покријат потребите и да се задржи стабилноста на економијата?
Народната банка во изминатите две и пол децении докажа дека има капацитет и инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот. За нашата економија нема поповолна монетарна стратегија од одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, валутата на нашиот најзначаен трговски партнер. Изминатите две и пол децении, во кои се соочивме со неколку големи глобални и домашни кризи и успешно го одбранивме курсот на денарот, зборуваат доволно за нашиот кредибилитет во однос на примената на ваквата стратегија. Треба да се истакне и високото ниво на девизни резерви (двојно повисоки во однос 2008 ‒ 2009 година за време на Глобалната финансиска криза, а повисоки се и во однос на претпандемичниот период), коишто се клучниот инструмент за гаранција за одржување на стабилноста на курсот. Исто така, на располагање е и ликвидност којашто ни е ставена на располагање од страна на Европската централна банка преку репо-линијата, којашто е дополнителна гаранција за стабилноста во тековните услови на неизвесност.
Банкарство: Народната банка ги заснова своите проекции исклучиво врз основа на конкретни податоци и поради тоа проекциите се прилично веродостојни. Но, во ситуација кога се соочуваме со енергетска криза и зголемена инфлација сето тоа влијае на параметрите кои се анализираат. Што може да се очекува до крајот на годината и во текот на следната година, од каде ќе се обезбеди неопходниот економскиот раст?
Оваа криза се одликува со висока неизвесност, којашто е главно поврзана со времетраењето на војната во Украина и санкциите, што влијае врз понудата на примарните производи, а со тоа и на цените, на глобално ниво, но и на глобалната економска активност. Меѓународните финансиски институции очекуваат забавување на глобалната економска активност во однос на минатата година, а се ревидираат надолу и очекувањата за раст во однос на пролетните проекции, пред сè за следната година. Според најновите проекции на Меѓународниот монетарен фонд, се очекува дека стапката на раст на глобалната економија од 6% во 2021 година ќе се сведе на стапка на раст од 3,2% во оваа и од 2,7% во следната година.
Во априлските проекции, Народната банка проектира раст на домашната економија од 2,9% во 2022 година и забрзување на растот во следната година, но надолните ризици поврзани со војната и енергетската криза стануваат поизразени, а ние сме дел од глобалната економија и надворешните шокови нè погодуваат и нас. Од особено значење за нашата економија се изгледите за ЕУ, којашто е наш најзначаен трговски партнер. Во тек се ревизиите на макроекономските проекции во рамките на есенскиот циклус, коишто ќе бидат завршени следниот месец, кога секако ќе излеземе и со нови бројки за растот.
Интервјуто е достапно на Банкарство.мк