Комитетот за оперативна монетарна политика (КОМП) е работно тело формирано од Советот на Народната банка во 2005 година, за редовно и ефикасно следење и експертско согледување на состојбите и движењата во економијата, во функција на монетарните одлуки. Претседател на Комитетот е гувернерот, а членови на Комитетот се: тројцата вицегувернери на Народната банка, двајца неизвршни членови на Советот, главниот економист и раководните лица на дирекциите чиишто работни активности и надлежности се непосредно поврзани со имплементацијата на монетарната политика. Гувернерот и вицегувернерите се членови на Комитетот со право на глас, а во случај на ист број гласови претседателот го има одлучувачкиот глас. На седниците на Комитетот се разгледуваат остварените и очекуваните движења во монетарниот, реалниот, фискалниот и екстерниот сектор, состојбите во банкарскиот систем и останатиот финансиски сектор, случувањата на домашните и на меѓународните финансиски пазари и предлозите за поставеноста и оперативното спроведување на монетарната политика. Врз основа на предлозите за поставеноста и оперативното спроведување на монетарната политика и дискусиите на членовите на Комитетот, членовите со право на глас носат одлуки за поставеноста на монетарната политика и оперативната примена на монетарните инструменти.

Динамиката на одржување на седниците на Комитетот е утврдена со Календар, којшто е усогласен со почетокот на периодите на одржување на задолжителната резерва. Народната банка ги комуницира одлуките за поставеноста на монетарната политика коишто се донесени на седниците на Комитетот за оперативна монетарна политика преку соопштенија за јавност.


Индикативен календар на седници на КОМП и комуникација со јавност за поставеноста на монетарната политика

Седници на КОМП

Објава на соопштение за јавност

30.01.2024

31.01.2024

12.03.2024

13.03.2024

16.04.2024

17.04.2024