„Безбедност при користењето дигитални финансиски производи и услуги“
Оваа брошура е подготвена со цел да придонесе за подигнување на свеста кај населението за претпазливо користење на дигиталните канали коишто овозможуваат пристап до финансиските производи и услуги. Дигиталните канали им овозможуваат на клиентите на банките да пристапат до финансиските производи и услуги преку интернет, паметни телефони, таблети и компјутери во секое време, брзо и едноставно. Меѓутоа, при користењето на новите технологии, употребата на дигиталните канали носи и ризици поврзани пред сѐ со можната злоупотреба на личните податоци на клиентите. Затоа е важно на клиентите да им бидат познати ризиците, како и мерките за претпазливост што треба да ги преземаат за да ги ублажат или да ги отстранат несаканите последици. Во оваа брошура на систематизиран начин се објаснети повеќе препораки за безбедно користење на дигиталните финансиски производи и услуги.
„Платежна сметка со основни функции“
Оваа брошура има информативно – едукативен карактер и е наменета за физичките лица коишто се корисници на платежни услуги со цел запознавање и примена на новиот Закон за платежни услуги и платни системи којшто започна да се применува од 1 јануари 2023 година.
Во брошурата дадени се одговори на следните прашања:
Што е платежна сметка со основни функции?
Која е разликата помеѓу платежната сметка со основни функции и „обичната“ платежна сметка?
Дали се плаќа надоместок за платежна сметка со основни функции?
Дали може платежна сметка со основни функции да се отвори кај кој било давател на платежни услуги?
Што е платежна сметка со основни функции за потрошувачи кои ѝ припаѓаат на група корисници на законски права?
Кои се придобивките од поседување платежна сметка со основни функции? и
Дали може барањето за отворање на платежната сметка со основни функции да биде одбиено?
„Запознајте ја Народната банка на Република Северна Македонија“
Информативно-едукативна брошура којашто содржи низа информации за работењето на Народната банка и за нејзините основни цели и задачи, како и објаснување по што таа се разликува од другите институции. Во брошурата се опфатени значителен дел од активностите на Народната банка, при што преку илустриран приказ, едноставен јазик и мноштво интересни факти се обезбедува поголема информираност на јавноста за различни аспекти од нејзиното работење. Следствено, брошурата нуди краток и едноставен приказ на работењето на Народната банка, ставајќи акцент на сите постојни можности за отвореност на институцијата и информирање на населението.
Оваа публикација е наменета за пошироката јавност.
„Купување дом со станбен кредит“
Оваа брошура е изготвена за населението во државата кое планира да купи сопствена куќа или станза живеење и размислува за тоа дали купувањето да го финансира со долгорочен кредит. Ако сте заинтересирани да купите куќа или стан, оваа брошура ви дава насоки за следното:
• како да ги пресметате вкупните трошоци за купување дом;
• како да процените колку можете да се задолжите;
• најважните договорни услови во поглед на валутите,каматните стапки, роковите и начинот на отплата.
Брошурата исто така нуди:
• водич кој чекор по чекор ви помага да ја донесете вашатаодлука;
• практична листа на прашања коишто треба да им ги поставите на банките пред да земете станбен кредит;
• практични совети за други работи коишто треба да ги имате предвид кога купувате дом.
Линк до едукативното видео.
Брошурата е достапна на албански јазик.
„Паметно управување со парите - Водич за личните финансии“
Овој водич е наменет за пошироката јавност, со цел на едноставен начин да ѝ ги доближи основните концепти и поими од областа на управувањето со личните финансии. При неговата подготовка се настојуваше тој да биде разбирлив и за помладите генерации и за лицата коишто немаат формално економско образование, за да може преку него населението да се информира како е најсоодветно да се управува со финансиските средства за да се постигнат посакуваните цели.