Скопје, 21.12.2000 година
Соопштение на НБРМ
На 21.12.2000 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXXXIII-а седница, на која ја разгледа и усвои Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2001-та година, донесе одлуки со кои влијае на намалувањето на каматните стапки на кредитите што депозитните банки ги одобруваат на стопанството и населението, како и разгледа и усвои повеќе извештаи и одлуки од монетарната, девизната и супервизорската област.
Основна цел на монетарната политика во 2001-та година ќе биде одржување на ниска и стабилна стапка на инфлација, преку одржување на стабилен номинален девизен курс на денарот во однос на германската марка. За да се оствари оваа цел, согласно побарувачката за пари, со мерките на монетарната политика ќе се влијае зголемувањето на паричната маса М2 - денарски дел во 2001-та година да изнесува најмногу 12,1%.
Притоа, новина е што почнувајќи од 2001-та година, согласно меѓународната пракса, инфлацијата во Република Македонија ќе се мери и изразува преку движењето на трошоците на живот, на годишно ниво, а не преку индексот на цените на мало како што беше пракса досега. Се предвидува, во 2001-та година, согласно заедничката проекција на неколку иституции од Република Македонија, стапката на инфлација, мерена преку движењето на трошоците на живот, на годишно ниво, да не биде повисока од 1,2%. Со изборот на следење на инфлацијата преку трошоците на живот, граѓаните на Република Македонија ќе можат на најтранспарентен начин да го следат намалувањето или зголемувањето на трошоците на живот, а со тоа и зголемувањето или намалувањето на нивниот животен стандард.
Советот на НБРМ донесе и две одлуки со кои ја продолжи својата политика на превземање на мерки и активности со кои влијае на намалувањето на каматните стапки на кредитите и депозитите на банките, преку намалување на нивните трошоци на работење. Така, по донесувањето на одлуките за намалување на есконтната стапка и каматната стапка на ломбардните кредити на својата LXXX-та седница одржана на 25.04.2000-та година, Советот на НБРМ, донесе Одлука за измени и дополнувања на Одлуката за класификација на активните билансни и вонбилансни ставки на банките и штедилниците според степенот на нивната ризичност. Со измените на оваа Одлука, депозитните банки се ослободуваат од обврската за издвојување на резервации од 2% за кредитите кои имаат класификација “А”, односно се одобрени на најбонитетни комитенти. Притоа, зголемените ликвидни средства кои ќе се генерираат на оваа основа се очекува да влијаат на зголемување на понудата на кредити, односно на намалување на каматните стапки. Според пресметките на стручните служби на НБРМ, врз основа на податоци со состојба 30.09.2000-та година, со ослободувањето на банките од оваа обврска, на ниво на банкарскиот систем на Република Македонија би се ослободиле 452.817 илјади денари, посебна резерва, што индиректно би го зголемил приходниот потенцијал на банките.
Втората одлука која Советот на НБРМ ја разгледа и усвои, а е во функција на намалувањето на каматните стапки во економијата е Одлуката за изменување на Одлуката за каматните стапки и за стапките на надоместот на НБРМ. Притоа, Народна банка го зголеми надоместот што им го плаќа на износот на задолжителна резерва на депозните банки од 70% на 80% од есконтната стапка, со што директно се влијае на зголемување на приходите на банките, односно на намалување на трошоците што банките ги имаат од издвојувањето на средства во задолжителна резерва. Ова е уште една мерка со која НБРМ влијае на намалувањето на каматните стапки на кредитите на депозитните банки.
Советот на Народна банка на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за реализацијата на монетарната политика во третиот квартал од 2000-та година. И во третиот квартал од 2000-та година, основна цел на монетарната политка беше одржување на ценовната стабилност, преку одржување на стабилен номинален девизен курс на денарот во однос на германската марка. Во третиот квартал од 2000-та година е регистриран умерен пораст на монетарните агрегати, детерминиран главно од вообичаениот сезонски пораст на примарните пари и од порастот на краткорочните депозити кај банките. Вкупните депозити на недржавниот сектор кај депозните банки го продолжија својот тренд на пораст и во третиот квартал од 2000-та година, пришто во третиот квартал остварија највисок квартален пораст регистриран во текот на 2000-та година. Така, вкупните депозити на крајот на септември 2000-та година достигнаа 22.430 милиони денари и во однос на состојбата на крајот од претходното тримесечје се повисоки за 1.994 милиони денари, или за 9,7%. Воедно, како резултат на зголемувањето на депозитниот потенцијал на банките и постојаното високо ниво на ликвидност на банкарскиот систем, дојде до натамошна експанзија на кредитната активност на банките. Така, вкупните пласмани на банките кај недржавниот сектор во третиот квартал од 2000-та година се зголемија за 1.294 милиони денари, или за 3,3% и на крајот на септември достигнаа износ од 40.129 милиони денари. Порастот на вкупните пласмани на банките во целост е резултат на зголемувањето на денарските пласмани.
Состојбата на константно повисока понуда од побарувачка за ликвидни средства регистрирана во третиот квартал од 2000-та година на Пазарот на пари и краткорочни хартии од вредност детерминираше натамошно намалување на пондерираната каматна стапка. Оваа каматна стапка во третиот квартал од 2000-та година во просек изнесуваше 8,8% и во однос на претходниот квартал беше пониска за 1,8 процентни поени.
Значително зголемениот прилив на девизи од надворшни кредитори, грантови, средства добиени од приватизацијата и зголемената извозна активност резултираше со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ на девизниот и менувачкиот пазар во третиот квартал од 2000-та година од 64,6 милиони американски долари. Девизните резерви на крајот на септември 2000-та година изнесуваа 560,7 милиони американски долари и во однос на крајот на јуни се зголемија за 17,2 милиони американски долари.
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе и повеќе одлуки кои значат тековно операционализирање на монетарните и девизните проекции, како и усогласување со новиот Закон за банки. Имено, Советот донесе Одлука за потребната документација за издавање на дозволи според одредбите на Законот за банки. Со Законот за банки се изврши промена на постапката на лиценцирање на нови банки во Република Македонија, која сега е полиберална и е во две фази. Притоа, во првата фаза, врз основа на поднесената документација се издава привремена дозвола, додека за добивање на конечна дозвола, во текот на втората фаза банката е должна да ги исполни дополнителните услови, како што се подготовка на сите пишани процедури и политики, ангажирање на надворешен ревизор, уплата на капиталот и сл. Воедно, со новите измени се предвидува и сосема нов пристап од аспект на оправданоста од основање на нов банкарски субјект во земјата. Притоа, одлучувањето за издавање дозвола за основање и работење на банка исклучиво ќе се темели на оценката на идните можности на финансискиот субјект (банката) за работа во согласност со законската регулатива и пропишаните супервизорски стандарди, како и оценката на интегритетот на работоводниот орган и другите лица со посебни права и одговорности и акционерите на банката. Во таа смисла, доколку целокупната документација не обезбедува доволно веродостојни и убедливи информации за оправданоста од основање на нова банка, Народна банка на Република Македонија, како овластен супервизорски орган нема да издаде дозвола за основање и работа на банката. Со овие измени, Одлуката е усолгасена со Базелските принципи број 3 и 4, односно со меѓународните супервизорски стандарди и практики и со одредбите на новиот Закон за банки.
Во рамките на усогласувањето на подзаконските акти со новиот Закон за банки, Советот на НБРМ ја донесе Одлука за начинот на вршење супервизорски надзор на банките и постапката за превземање мерки за отстранување на утврдените неправилности. Со измените на оваа одлука предвидено е воспоставување на систем на ефикасни мерки за надзор и санкционирање на работењето на банките и штедилниците. Притоа, механизмот на превземање мерки може да се движи од писмено предупредување до банката или штедилницата, до носење на решение со корективни мерки, укинување на согласноста за именување на работоводен орган, именување на повереник, принуден управник и одземање на дозволата за работа.
Совет на Народна банка на Република Македонија