1. Дали имаме увид во тоа колку граѓани на Македонија минатата година подигнале пари од банкомати во странство (најчестите туристички дестинации на Македонците), и колкава е приближно таа сума?

2. Кога станува збор за картичка, дали постои разлика во провизијата помеѓу девизна и денарска? На пример, курсот – како функционира плаќањето во странство по ресторани и маркети?

3. Што е подобро за користење во странство – девизна или денарска сметка?

4. Многу граѓани не знаат како функционира задолжувањето за резервација, па потоа се изненадуваат кога на сметката ќе видат драстично помал износ по одморот – како функционира тоа?

5. Дали е подобро да користиме готовина во странство (на пример, евра) наместо картички – дали тоа е подобра варијанта?

6. Користењето банкомати во странство – да или не?

7. Како се добива извештај од кредитниот регистар на Народна банка?

8. Кога се евидентираат одобрените и користените кредити во кредитниот регистар?

9. Што влегува во вкупната кредитна изложеност на клиентот?

10. Дали при последователната класификација на клиентот физичко лице, на месечна основа, категоријата на ризик најмногу ќе зависи од уредноста во намирувањето на обврските?

11. Дали е можно за еден клиент, што има изложености според различни основи да се изврши класификација на поединечните изложености во различни категории на ризик (на пример: кредитната изложеност врз основа на кредитна картичка да биде класифицирана во категоријата на ризик „В“, а другите кредитни изложености да бидат класифицирани во категоријата на ризик „Б“)?

12. Што е Стапка на вкупни трошоци?





1. Дали имаме увид во тоа колку граѓани на Македонија минатата година подигнале пари од банкомати во странство (најчестите туристички дестинации на Македонците), и колкава е приближно таа сума?

Одговор на НБ:  Во текот на 2024 година, имајќи ги предвид податоците кои банките ги доставуваат на редовна основа до Народната банка, нашите граѓани, користејќи ги платежните картички издадени од домашните банки на банкоматите во странство извршиле 174.883 трансакции со кои подигнале готовина во вкупна вредност од 1.994 милиони денари.

 


2. Кога станува збор за картичка, дали постои разлика во провизијата помеѓу девизна и денарска? На пример, курсот – како функционира плаќањето во странство по ресторани и маркети?

Одговор на НБ:  Законот за платежни услуги и платни системи не прави експлицитна разлика во однос на провизиите помеѓу денарски и девизни картички при користење во странство. Сепак, секој давател на платежни услуги, како што се банките, е должен во своите пред договорни акти – како што се Општите услови, тарифите на надоместоци и други релевантни документи уредени со закон – да ги наведе сите услови под кои се користат платежните картички, вклучително и надоместоците и применетиот девизен курс при трансакции во странство.

Со потпишување на рамковниот договор, корисникот се согласува со овие услови. Токму таму се дефинира дали при користење на картичката во странство ќе се пресметува дополнителен надомест, каков курс ќе се применува при конверзија на валути (доколку е потребна), како и дали постојат разлики меѓу денарска и девизна картичка во пракса. Давателите на услуги се должни да ги објават и ажурираат овие информации на транспарентен начин и да ги стават на располагање на корисниците пред склучување на договорот.

Кога се плаќа во странство – на пример во ресторани, маркети или други продажни места – износот што го плаќа корисникот најчесто се пресметува во валутата на земјата во која се наоѓа продавачот. Понатамошната конверзија во денари, доколку картичката е денарска, зависи од условите за валутна конверзија кои корисникот претходно ги прифатил со својата банка.

Поради тоа, корисниците секогаш се советуваат да се информираат кај својата банка за конкретните услови пред патување или плаќање во странство.

 


3. Што е подобро за користење во странство – девизна или денарска сметка?

Одговор на НБ: Изборот помеѓу девизна и денарска сметка при користење во странство зависи од повеќе фактори, како што се валутата во која се врши трансакцијата, надоместоците што ги наплатува банката, начинот на конверзија и личните навики на корисникот.

Секоја банка, согласно својата деловна политика, може да применува различни надоместоци за користење на денарски или девизни сметки при меѓународни плаќања. На пример, при користење на денарска сметка во странство, често се врши двојна конверзија (прво валутата на плаќањето различна од евро се конвертира во евра, па потоа во денари), што може да значи и дополнителни трошоци. Од друга страна, плаќањето со девизна сметка (на пример во евра) може да биде поекономично кога трансакцијата се врши во истата валута, бидејќи се избегнуваат дополнителни курсни разлики и провизии.

Затоа, најдобар пристап е секој корисник да ја избере опцијата што најмногу одговара на неговите потреби и навики, земајќи ја предвид и ценовната политика на давателот на платежни услуги (банката).

Дополнително, граѓаните сега имаат можност на брз и транспарентен начин да направат споредба на надоместоците што ги наплатуваат различни банки за платежни услуги преку веб-страницата на Народната банка на Република Северна Македонија. Со користење на алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежни услуги“, корисниците можат полесно да изберат банка која нуди најповолни услови според нивните конкретни потреби.



4. Многу граѓани не знаат како функционира задолжувањето за резервација, па потоа се изненадуваат кога на сметката ќе видат драстично помал износ по одморот – како функционира тоа?

Одговор на НБ: Кога се врши резервација со платежна картичка – на пример при резервирање хотел или рентање автомобил – прво се блокира одреден износ на сметката, но тој износ не се порамнува веднаш. Реалното задолжување, односно прокнижувањето на средствата, се случува подоцна – во моментот кога трговецот ја потврдува и извршува трансакцијата.

Разликата што понекогаш се појавува меѓу резервираниот и конечно наплатениот износ е резултат на тоа што се применуваат различни вредности за валутна конверзија во два различни моменти: при резервацијата и при финалното порамнување. Вредностите што се користат за пресметка зависат од условите за конверзија договорени меѓу корисникот и банката, а тие можат да бидат дефинирани од страна на меѓународната картична шема (на пр. Visa/Mastercard), самата банка или комбинација од двете.

Поради тоа, не е невообичаено да има разлика помеѓу иницијално прикажаниот износ (како резервација) и конечно наплатениот износ. За подобра информираност и избегнување на изненадувања, корисниците се советуваат внимателно да се запознаат со условите за валутна конверзија и процесирање на трансакции кај нивната банка, особено при користење на картичката во странство.



5. Дали е подобро да користиме готовина во странство (на пример, евра) наместо картички – дали тоа е подобра варијанта?

Одговор на НБ: Изборот помеѓу користење готовина или картичка при плаќање во странство зависи од личните потреби и околности на секој корисник. Сепак, добро е да се има предвид дека платните картички денес се доведени до високо ниво на дигитализација и технолошка напредност, што ги прави особено практични и безбедни за користење во странство.

Картичките овозможуваат пристап до голем број продажни места ширум светот, без разлика во која валута е отворена сметката, што го прави плаќањето поедноставно, поефикасно и поудобно. Дополнително, преку мобилните и електронските апликации на банките, корисниците имаат можност во реално време да го следат и менаџираат своето трошење, да поставуваат лимити, да блокираат или деблокираат картички и да добиваат известувања за секоја трансакција – што значително го зголемува нивото на контрола и сигурност.

Иако е секогаш корисно да се има одредена сума готовина за мали или специфични трансакции, картичките сè повеќе стануваат најбаран платен инструмент при патувања во странство поради својата флексибилност, безбедност и зголемени функционалности.

Затоа, граѓаните треба внимателно да ги проценат сопствените навики, околностите на патувањето и условите што ги нуди нивната банка, и врз таа основа да одлучат кој платен инструмент најмногу им одговара. Често, најпрактичен е комбиниран пристап – основните трошоци да се покриваат со картичка, а соодветна сума готовина да се носи за непредвидени или ограничени ситуации.



6. Користењето банкомати во странство – да или не?

Одговор на НБ: Користењето на банкомати во странство е достапна, но често и поскапа опција за повлекување средства. Најчесто, ваквите трансакции генерираат дополнителни трошоци за корисникот, бидејќи банките – и домашната и странската – може да наплатат провизии за користење на банкомат надвор од земјата. Во некои случаи се применуваат и надоместоци за валутна конверзија, што дополнително го зголемува вкупниот трошок.

Затоа, клучна е добрата информираност на корисникот пред патување. Прво, потребно е да се провери дали неговата банка наплатува надоместоци при подигнување готовина од банкомати во странство и колкави се тие. Второ, треба да се земе предвид и достапноста на продажни места (т.н. ПОС терминали) во земјата каде што патува – бидејќи плаќањето со картичка на ПОС терминал може да биде поекономично и поудобно од подигнување готовина.

Во тој контекст, користењето на банкомати во странство може да биде оправдано во ситуации кога нема други опции за плаќање, но генерално се препорачува прво да се размисли за користење на картичката на ПОС терминали, каде тоа е можно. Добро планирање и навремена проверка на условите кај сопствената банка се најдобар начин да се избегнат неочекувани трошоци.



7. Како се добива извештај од кредитниот регистар на Народна банка?

Со Одлуката за содржината и начинот на функционирање на кредитниот регистар („Службен весник на Република Македонија“ бр. 186/13, 74/15, 77/15 и 146/20) се регулирани содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар. Во Кредитниот регистар се содржани податоци и информации за кредитната изложеност на банките и штедилниците во нашата земја, кон нивните клиенти.

Податоците од Кредитниот регистар се издаваат единствено лично на барање доставено од физичкото лице или полномошник. Доколку извештајот се бара преку полномошник, задолжително се приложува полномошно заверено на нотар. Образецот за полномоштво, коешто се однесува единствено на добивање податоци од Кредитниот регистар, се презема од интернет-страницата на Народната банка или се подигнува од писарницата на Народната банка. Примањето барања и издавањето податоци по пошта не е дозволено.

Потребно е барателот да дојде во Народната банка и да пополни соодветно барање за доставување податоци од Кредитниот регистар, коешто се поднесува лично од барателот или полномошникот, преку писарницата на Народната банка, на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, во Скопје, секој работен ден, во периодот од 8:30 до 15:45 часот. 

Во овој период, заради состојбата со пандемијата на ковид-19, податоците од Кредитниот регистар се издаваат само во вторник и четврток, во периодот од 15 до 16 часот, преку писарницата на Народната банка. Во случаите кога барателот не е жител на Скопје, доколку барањето е поднесено до 11 часот, извештајот со податоците се изработува и се издава во текот на истиот работен ден. Бараните податоци се подигаат лично од страна на барателот на информацијата или од лицето полномошник.

Согласно со Одлуката за изменување на Одлуката за единствената тарифа на надоместоци за услуги што ги врши Народната банка на Република Северна Македонија, од 5 мај 2020 година престана да важи обврската за уплата на тарифата за издавање на податоците од Кредитниот регистар.

За подетални информации, може да се информирате на интернет страницата на Народната банка: Кредитен регистар



8. Кога се евидентираат одобрените и користените кредити во кредитниот регистар?

Со Одлуката за содржината и начинот на функционирање на кредитниот регистар („Службен весник на Република Македонија“ бр. 186/13, 74/15, 77/15 и 146/20) се регулирани содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар. Во Кредитниот регистар се содржани податоци и информации за кредитната изложеност на банките и штедилниците во Република Северна Македонија кон нивните клиенти.

Банките се должни да достават податоци за сите домашни и странски банки, нерезиденти, сите домашни небанкарски финансиски институции, сите останати домашни нефинансиски институции, како и за сите домашни физички лица, трговци поединци, физички лица коишто согласно со Законот за трговските друштва не се сметаат за трговци. Штедилниците задолжително доставуваат поединечни податоци за сите правни лица и за сите домашни физички лица, трговци поединци, физички лица кои согласно со Законот за трговските друштва не се сметаат за трговци.

Со Одлуката е пропишано дека банките и штедилниците се одговорни за точноста на податоците и информациите коишто се доставуваат до Кредитниот регистар на Народната банка. Податоците во Кредитниот регистар се доставуваат од страна на банките, а Народната банка нема овластување да брише или да менува каков било податок којшто банките го доставиле. Ако клиентот физичко лице приложи докази до банката или до штедилницата дека неговите лични податоци во Кредитниот регистар се нецелосни, неточни или неажурирани, на негово писмено барање, банката или штедилницата е должна да ги дополни или да ги измени податоците, да ги избрише и истовремено да ги замени со точни податоци, или да го сопре користењето на нецелосните, неточните или неажурираните податоци и истовремено да ги замени со точни податоци. Банките и штедилниците се должни да ја извршат замената со точни податоци во првиот нареден период на доставување на податоците и информациите до Кредитниот регистар.

Роковите за доставување на информациите од страна на Банките, се уредени со Упатството за спроведување на Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар. Согласно со Упатството, Банките и штедилниците се должни да ги доставуваат податоците и информациите во Кредитниот регистар, на месечна основа, со состојба на крајот на месецот за кој се известува, во периодот од 1 до 15 наредниот месец. Народната банка овозможува расположливост на податоците и информациите од Кредитниот регистар во рок од 7 (седум) работни дена по истекот на овие рокови.

За подетални информации, може да се информирате на интернет-страницата на Народната банка, на следниве врски:

Кредитен регистар

Одлука за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар 

Упатство за спроведување на Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар 



9. Што влегува во вкупната кредитна изложеност на клиентот?

Во вкупната кредитна изложеност на клиентите физички лица влегуваат: кредити за купување и реновирање станбен простор, кредити за купување и реновирање деловен простор, потрошувачки кредити, пречекорувања на трансакциска сметка, кредити врз основа на издадени кредитни картички, автомобилски кредити и други кредити. Банките во Кредитниот регистар внесуваат податоци за видот на кредитот, каматата, провизијата, бројот на деновите на доцнење во отплатите, потребната исправка на вредноста и слично, врз основа на што се извлекува класификацијата на соодветниот кредит. Во кредитниот регистар, одделните видови кредитна изложеност се класифицирани во шест категории:  А, Б и В ‒ редовни – коишто заедно ја сочинуваат групата редовни кредити, кај коишто главно има редовна отплата; В ‒ нефункционални, Г и Д, коишто заедно ја сочинуваат групата нефункционални кредити. Доколку клиентот доцни повеќе од 90 дена и/или има финансиски тешкотии поради што е извесно дека нема да може да го отплаќа кредитот редовно, банката е должна да го евидентира овој кредит како нефункционален кредит.  Овој податок во Кредитниот регистар упатува на неповолна кредитна историја на клиентот, којшто банките го земаат предвид при оценката на кредитоспособноста при барање за одобрување нови кредити.



10. Дали при последователната класификација на клиентот физичко лице, на месечна основа, категоријата на ризик најмногу ќе зависи од уредноста во намирувањето на обврските?

Со оглед на фактот што при класификацијата на клиентот физичко лице, кредитната способност се оценува најмалку во моментот на одобрувањето на кредитната изложеност или при промена на договорните услови, додека обезбедувањето се зема предвид само во исклучителни случаи (првокласни инструменти за обезбедување и во случаите од точката 23 од Одлуката), уредноста во намирувањето на обврските претставува главен елемент при последователната класификација на клиентот физичко лице на месечна основа.



11. Дали е можно за еден клиент, што има изложености според различни основи да се изврши класификација на поединечните изложености во различни категории на ризик (на пример: кредитната изложеност врз основа на кредитна картичка да биде класифицирана во категоријата на ризик „В“, а другите кредитни изложености да бидат класифицирани во категоријата на ризик „Б“)?

Кредитните изложености кон клиентот може да бидат класифицирани во различни категории ризик, што подразбира и побарувањата врз основа на различни кредитни производи од еден клиент да може да бидат евидентирани како редовни или како нефункционални кредитни изложености. Притоа, банката треба да ги има предвид соодветните одредби од Одлуката за кредитен ризик во врска со класификацијата на кредитната изложеност, особено во однос на кредитната способност на клиентот и неговата уредност во намирувањето на обврските, како и во однос на критериумите за класификација во различните категории ризик.



12. Што е Стапка на вкупни трошоци?

Во рамки на преддоговорните информации, банката е должна да го информира клиентот за вкупните трошоци за кредитот, што значи не само каматата, туку и за дополнителните трошоци при одобрување на кредитот, коишто се дел од стапката на вкупни трошоци (СВТ). СВТ претставува дисконтна стапка изразена на годишно ниво како однос на вкупните трошоци на кредитот и вкупниот износ на кредитот (изразена со две децимали). Доколку се предвидени во договорот за потрошувачки кредит, во оваа стапка можат да се вклучат следниве видови трошоци: провизија за обработка на барање за кредит, провизија за одобрување кредит и за администрирање на кредитот, провизија за чување на инструментот за обезбедување, провизии и надоместоци поврзани со задолжителни дополнителни услуги поврзани со потрошувачкиот кредит и сл. Во пресметката на СВТ не се вклучуваат трошоците поврзани со неисполнување или доцнење со исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, трошоците за осигурување или гарантирање на кредитот коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги (од нив не зависи одобрувањето на кредитот), нотарските трошоци и сл. Доколку има дополнителни трошоци коишто не ѝ се познати на банката, таа е сепак должна да го запознае клиентот за видот на трошоците, без наведување на износот.

Стапката на вкупните трошоци за потрошувачките кредити коишто ги одобруваат банките во практиката е умерено над договорната каматна стапка утврдена во договорот за кредит. Треба да се има предвид дека покрај банките, и финансиските друштва основани согласно со посебен закон може да одобруваат потрошувачки кредити. СВТ за потрошувачките кредити од банките и финансиските друштва не може да го надмине петкратниот износ од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец.