Скопје, 15.07.2008 година
Соопштение на НБРМ
На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија, го усвои Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија за 2007 година. Ова е вториот по ред извештај од ваков тип, кој содржи анализи и проценки за финансиската стабилност во Република Македонија, со акцент на ризиците присутни во финансискиот систем. Основниот заклучок е дека финансиската стабилност во Република Македонија во 2007 година беше задоволителна. Одредени ризици покажуваат нагорен тренд, но на краток рок не се очекува да предизвикаат нарушување во функционирањето на финансискиот систем. Во споредба со 2006 година, макроекономските ризици и другите ризици кои произлегуваат пред сe од секторот "население" добиваат поголемо значење. Ризиците кои што се генерираат директно од одделните сегменти на финансискиот систем, генерално, се во контролирани рамки.
Во 2007 година продолжи растот на активата на финансискиот систем. Вкупните средства на финансискиот систем на 31.12.2007 година изнесува 247.139 милиони денари и во споредба со 2006 година се зголемија за 51.299 милиони денари, односно за 26,2%. Воедно, тие претставуваат 72,9% од бруто домашниот производ, што во однос на 2006 година е зголемување за 9,9 процентни поени. Банките како доминантен сегмент во финансискиот систем опфаќаат 90,5% од вкупните средства. Втор сегмент по значење останаа осигурителните компании, со учество од 4,5% во активата на финансискиот систем.
Како резултат на преземањето на неколку финансиски институции (главно од осигурителниот и банкарскиот сектор) од страна на стратешки инвеститори и основањето нови финансиски институции (главно во секторот "лизинг", брокерските куќи, друштвата за управување со инвестициски фондови) од страна на странски лица, странскиот капитал ја зголеми својата улога и значење во сопственичката структура на одделните финансиски институции. На крајот од 2007 година, странскиот капитал учествуваше со околу 70% во сопственичката структура на банките и осигурителните компании, нешто над 80% кај друштвата за управување со инвестициските фондови и со над 95% кај друштвата за лизинг. Споредено со крајот на 2006 година, најголем раст на учеството на странскиот капитал, од 13%, се забележа во сопственичката структура на банките.
Банкарскиот систем на Република Македонија продолжи динамично да се развива и во 2007 година, задржувајќи ја стабилноста и отпорноста на надворешните фактори. На крајот од 2007 година вкупната актива на банкарскиот систем достигна 226.545 милиони денари и во однос на крајот на 2006 година, се зголеми за 28,4%. Порастот на активностите на банките, не беше проследен со значително влошување на нивниот профил на ризичност. Кредитниот ризик остана доминантниот ризик во работењето на банките. Преку користењето на договорни заштитни клаузули (валутна клаузула и клаузула за т.н. прилагодливи каматни стапки-каматни стапки променливи според одлука на надлежен орган на банка) се зголемува т.н. индиректна компонента на кредитниот ризик кај банките. Во 2007 година, дојде до израз кредитниот ризик кој произлегува од значителниот кредитен раст кај населението, особено во доменот на кредитните картички и дозволените пречекорувања по тековни сметки, каде се забележуваат првите знаци на влошување на квалитетот. Наспроти кредитниот ризик, другите ризици имаат релативно помало значење во структурата на изложеност на банките на ризици. Капиталната позиција на банките остана на релативно високо ниво и генерално ги покрива идентификуваните ризици.
Во 2007 година придонесот на осигурителниот сектор во вкупните средства на финансискиот систем и во вкупното финансиско посредување во Република Македонија се намали. На крајот на 2007 година активата на осигурителниот сектор изнесуваше 11.075 милиони денари или за 24,2% помалку во однос на крајот на 2006 година. За надминување на ризиците кај осигурителниот сектор, меѓу другото, потребно е дополнително да се изгради супервизорската функција. Без тоа, отежната е идентификацијата и мерењето на ризиците што се присутни во овој сегмент од финансискиот систем.
Најбрзо растечки сегменти од финансискиот систем во 2007 година беа лизинг друштвата, пензиските фондови и брокерските куќи. И покрај порастот на активата на секторот лизинг за 82%, сепак нејзиното учество во вкупната актива на финансискиот систем остана ниско и изнесуваше 2%. Вредноста на склучените лизинг договори претставува 1% од БДП.
Вкупните средства на пензиските фондови на крајот на 2007 година изнесуваат 3.124 милиони денари и забележаа годишен пораст од 151,5%. Овој пораст пред сe се должи на порастот на бројот на осигурениците, односно членовите во пензиските фондови за 27,0% на годишна основа. Учеството на пензиските фондови во активата на финансискиот систем е сеуште ниско и изнесува 1,3%. Во услови на зголемена инфлација, пред пензиските фондови останува предизвикот за заштита на реалната вредност на нивните средства.
Раздвижувањето на пазарот на капитал во Република Македонија во изминатите неколку години, со поголем интензитет продолжи и во 2007 година. Притоа беше регистрирано значително зголемување на прометот на берзата, пораст на пазарната капитализација, беа основани нови брокерски куќи и формирани првите инвестициски фондови како резидентни портфолио инвеститори. Сепак, пазарот на капитал сеуште го карактеризираат неразвиеност на примарниот пазар, ограничена ликвидност на секундарниот пазар, висока концентрација и висока чувствителност на одлуките на инвеститорите од економските и неекономските случувања на регионален и меѓународен план. Овие карактеристики дојдоа до израз при крајот на 2007 и почетокот на 2008 година, кога беше забележано значително опаѓање на прометот, надолна ценовна корекција и дополнително намалување на ликвидноста на македонската берза.
Кабинет на гувернерот