Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 29.06.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот донесе измени и дополнувања на Одлуката за утврдување на методологијата за класификација на активните билансни и вонбилансни позиции на банките според степенот на нивната ризичност, кои имаат за цел натамошно зајакнување на кредитните политики и процедури на банките во доменот на управување со кредитниот ризик. Со овие измени се воведува концептот на класификација на портфолио на мало, т.е. класификација на група мали и сродни кредити. Притоа, на банките им се нуди алтернативно решение кое им го олеснува пристапот при класификацијата на ризичноста на бројни мали кредити. Исто така, со измените и дополнувањата на оваа Одлука се предвидува задолжително издвојување на 1% посебна резерва за потенцијалните загуби кои произлегуваат од кредитната изложеност класифицирана во категорија на ризик А, освен изложеност кон НБРМ, Република Македонија и првокласни банки. За ваквата изложеност досега банките самоиницијативно одлучуваа дали ќе издвојат резервации во висина од 2%.
Советот донесе Одлука за методологијата за издвојување посебна резерва за потенцијални загуби од преземени средства по основ на ненаплатени побарувања. Со одлуката се пропишуваат критериумите за издвојување посебна резерва за потенцијални загуби од преземени средства по основ на ненаплатени побарувања и динамика со која ќе се врши постепен отпис на вака преземените средства, доколку тие не се продадат и не се користат за извршување на функциите на банките.
Советот на Народна Банка на Република Македонија на седницата ја донесе и Одлуката за условите и начинот под кои резидентите можат да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари во трансакциите со нерезиденти. Тргнувајќи од генералната ориентација за ослободување на централната банка од активности кои не се карактеристични за современа централна банка, а имајќи го предвид развојот на финансискиот сектор и концептот за унапредување на економскиот систем на Република Македонија базиран врз принципите на функционала пазарна економија, со одлуката се предвидени услови и начин за наплата во ефективни странски пари во трансакциите со нерезиденти, на начин кој ја исклучува НБРМ од инволвираност во издавање на одобренија за наплата во ефективни странски пари по основ на извоз на стоки и услуги. Одлуката всушност ја потенцира должноста на резидентите, вклучувајќи ги и овластените банки, при вршењето на трансакциите во ефективни странски пари, да се придржуваат кон прописите со кои се регулира спречувањето на перење пари.
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница ги разгледа Кварталниот извештај 1/2006 и Месечната информација за април 2006 година, а воедно беше информиран и за најновите макроекономски движења. Притоа, просечната стапка на инфлација во периодот јануари-мај 2006 година изнесува 3,1%, главно заради зголемувањето на акцизата на почетокот на годината. Вкупниот депозитен потенцијал на банките во мај 2006 година во однос на истиот месец од претходната година е повисок за 17,4%. Проширената депозитна база на банките, во услови на умерено намалување на активните каматни стапки на банките придонесува за натамошно интензивирање на кредитната активност на банките. Така, вкупните кредити на банките кај приватниот сектор на годишна основа (мај 2006 година / мај 2005 година) се зголемија за 22,8%. Монетарната политика се остваруваше во услови на повисока понуда од побарувачка на девизи на девизниот пазар, што придонесе за натамошен пораст на бруто девизните резерви и тие на крајот на мај 2006 година достигнаа 1.212,4 мил. евра. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ остварена е каматна стапка од 5,5%. Во првите три месеци на 2006 година, дефицитот на тековната сметка од билансот на плаќања изнесува 14,8 милиони евра и во однос на истиот период од претходната година е незначително понизок, при повисок трговски дефицит, но и повисоки приливи врз основа на приватни трансфери. Во првиот квартал на 2006 година се остварени и значајни позитивни придвижувања на пазарот на работна сила. Така, според Анкетата за работна сила, во првиот квартал на 2006 година, вкупниот број на вработени лица бележи значителен пораст од 10,3% во споредба со истиот период од претходната година. Следствено, стапката на вработеност е повисока за 3 процентни поени и изнесува 34,6%, при регистрирана стапка на невработеност од 36,2%, која е намалена за 2,5 процентни поени во однос на првиот квартал на 2005 година.
Кабинет на гувернерот