На денешната седница, Комитетот за оперативна монетарна политика донесе одлука за зголемување на каматната стапка на благајничките записи на НБРМ од 5,25% на 6%. Оваа одлука за дополнително зголемување на референтната каматна стапка се презема поради натамошното интензивирање на инфлацијата, а особено поради интензивирањето на базичната стапка на инфлација.
Скопје, 06.03.2008 година
Соопштение на НБРМ
На денешната седница, Комитетот за оперативна монетарна политика донесе одлука за зголемување на каматната стапка на благајничките записи на НБРМ од 5,25% на 6%. Оваа одлука за дополнително зголемување на референтната каматна стапка се презема поради натамошното интензивирање на инфлацијата, а особено поради интензивирањето на базичната стапка на инфлација.
Анализирајќи го зголемувањето на годишната стапка на инфлацијата од 8,7% во јануари на 9,6% во февруари, Комитетот констатираше дека и натаму, главен двигател на инфлацијата се цените на исхраната, со годишен скок од 18,7%, или придонес во вкупниот индекс на инфлацијата од 74,5%. Меѓутоа, Комитетот констатира дека податоците за февруари, не само што покажуваат продолжен раст на инфлацијата, туку и јакнење на инфлациските очекувања искажани преку проширување на опфатот на порастот на цените и кај други групи на производи и услуги. Имено, т.н. базична инфлација, која што го исклучува влијанието на растот на цените на исхраната и цените на енергијата врз вкупниот индекс на цените, говори токму за таквото проширување на бројот на производи и услуги со зголемени цени. Така, базичната инфлација во декември 2007 година изнесуваше 1,2%, во јануари оваа година 2,6%, додека пак во февруари се искачи на 3,2%. Тоа истовремено говори дека е во тек постепена материјализација на определени секундарни ефекти врз нивото на инфлацијата, кои доаѓаат од страната на побарувачката, но, исто така, и можна материјализација на психолошкиот фактор, кој, без сомнение, доживува извесна интензификација.
Притисоците од страна на побарувачката главно произлегуваат од интензивираниот пораст на платите скоро во сите сектори на економијата и силниот кредитен раст. Во последниот квартал од 2007 година беше регистриран номинален пораст на просечната исплатена нето плата по вработен од 11,8% и реален раст од 6,6%. Во јануари 2008 година годишната стапка на раст на кредитите на банките за приватниот сектор се искачи на 40%, во чии рамки годишниот раст на кредитите на населението изнесува 56%.
Во последните неколку месеци податоците говорат и дека трговскиот биланс бележи зголемени негативни салда.
Исто така, Советот на Народната банка усвои измени на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот на банките. Со измената е зголемен пондерот на ризичност за искористени пречекорувања по тековни сметки и искористени кредити по кредитни картички од страна на физичките лица, што значи дека банките треба за ваква активност да алоцираат поголем дел од својот капитал. Измената е мотивирана од тоа што во изминатите две години најбрзо расте кредитната изложеност на банките кон секторот население по основ на овие кредитни производи, а 75% од таквата кредитна изложеност не е обезбедена. Целта на ваквата прудентна мерка на Народната банка е да се димензионира кредитниот ризик за банкарскиот сектор, кој што произлегува од овие кредитни производи, на прифатливо ниво. Се очекува оваа мерка да ја забави натамошната кредитна експанзија со вакви карактеристики, а може да влијае и во насока на извесно намалување на инфлаторните притисоци што доаѓаат од страната на побарувачката.
НБРМ уште еднаш потсетува дека намалувањето на стапката на инфлација бара соодветен придонес и од страна на другите пазарни учесници.
Кабинет на гувернерот