Скопје, 07.05.2008 година
Соопштение на НБРМ
На денешната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, со која претседаваше Гувернерот на НБРМ беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми од 6% на 7%. Одлуката за пораст на каматната стапка произлегува од макроекономските движења коишто упатуваат на краткорочни и среднорочни ризици, што можат негативно да делуваат врз исполнувањето на целите на монетарната политика.
Последните податоци говорат дека годишната стапка на инфлација покажува знаци на стабилизирање, но исто и дека месечната стапка, иако со забавено темпо, бележи раст, со истовремен раст и на просечната инфлација. Исто така, она што е особено важно е влошувањето во екстерниот сектор. Тоа говори дека се уште постои ризик од натамошно подгревање на инфлациските очекувања и влошување на екстерната позиција на економијата. И покрај тоа што најголем дел од дебалансите директно се генерирани од екстерни фактори, сепак, задржувањето на високи стапки на кредитен раст, како и побрзиот раст на платите во однос на продуктивноста, го зголемуваат ризикот од инфлациски притисоци и влошување на екстерната позиција и на среден рок.
Поконкретно кажано, месечната стапка на инфлација во април изнесуваше 0,4% што споредено со претходните два месеци е забавување од 0,4 процентни поени, а просечната инфлација е зголемена на 9,7% (за разлика од февруари и март кога изнесуваше 9,1 и 9,5%, соодветно). Годишната, пак, стапка на инфлација (април 2008 година во однос на април 2007 година) е речиси непроменета и изнесува 10,1% што е позитивен сигнал. Но, гледано во целина, нивото на инфлација и инфлациските очекувања сеуште се високи. И од последните податоци, евидентно е дека промените на цените на храната се главниот двигател на инфлацијата, што објаснува околу 79% од годишната промена на инфлацијата во април. Позитивен сигнал е што и во април базичната инфлација (инфлација без храна и енергија) минимално се намали на 2,6% од 2,7% во март.
Во екстерниот сектор, што е исклучително важен за макроеконмските перформанси и одржувањето на макроекономската стабилност, во првиот квартал на годината продолжи продлабочувањето на трговскиот дефицит, којшто на годишна основа е повисок за речиси 80%, при значително побавен раст на извозот (9,5%) во однос на увозот на стоки (30,8%). Притоа, приближно половина од оваа промена го одразува продлабочениот дефицит во размената на енергија. Сепак, имајќи го предвид растот на увозот на стоки за широка потрошувачка (што само во еден дел е ценовен ефект од растот на увозните цени на храната), може да се каже дека рапидниот раст на потрошувачките кредити, како и порастот на платите, придонесуваат во креирањето на екстерните дебаланси.
По исклучително високиот раст на учеството на кредитите во БДП во 2007 година, рапидното финансиско продлабочување продолжи и во првите месеци на 2008 година. Годишната стапка на раст на кредитите во март достигна 42,2%, при речиси 60% годишен раст на кредитите на населението. Во услови кога голем дел од кредитирањето на секторот население се должи на растот на потрошувачките кредитите, ваквото финансирање на личната потрошувачка дополнително ги стимулира инфлациските притисоци, а придонесува и за влошување на тековната сметка на билансот на плаќања.
Одржувањето на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс се во фокусот на монетарната политика, и затоа НБРМ цврсто останува на ставот за преземање на сите потребни мерки, што ќе значат стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања, ограничување на преносните ефекти на цените на храната и енергијата врз платите и останатите цени во економија, и одржување на стабилноста на девизниот курс, за што има на располагање адекватно ниво на девизни резерви. Се разбира, од големо значење за остварување на целите на Народната банка ќе биде придонесот којшто можат да го дадат останатите пазарни учесници.
Кабинет на гувернерот