Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата IV седница, на која ги разгледа и усвои: Годишниот извештај на Народна банка на Република Македонија за 2003 година, Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во 2003 година и Извештајот за ракување и управување со девизните резерви на Република Македонија во 2003 година.
Скопје, 06.05.2004 година
Соопштение на НБРМ
Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата IV седница, на која ги разгледа и усвои: Годишниот извештај на Народна банка на Република Македонија за 2003 година, Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во 2003 година и Извештајот за ракување и управување со девизните резерви на Република Македонија во 2003 година.
Во Годишниот извештај на НБРМ за 2003 година е констатирано дека подобрената економска состојба, изразена преку интензивирање на вкупната економска активност, поддржана со ценовната стабилност и стабилен девизен курс на домашната валута претставуваа поволен макроекономски амбиент за остварување на подинамичен економски раст во 2003 година. Имено, по скромното придвижување на македонската економија во претходната година (раст од 0,9%, пред сi поради бавната ревитализација од негативните влијанија на безбедносната криза во 2001 година), во 2003 година е регистриран реален пораст на бруто домашниот производ (БДП) од 3,2%. Остварениот економски пораст го надминува проектираниот реален пораст на БДП за 2003 година (2,8%). Позитивни движења беа регистрирани и во надворешниот сектор изразени преку намалување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќање кој во 2003 година изнесуваше 6,0% од БДП и во однос на претходната година се намали за 3,6 процентни поени.
Во 2003 година вкупниот надворешен долг на Република Македонија се зголеми за 10,9% и достигна 1.812,6 милиони САД долари. Притоа, 84,7% од зголемувањето го рефлектира ефектот од остварените курсни разлики поради континуираната депресијација на американскиот долар во однос на еврото на меѓународните девизни пазари, а остатокот од 15,3% го претставува реалното зголемување на надворешниот долг. Индикаторите на надворешната задолженост покажуваат ниска, односно умерена надворешна задолженост на Република Македонија, во услови на редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори.
Од аспект на монетарната политика, во 2003 година НБРМ продолжи успешно да ја применува стратегијата на таргетирање на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Така, одржувањето на стабилен девизен курс придонесе за успешно одржување на ценовната стабилност, како основна и законски утврдена цел на монетарната политика (во 2003 година е остварена просечна стапка на инфлација од 1,2%, што е под очекуваната просечна стапка на инфлација од 1,8%, а воедно е пониска од инфлацијата остварена во 2002 година за 0,6 процентни поени).
Каматната политика на НБРМ во 2003 година беше насочена кон континуирано намалување на каматните стапки. Имено, во текот на 2003 година беа извршени повеќекратни намалувања на есконтната стапка и каматната стапка на ломбардните кредити. Така, со двократното намалување на есконтната стапка во февруари (за 2,7 процентни поени) и април (за дополнителни 1,5 процентни поени), таа беше намалена од 10,7%, колку што изнесуваше на почетокот на 2003 година, на 6,5%. Каматната стапка на ломбардните кредити беше трикратно намалена: во февруари (за 5,5 проценти поени), април (за 1,5 процентни поени) и ноември (за 2 процентни поена), сведувајќи се на 14% (од иницијалното ниво од 23%). Ваквата каматна политика на НБРМ претставуваше јасен сигнал за промените во насоката на монетарната политика и потреба од соодветно прилагодување на каматната политика на банките.
Во текот на 2003 година, монетарната политика се спроведуваше во значително променет амбиент, споредено со претходните две години. Имено, успешната фискална консолидација, значително намалениот ризик и стабилизираните очекувања на економските субјекти отворија простор за постепена промена на поставеноста на монетарната политика. Така, во 2003 година динамиката на каматните стапки на НБРМ покажува постепено релаксирање на монетарната политика. Ова пред сi може да се согледа преку просечната пондерирана каматна стапка на благајничките записи (кои останаа основен инструмент за монетарно регулирање), која од 15,2% на крајот на претходната година се сведе на 6,2% на крајот на 2003 година. Оперативната флексибилност на монетарната политика се потврди со прилагодувањето на поставеноста на аукциите на благајнички записи во текот на годината. Така, во април 2003 година се премина кон аукции на принципот “тендер со износи”, со фиксна каматна стапка од 7%, додека во октомври повторно беа воведени аукциите на принципот “тендер со каматни стапки”, односно пазарно формирање на каматните стапки со аукцирање од страна на банките.
Во 2003 година банките продолжија да обезбедуваат дополнителен финансиски потенцијал за приватниот сектор преку интензивирана кредитна активност. Основни фактори кои во текот на 2003 година делуваа во насока на интензивирано кредитирање се:
-намалениот ризик на земјата и намалениот кредитен ризик;
-пониската цена на кредитите;
-пошироката депозитна база;
-диверзифицираната понуда на кредити;
-можноста за одобрување на девизни кредити на сите заинтересирани субјекти.
Овие фактори придонесоа за годишен пораст на вкупните кредити на банките од 18,8% (при истовремен значителен пораст на денарските и девизните кредити од 17,6% и 26,4%, соодветно). Во текот на 2003 година, беше регистрирано постепено прилагодување на каматната политика на банките на монетарните сигнали. Ваквата респонзивност, придонесе за соодветно намалување на активните и пасивните каматни стапки на банките.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои и Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во 2003 година. Активностите од доменот на банкарската супервизија на Народна банка во текот на 2003 година може да се сублимираат преку следното:
-натамошно унапредување на регулативната рамка на банкарскиот систем и извршувањето на банкарската супервизија;
-лиценцирање, т.е. издавање на дозволи за основање и согласности за работење на банки штедилници;
-супервизија, односно контрола на работењето на банките и штедилниците;
-преземање на корективни мерки спрема банките и штедилниците.
Во 2003 година е утврден тренд на подобрување во структурата на CAMELS сумарниот рејтинг на банките. Така, во овој период една банка го доби највисокиот рејтинг “1”, бројот на банки со сумарен рејтинг “3” се зголеми од 3 на 7, додека бројот на банки со сумарен рејтинг “4” се намали од 8 на 4. Ваквата состојба значи поместување во структурата кон оценки што рефлектираат понизок степен на ризик.
Банкарскиот систем на Република Македонија, на крајот на 2003 година го сочинуваа 21 банка и 15 штедилници. Споредено со 31.12.2002 година, бројот на банките е останат ист, наспроти намалувањето на бројот на штедилниците.
Заради поадекватна анализа на нивните перформанси, банките во Република Македонија може да се категоризираат во три групи согласно критериумот големина на вкупната актива и тоа:
-големи банки (со актива над 15 милијарди денари);
-средни банки (со актива од 2 до 15 милијарди денари) и
-мали банки (со актива до 2 милијарди денари).
Согласно овој критериум, со состојба на 31.12.2003 година, групата на големи банки се состои од 2 банки, во групата на средни банки влегуваат 6 банки, додека 13 банки имаат вкупна актива помала од 2 милијарди денари и влегуваат во групата на мали банки.
Најзначајна група на банки од аспект на финансискиот потенцијал е групата на големи банки, која опфаќа повеќе од половина од вкупниот банкарски финансиски потенцијал или 55,5%, додека најголема група, од аспект на бројот на банките, е групата мали банки, во која се вклучени 13 банки. Структурните карактеристики на банкарскиот систем на Република Македонија по групи на банки, на крајот на декември 2003 година, во основа остануваат исти, споредено со декември 2002 година.
Кредитниот ризик на банките во Република Македонија, анализиран низ призмата на основните индикатори за движењето и квалитетот на нивното портфолио на крајот од 2003 година, бележи благ тренд на намалување. Така, вкупната кредитна изложеност класифицирана во В, Г и Д ризични категории на крајот од 2003 година изнесуваше 15,1%, што во однос на крајот од 2002 година е подобрување за 0,8 процентни поени.
На крајот од 2003 година, банките во Република Македонија, на агрегатно ниво, прикажаа позитивен финансиски резултат во износ од 448 милиони денари. Од вкупно 21 банка во Република Македонија, 17 банки кои зафаќаат 93,7% од вкупниот финансиски потенцијал на сите банки, во своите биланси прикажаа нето добивка.
Просечната стапка на адекватност на капиталот на банките во Република Македонија со состојба 31.12.2003 година изнесува 25,8% и во споредба со крајот на 2002 година е намалена за 2,3 процентни поени.
Релативно високата адекватност на капиталот, пред се кај групата на мали банки, е показател за стабилна солвентна позиција на банките во Република Македонија, но во исто време е и показател за слабата ефикасност во вршењето на финансиската интермедијација. Предизвикот за поадекватното балансирање помеѓу стабилноста и ефикасноста со тежнение кон поголема ефикасност е задача што стои пред банките во наредниот период. Исполнувањето на оваа задача неминовно ќе доведе до намалување на ваквата висока стапка на адекватност на капиталот.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои и Извештајот за ракување и управување со девизните резерви на Република Македонија во 2003 година. Притоа, Советот констатира дека девизните резерви на Република Македонија на 31.12.2003 година го достигнаа нивото од 904 милиони САД долари, што во споредба со 31.12.2002 година претставува пораст од 169 милиони САД долари. Ваквото ниво на девизните резерви овозможи покриеност на увозот во висина од 4.7 месеци. Споредено со поставениот таргет од ММФ, согласно Stand by аранжманот, кој предвидуваше пораст на девизните резерви од 7.8 милиони САД долари, реализирано е надминување на таргетот за 20.4 милиони САД долари. Советот, исто така констатира, дека во текот на 2003 година, Народна банка при ракувањето со девизните резерви ги почитуваше принципите на сигурност, ликвидност и рентабилност.
Советот на Народна банка на Република Македонија, исто така, донесе повеќе одлуки од девизната и монетарната област, кои претставуваат усогласување со промените на законската регулатива.
Кабинет на гувернерот