за 23. Годишна конференција на БСЦЕЕ
Скопје, 15.06.2010 година
Соопштение на НБРМ
за 23. Годишна конференција на БСЦЕЕ
Во периодот од 15 до 17 јуни 2010 година, Народната банка на Република Македонија ќе биде домаќин на 23. Годишна конференција на Групацијата на банкарските супервизори од Централна и Источна Европа (БСЦЕЕ). На минатогодишната Конференција во Минск, Белорусија, Народната банка на Република Македонија беше избрана за претседавач на Групацијата за 2010 година. Претседателствувањето е во траење од една година.
Оваа групација е формирана во 1991 година во Будимпешта од страна на супервизорските органи на шест земји: Бугарија, Чешка, Унгарија, Полска, Романија, Словaчка и Русија. Во 1996 година, по препорака на Базелскиот комитет за банкарска супервизија (БЦБС), на Меѓународната конференција на банкарски супервизори (ИЦБС) одржана во Стокхолм, тогашните 16 земји-членки на оваа групација склучија спогодба за меѓусебна соработка во доменот на банкарската супервизија.
Основната цел на оваа групација е поддршка на соработката помеѓу нејзините членки, како и нивна обука и унапредување, а воедно, таа претставува и форум за размена на знаења и искуства помеѓу членките. Една од целите на оваа групација е да го олесни процесот на интеграција на супервизорските органи на нејзините членки во европскиот систем на банкарска супервизија.
Република Македонија е членка на Групацијата од 1996 година, а во овој момент во неа членуваат супервизорските органи од 21 земја.
Конференцијата чиј домаќин е Народната банка на Република Македонија, ќе се одржи во хотелот „Горица“ во Охрид, а неа ќе ја отвори гувернерот на Народната банка, г-н Петар Гошев. На Конференцијата ќе присуствуваат првите луѓе на банкарските супервизорски органи од (по азбучен редослед): Австрија, Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Литванија, Полска, Русија, Словенија, Словачка, Србија, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора, Чешка.
Во работниот дел на Конференцијата учесниците ќе ги разменат своите искуства за две исклучително актуелни теми во моментов: (1) Лекциите научени од глобалната економска криза и преземените мерки за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и (2) Стандардите и мерењето на ликвидносниот ризик, со осврт на националните мерки преземени во текот и после кризата. За овие две теми, во Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, во тек се меѓународни дискусии, чија цел е изнаоѓање најсоодветни начини за унапредување на банкарската регулатива и зајакнување на отпорноста на банкарските системи.
Во улога на гости и презентери, на конференцијата ќе присуствуваат и претставници на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) од Базел, Швајцарија, од Европската централна банка и на една интернационална банкарска групација.
Во слободните часови интернационалните гости ќе имаат можност да ги запознаат и да уживаат во убавините на Охрид и Охридското езеро.