Денес Советот на Народната банка ја одржа својата седма седница.
Советот го разгледа Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2010 година, при што беше констатирано дека финансиската стабилност во Република Македонија во 2010 година беше на задоволително ниво, а ризиците за нејзиното идно одржување забележаа намалување.
Вкупните средства на финансискиот систем се зголемија за 13,3%, близу двапати повеќе во однос на растот остварен во претходната година, што е условено пред сé од растот на средствата на банките и пензиските фондови. Постепеното закрепнување на домашната економија, како и поволните движења во надворешниот сектор, придонесоа за заживување на активностите на банкарскиот систем, одржувајќи го нивото на ризици во контролирани рамки. Банкарскиот систем во Република Македонија се одликува со стабилна ликвидност и висока адекватност на капиталот, како и со силна депозитна база којашто претставува главен носител на растот на изворите на финансирање на банкарските активности. Неизвесноста во врска со идното закрепнување на глобалната економска активност предизвика одредена воздржаност на банките при преземањето на ризиците, што доведе до зголемување на вложувањата во нискоризични финансиски инструменти. Имено, најголемите предизвици за домашниот банкарски систем произлегуваат од меѓународното економско опкружување, а примарно се однесуваат на идната динамика на светските цени на нафтата и храната, неизвесноста во врска со економската активност на нашите најголеми трговски партнери и ризиците предизвикани од должничката криза во некои од земјите од евро-зоната.
Ризиците врз финансиската стабилност коишто ги создаваа домаќинствата и корпоративниот сектор во текот на 2010 година се во контролирани граници, за разлика од 2009 година, кога тие беа оценети како растечки. Подобрувањето на глобалните услови и растот на активностите во економиите на нашите најважни трговски партнери придонесе за позначително раздвижување кај сегментот на домашниот корпоративен сектор ориентиран кон извоз. Во такви услови, ликвидноста на корпоративниот сектор бележи подобрување во однос на 2009 година, додека показателите за ефикасноста на користењето на средствата се задржаа на речиси исто ниво. Потврда за заживувањето на активностите на корпоративниот сектор претставува и подобрувањето на капацитетот на корпоративниот сектор за одржување и унапредување на профитабилното работење, при што добивката од редовното работење се зголеми за близу 10% во споредба со 2009 година. Показателите за задолженоста на корпоративниот сектор покажаа благо зголемување.
Позитивниот јаз меѓу расположливиот доход и личната потрошувачка во 2010 година се зголеми, што услови годишен раст и на стапката на штедење на домаќинствата. Воедно, вложувањата во депозити кај домашните банки и штедилници имаа најголем придонес за растот на финансиската актива на домаќинствата. Повисоката годишна стапка на раст на финансиската актива, во споредба со стапката на раст на долгот, упатува на подобрување на способноста на домаќинствата за отплата на вкупниот долг.
Клучен фактор на ризик за финансиската состојба на корпоративниот сектор и домаќинствата претставува нивната висока изложеност кон каматен и валутен ризик, при што евентуалните промени на девизниот курс и растот на каматните стапки би влијаеле врз нивната способност за сервисирање на долговите, а оттука и врз остварувањата на банките.
Останатите сегменти од финансискиот систем имаат скромно влијание врз севкупната финансиска стабилност во Република Македонија, бидејќи сé уште располагаат со скромен обем на средства. Значењето на лизингот за вкупниот финансиски систем, што и претходно беше мало, уште повеќе се намали, додека капитално финансираното пензиско осигурување се соочува со зголемени ризици од извршените вложувања. Ризиците коишто произлегуваат од осигурителниот сектор се со надолна насока, што пред сé се темели на засилените активности на супервизорскиот и регулаторниот орган за воведување на меѓународните стандарди во овој сегмент од финансискиот систем.
На денешната седница, Советот донесе четири одлуки во доменот на заштитата на потрошувачите при користењето потрошувачки кредити. Со овие одлуки се врши усогласување со новиот Закон за заштита на потрошувачите, се обезбедува зголемена транспарентност при одобрувањето потрошувачки кредити од страна на кредиторите и попрецизно се определуваат трошоците коишто се вклучуваат во пресметката на стапката на вкупните трошоци на кредитот.
Советот на Народната банка усвои измени и на три подзаконски акти: Одлуката за лимитите на изложеноста, Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот и Одлуката за управување со кредитниот ризик, со кои се воведе кредитниот рејтинг како пообјективен критериум при утврдувањето на ризичноста на побарувањата на банките. На овој начин се врши усогласување и со меѓународните супервизорски стандарди и Европската директива за основање и работење на кредитните институции.
Советот ja разгледа и ја усвои Одлуката за начинот, формата и роковите за доставување статистички податоци и информации за средствата и обврските на останатите финансиски институции. Со оваа одлука, Народната банка за првпат вклучува останати (недепозитни) финансиски институции (друштвата за осигурување, инвестициските и пензиските фондови, како и друштвата коишто управуваат со инвестициските и пензиските фондови), како редовни известувачи, со што се овозможува подобар опфат на финансискиот сектор во извештаите, што е во согласност со потребите за истражување и анализа на случувањата во финансискиот сектор.
Советот донесе и две одлуки од областа на трезорското работење на Народната банка. Имено со Одлуката за начинот и условите за замена на книжните и кованите пари што станале непогодни за промет, се допрецизираат условите за замена, што е во согласност со новиот Закон за Народната банка. Со Одлуката за начинот и постапката со кои се дозволува репродукција на книжни и ковани пари се обезбедува заштита на македонскиот денар од неовластени репродукции и е во насока на натамошно усогласување со европското законодавство.
На седницата беа презентирани најновите макроекономски движења. Бруто домашниот производ во првиот квартал на 2011 година оствари реален годишен раст од 5,1%, што е во согласност со проекциите на Народната банка. Главни носители на растот се извозот и инвестициите. Од аспект на секторите коишто учествуваат во создавањето на БДП, зголемената активност во индустријата, трговијата и градежништвото има најголем придонес за економскиот раст. Поволните движења во економијата се потврдуваат и преку податоците за пазарот на труд, коишто покажуваат годишен раст на бројот на вработени (за 5,5%) и пад на бројот на невработени лица (за 4,8%) во првиот квартал на 2011 година. Ваквите поместувања условија пад на стапката на невработеност за 2,3 п.п., на годишна основа, којашто во првиот квартал изнесува 31,2%. Според најновите податоци за индустриското производство, во мај е забележан минимален раст на обемот на производството во однос на претходниот месец, односно раст од 6,9% на годишна основа (11,8% во април). И покрај значителниот позитивен придонес на производството на тутун, метали, електрична опрема и облека, намаленото производство на енергија претставува главен фактор за забавувањето на годишниот раст кај индустријата. Сепак, во првите два месеца од вториот квартал на 2011 година, индустриското производство и натаму бележи висок годишен раст, којшто во просек изнесува 9,3% (13,8% во првиот квартал). Ваквите остварувања, како и останатите расположливи, високофреквентни показатели и анкетните статистички истражувања засега упатуваат на задржување на позитивната динамика на БДП и во текот на вториот квартал на годината.