На 16.12.1999 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXXVI-а седница, на која се дискутираа прашања од монетарната и девизната област.
Скопје, 16.12.1999 година
На 16.12.1999 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXXVI-а седница, на која се дискутираа прашања од монетарната и девизната област.
Членовите на Советот на НБРМ ја разгледаа и усвоија Проекцијата на монетарната политика за 2000-та година, која согласно законската процедура ќе биде доставена до Собранието на Република Македонија на усвојување. На седницата се констатира дека монетарната политика во 2000-та година се очекува да се реализира во нормални услови, односно дека нејзиното остварување нема да биде попречувано од силните екстерни шокови со кои се соочувавме во 1999 година. Притоа, основните макроекономски претпоставки врз кои се очекува да се реализира монетарната политика во 2000-та година се: реален пораст на БДП од 6,0%, кој би бил на ниво на просечната стапка на пораст на најуспешните земји во транзиција; годишната стапка на инфлација најмногу до 4,0%, вклучувајќи го ефектот од воведувањето на данокот на додадена вредност, како и промените на цените на енергенсите; девизниот курс и натаму ќе претставува основна интермедијарна цел на монетарната политика, која ќе биде во функција на остварување на ценовната стабилност како крајна цел на монетарната политика. Користењето на девизниот курс како основно номинално сидро произлегува од емпириски потврдениот висок степен на корелација меѓу движењата на девизниот курс и стапката на инфлација.
Монетарната политика во 2000-та година ќе биде насочена кон одржување на стабилноста на домашната валута, при што преку оптимално дозирање на понудата на пари и кредити ќе се настојува и да се поддржи реализацијата на предвидениот економски раст. Номиналниот пораст на понудата на пари (паричната маса М2) во 2000-та година ќе изнесува 13,5%, што е за 2 процентни поени над овогодинешната проекција. Согласно настојувањата монетарната политика да биде во функција на остварување на подинамичен стопански раст, со проекцијата за 2000-та година се предвидува висок пораст на вкупните кредити на банките за 6,1 милјарди денари, или за 17,9%. Тоа е највисок проектиран пораст на кредитната активност од монетарното осамостојување, а за 2,5 пати повисок во однос на остварениот пораст на кредитите во оваа година.
Девизниот пазар се очекува да продолжи тенденцијата на вишок на понуда над побарувачката за девизи, што главно ќе произлезе од капитални приливи врз основа на донации и странски инвестиции. Притоа, вкупно се предвидува нето вишокот на девизи во 2000-та година да изнесува 55,4 милиони САД долари. Со цел да не дојде до нарушување на стабилноста на девизниот курс на денарот, Народна банка ќе интервенира на пазарот со откуп на вишокот на понуда на девизи над побарувачката, што ќе овозможи пораст на официјалните девизни резерви за 80 милиони САД долари. Со тоа, тие ќе достигнат ниво од 3,3 месечен увоз на стоки. Со оглед дека предвидениот вишок на девизи го надминува постоечкиот капацитет на монетарните инструменти, откупот на девизи ќе треба да биде поддржан со пренос на депозити од државата кај централната банка во износ од 1.300 милиони денари. Тоа ќе овозможи предвидениот пораст на примарните пари во 2000-та година да не се исцрпува за откуп на девизниот вишок, туку да биде ставен во функција на поддршка на кредитната активност на банките.
Народна банка на Република Македонија ќе продолжи со ориентацијата кон пазарни инструменти на монетарно регулирање. Во таа насока, во 2000-та година ќе се пристапи кон укинување на кредитните лимити, како непазарен инструмент за монетарна контрола. За притоа да не се изгуби контролата врз порастот на монетарните агрегати, неопходно е да се продлабочи пазарот на благајнички записи и други хартии од вредност и да се зајакне супервизорската контрола, посебно во однос на квалитетот на банкарските пласмани. Воедно, целосната афирмација на меѓубанкарскиот пазар на пари, заедно со реформите во платниот промет, се очекува да овозможат пооптимално дисперзирање на ликвидноста во банкарскиот систем и поефикасно управување со паричните средства од страна на банките.