Биографија

Проф . д-р Борче Треновски


Борче Треновски е роден во Берово на 23 јули 1981 година.

Дипломирал со пофалба на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (2004 год.), заврши постдипломски студии од областа на Монетарната економија, а во септември 2013 година ги завршил докторски студии со докторска дисертација на тема - „Клучните макроекономски политики во услови на современата економска криза“.  По дипломирањето (2004 - 2006 година) Треновски кратко работи како аналитичар во Народната банка на Република Северна Македонија, додека од јуни 2006 година работи на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје. 

Г-дин Треновски во моментот работи како вонреден професор на Катедрата за економија на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.  Автор е на 4 книги од областа на економијата и економската политика, објавил повеќе од 100 публикации (индексирани научни трудови, трудови за политики, истражувачки монографии итн.) и има силна академска и истражувачка видливост во земјата/регионот во последните години.

Како експерт/аналитичар/истражувач, Треновски учествувл  во реализација на повеќе од 70 истражувачки/апликативни проекти во земјата и регионот, поддржани од страна на различни организации  - УСАИД, ЕУ, ОСИ, УНДП, ЕБРД, Светската банка, Швајцарската агенција за развој, ХЕЛВЕТАС, ЗФР, Центарот за економски анализи (ЦЕА), Аналитика итн.  

Како предавач и обучувач Треновски реализирал повеќе од 60 обуки за кои има развиено специјализирани модули и успеал да стекне големо искуство во соработката со различни заинтересирани страни - јавна администрација, јавен менаџмент на локално и национално ниво, даночни инспектори, државни службеници, невладини организации, приватен сектор, академска заедница, членови на парламентот и други избрани службеници, општински советници, претставници на меѓународни организации итн. 

Голем број од неговите анализи, истражувања, публикации и учества во проекти во последните години биле силно фокусирани на реформите во економската политика, координација на фискалната и монетарната политика, современите економски теории и политики, ефикасноста на управувањето со јавните финансии, монетарната политика и финансиските пазари, фискалната политика и оданочување, економија на развој, јавна политика, добро управување, монетарна и фискална транспарентност и отчетност, локални финансии и децентрализација итн.

Г-дин Треновски како резултат на својата работа и искуство е член на многубројни стручни тела/здруженија/реформски и советодавни работни групи/тела во земјава и регионот, има учествувано во бројни меѓународни истражувачки конференции и семинари организирани од меѓународни институции ММФ, Светската банка, Универзитет во Илиноис во Чикаго, Стејт департментот на САД итн. Понатаму, Треновски е исто така добитник на повеќе награди и признанија како најдобар истражувач и угледен економист - од Светската банка, Асоцијацијата на менаџери на Македонија, Народната банка на Република Северна Македонија, Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје итн.