Информација за движењата во плаќањата во Република Македонија во 2017 година
Информација за движењата во плаќањата во Република Македонија во 2017 година
Народната банка, на својата интернет-страница, ја објави новата публикација, Информацијата за движењата во плаќањата во Република Македонија во 2017 година. Во неа се анализираат состојбите во платниот промет и платните инструменти во Република Македонија и се дава споредбен осврт на клучните показатели со показателите на ниво на Европската Унија. На тој начин се овозможува да се согледаат состојбите со употребата на платните инструменти и навиките за плаќање на домашните корисници во однос на корисниците од земјите членки на Европската Унија.
Начинот на којшто луѓето ги извршуваат плаќањата денеска се менува многу побрзо од која било друга област од индустријата на финансиски услуги, под влијание пред сѐ на промените кај дигиталната технологија. Овие промени коишто се одразуваат преку зголемување на безготовинските плаќања, се присутни не само на европско и светско ниво, туку и во Република Македонија (РМ). Така, вредноста на безготовинските трансакции во земјата иницирани од или наменети за физичките лица и правните лица (коишто го исклучуваат секторот на монетарни финансиски институции) во 2017 година забележа годишен раст од 9,6% и изнесуваше 3.483 милијарди денари, што е повеќе за 5,6 пати од износот на номиналниот БДП за 2017 година. Најголемиот дел, или 99%, се остварени со кредитните трансфери, а остатокот од 1% со платежните картички. Вкупниот број на извршени трансакции со безготовински платни инструменти за 2017 година изнесува 102 милиона трансакции, при што најголемиот дел се остварени со платежни картички (43%), додека, пак, остатокот се извршени со употреба на кредитни трансфери иницирани на хартија или електронски (со учество од 33% и 24%, соодветно).
Најголемиот број трансакции со кредитни трансфери е остварен од страна на правните лица (71%), додека остатокот се однесува на физичките лица. Електронски иницираните кредитни трансфери учествуваа со 42% во вкупниот број кредитни трансфери во 2017 година. Притоа, правните лица најчесто ги иницираат електронските кредитни трансфери преку користење персонален сметач (99,9%), додека, пак, физичките лица, покрај персонален сметач (92%), користат и мобилен телефон (7%) и банкомат (1%). Во споредба со земјите од ЕУ, РМ е со релативно ниско учество на електронски кредитни трансфери (42%) во вкупниот број кредитни трансфери (старите земји членки на ЕУ[1] со 91%, а земјите членки на групата ЦИЈЕ[2] со 86%).
Платежните картички во земјата најмногу се користат за подигање готовина, односно 69% од вкупната вредност на прометот со картички во земјата се однесуваат на оваа намена, 26% на плаќањето во трговијата на физички места на продажба, 4% отпаѓаат на депонирањето готовина и 1% на интернет-плаќањата. Слично на ова, нерезидентните картички коишто биле користени во земјата, најмногу биле употребувани за подигање готовина (60% од вредноста остварена со странски платежни картички во земјата). Од друга страна, домашните платежни картички најмногу се користеле во странство за плаќања во трговијата на физички места на продажба (55% од вредноста остварена со домашни платежни картички во странство).
Купувањето преку интернет станува сѐ позастапено, при што процентот на население во РМ кое купува преку интернет се зголемува од 5% во 2012 година на 15% во 2017. Сепак, ова ниво е речиси четири пати под просекот на ЕУ, иако 76% од населението во РМ користело интернет, што е релативно близу до просекот на ЕУ (85%). Населението од РМ најмногу купувало од интернет-трговци надвор од ЕУ (76% во 2017 година), при што само 30% од населението купувало од интернет-трговци во земјата, што може да укажува на ограничена понуда на производи и услуги од интернет-трговците во земјата. На крајот на 2017 година, 5 банки во РМ поддржувале електронска трговија кај релативно мал број на интернет-трговци (719).
Напредокот на технологијата на плаќањата, сепак, не го исклучува користењето готовина. Така, во 2017 година во РМ беа извршени 15 трансакции по глава на жител за подигање готовина, додека во трговијата беа извршени 25 трансакции по глава на жител. Споредбено со старите земји членки на ЕУ и земјите од ЦИЈЕ, состојбата е значително различна во корист на трансакциите извршени во трговијата. Кај првите, 28 трансакции по глава на жител се за подигање готовина и 109 трансакции за плаќање во трговијата. Кај земјите од ЦИЈЕ, 18 трансакции по глава на жител се за подигање готовина и 56 трансакции за плаќање во трговијата. Имајќи го предвид ова, а заради постигнување повисок степен на дигитализација на македонското општество и намалување на користењето на готовината, НБРМ, Министерството за финансии и претставниците од банкарскиот сектор изработија Предлог-стратегија за намалување на готовината во Република Македонија.
Во насока на постигнување повисок степен на платежна интеграција со ЕУ, во Народната банка започна да функционира системот за прекугранични плаќања во евра, преку поврзување на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) со платниот систем ТАРГЕТ 2 (Trans-European Automated Real-time Gross settlement Express Transfer system)[3] на Евросистемот од почетокот на 2017 година. Крајната цел на овој проект е побрзо и посигурно да се извршуваат прекуграничните плаќања во евра и да се намалат трошоците за нив, од што пошироката економија би имала придобивки, вклучително компаниите и домаќинствата. Со овој проект целосно се оствари препораката за создавање алтернативен канал за плаќања во евра, покрај коресподентското банкарство, од проектот ИПА „Оценка на потребите на НБРМ“, спроведен од страна на претставници на Европската централна банка и централните банки членки на Евросистемот.
Информација за движењата во плаќањата во Република Македонија во 2017 година
Презентација за информацијата за движењата во плаќањата во Република Македонија во 2017 година