Обраќање на гувернерот на НБРМ по повод отворањето на Заедничкиот јавен информативен центар на НБРМ и Светската банка
16.12.2010 година
Почитувана госпоѓo Лилиа Бурунчук, директорка на канцеларијата на Светската банка во Скопје,
почитуван господине Александар Тиман, постојан претставник на ММФ во Република Македонија,
ваши екселенции,
ценети гости.
Почитувани дами и господа!
Дозволете ми да ве поздравам и да го искажам моето задоволство што денес имаме прилика да присуствуваме на два важни настани. Првиот, што ќе ни пружа задоволство од потрајна природа - официјалното пуштање во употреба на Заедничкиот јавен информативен центар на НБРМ и Светската банка.
И вториот, презентацијата на Годишниот регионален извештај на ММФ, настан којшто секогаш е исклучително интересен, бидејќи се работи за анализа направена од институција, каква што е ММФ.
Почитувани!
Речиси две децении трае партнерството на Република Македонија и Светската банка. Добрите резултати од тоа партнерство се евидентни. Партнерството по дефиниција почива на корисноста за двете страни, односно за сите што се здружиле во остварувањето на некоја цел. Jас не знам која од двете страни има повеќе полза од соработката на релацијата Светската банка - Република Македонија.
Но, длабоко верувам дека соработката со Светската банка одигра (и игра) исклучително важна финансиска и советодавна улога во зајакнувањето на институционалните капацитети на нашата држава и во поттикнувањето на економскиот развој.
Познат е износот на капитал инвестиран од оваа институција во Република Македонија, во годините кога тоа ни беше најважно, кога пристапот до други извори на средства ни беше неверојатно тежок и многу поскап.
Препознатливи се реформите што со помош на Светската банка се остварија и се остваруваат во нашата држава: во судството, здравството, даночниот систем, пензискиот систем, децентрализацијата, зголемувањето на конкурентноста итн. Односно, јасна е позитивната улога на Светската банка во корпусот прашања што е исклучително важен за нас, а го подведуваме под заедничкиот термин - структурни реформи, комплекс на прашања без чие унапредување не би се приближиле до вратите на евроатлантските интегрирани системи.
Мислам дека за тој придонес, односно резултат од нашето партнерство со Светската банка, во секоја прилика треба да им кажеме, ви благодариме.
Работејќи заедно на структурните реформи, многу наши институции, членови на администрацијата, па и политичари учеа и се запознаваа со најдобрите практики во светот во многу важни области од економијата и воопшто, организацијата на работењето, важни за подобрување на квалитетот на животот. Всушност Светската банка отсекогаш ја акцентирала важноста на знаењето, нужноста од постојана обука - клучната улога на едуцираната работна сила за отворање работни места и економски раст.
Дополнителен аргумент за тоа се насочените инвестиции за унапредување на квалитетот на образовниот процес во Република Македонија и преземањето активности за олеснување на пристапот на македонските граѓани до најдобрите глобални експертизи. За значењето на инвестициите во човечкиот капитал, како што велат економистите, или во т.н. социјален капитал, како што велат социолозите, не треба да се убедуваме меѓу себе.
Во рамките на таа платформа, во рамките на девизата - учете постојано за да напредувате постојано, од соработката меѓу Народната банка и Светската банка произлезе еден убав настан, добар производ: логистичка поддршка за процесот на зголемување на знаењето. Таа логистичка поддршка се нарекува: Заеднички јавен информативен центар на НБРМ и Светската банка. Денес, практично, го објавуваме неговото официјално отворање. Неговата основна функција е унапредување на информираноста на македонската јавност за делувањето на Светската банка, преку пренесување информации и документација на Банката и обезбедување пристап за македонските граѓани до исклучително голема збирка на современа стручна литература. Всушност, овој центар претставува уште еден јавен информативен сервис на Светската банка во Република Македонија, покрај Депозитарната библиотека, којашто функционира во рамки на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Лоциран во рамки на Библиотеката на НБРМ, Центарот обезбедува пристап до над 400 публикации на Светската банка, електронски пристап до базите на податоци на Светската банка, како и посебно авторизиран директен пристап до електронската библиотека на Светската банка со можност за пребарување на над 6.000 примероци стручна литература. Она што овој центар го прави дополнително корисен за јавноста е што истовремено, во рамки на соработката со НБРМ, на надворешните корисници им обезбедува пристап и до публикациите на Народната банка, во форма на годишни извештаи и работни материјали, како и до стручната литература со којашто располага Библиотеката на НБРМ. Пристапот до сите публикации, како и до базата на статистички податоци на Светската банка е отворен за сите заинтересирани корисници во Република Македонија, со што овој центар слободно може да го понесе епитетот на богата ризница на знаења, којашто чека да биде ползувана.
Почитувани,
Живееме во епоха на исклучително динамични промени. Време во коешто наученото брзо застарува или станува недоволно, а кризата пак, уште еднаш покажа дека енигмите се многу побројни од аксиоматските вистини. Затоа, инвестициите во учењето треба да бидат постојани.
Како централна банка правиме непрекинати напори за унапредување на знаењето и зголемувањето на научно-истражувачкиот капацитет, како во Банката, така и пошироко. За таа цел, во изминатите години организираме повеќе работилници на бројни актуелни теми, меѓународни конференции, а наши кадри држат предавања на повеќе факултети во земјава. Исто така, пред четири години, ја воведовме и Годишната награда за млади истражувачи, којашто се покажа како мошне успешен пример, следен и од други институции.
Ова денешно отворање на Заедничкиот јавен информативен центар е само уште еден прилог за надградба на научно-истражувачкиот профил на централната банка, којшто сите овие години напорно се гради и се развива, паралелно со оперативното портфолио на основни функции на НБРМ: утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика, супервизијата на банкарскиот сектор, поддршката на финансиската стабилност, обезбедувањето непречено функционирање на платниот систем и над с?, остварувањето на крајната цел на монетарната политика на НБРМ - ценовната стабилност.
Верувам дека со отворањето на овој центар, отвораме уште еден канал за ширење на знаењето, којшто ќе претставува дополнителен поттик за научно-истражувачката дејност. Верувам дека Центарот ќе служи и за натамошно продлабочување на соработката меѓу НБРМ и Светската банка, покрај другото и во доменот на организација на јавни трибини и дебати за разни актуелни теми и во обезбедувањето странска експертиза, соочувајќи го домашното со меѓународното искуство.
Драги пријатели,
Се радуваме што и оваа библиотека ќе се вклучи во библиотеките за кои американскиот новинар Карл Т. Рован вели дека се „храна на знаењето“, а вели и дека „знаењето ослободило многу повеќе луѓе од сите досега водени војни во историјата заедно“.
Се радуваме што и со оваа библиотека овозможуваме многу луѓе, млади и возрасни, да си даруваат еден од најубавите дарови - книгата, за која писателот Гарисон Кејлор вели дека „е единствениот подарок којшто можете постојано да го отворате, одново и одново“. Се радуваме што отвораме уште една таква можност.
Искрено се надевам дека отворањето на оваа библиотека ќе наиде на топол прием кај академската и поширока јавност во Република Македонија.
Ви благодарам!
Гувернер
м-р Петар Гошев