Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата прва седница
На седницата, Советот на Народната банка го разгледа најновиот Квартален извештај, при што беше констатирано дека каматната стапка на аукциите на благајничките записи е задржана на 3,25%. Одлуката основната каматна стапка да не се промени беше заснована врз последното преоценување на макроекономските проекции на НБРМ од октомври и на остварувањата кај клучните макроекономски и финансиски показатели, кои потврдија постоење амбиент на солиден домашен економски раст, којшто не создава нерамнотежи преку инфлациски притисоци или притисоци за намалување на девизните резерви.
Како главен двигател на растот останува извозниот сектор, што во најголема мера е одраз на искористеноста на новите извозни капацитети. Во општи рамки, инвестициската активност даде силен импулс, а приватната потрошувачка продолжи да расте поддржана од растот на расположивиот доход, надополнет со зголемените кредитни текови од домашните банки распределени кај секторот „население“. Структурата на растот во третиот квартал е поповолна, со поголем придонес на инвестициската за сметка на приватната потрошувачка.
Во рамки на надворешниот сектор, во третиот квартал од 2014 година тековната и капиталната сметка забележаа суфицит од 120,4 милиони евра, или 1,4% од БДП, што е нешто подобра позиција на тековната сметка во однос на очекувањата, при подобро трговско салдо. Задолжувањето на државата на меѓународниот пазар беше главниот извор на девизните приливи, при што поволните услови беа искористени за обезбедување предвремено финансирање на идните буџетски потреби. Согласно со последните расположливи податоци за четвртиот квартал на 2014 година, девизните резерви беа речиси непроменети на квартална основа, а нивната динамика беше нешто поповолна од предвидената во рамки на октомвриската проекција.
Во текот на последниот квартал, кредитната активност продолжи да се зголемува, при што придонесот на кредитирањето на корпоративниот сектор за вкупното кредитирање се зголеми во однос на просечниот придонес во првите три квартали. На крајот на декември, вкупните кредити беа повисоки на годишна основа за 10%, при што прирастот на кредитите во 2014 година беше поголем во однос на истиот во претходната година за 1,6 пати.
Сè на сè, последните остварувања укажуваат на натамошно одржување на девизните резерви на соодветно ниво, намалени инфлациски притисоци и зајакната кредитна поддршка на економскиот раст од страна на банкарскиот сектор. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените на надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.
На денешната седница, Советот на Народната банка го разгледa и Извештајот за работата на Комитетот за ревизија во периодот од мај 2013 до декември 2014 година.
Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Македонија. Меѓу другото, оваа одлука претставува техничко усогласување поради членството на Литванија во Европската економска и монетарна унија, започнувајќи од 1 јануари 2015 година. Бидејќи домашната валута, литванскиот литас, се замени со еврото, се наметна потребата литванскиот литас да се изземе од официјалната курсна листа на Народната банка на Република Македонија.
Советот на Народната банка ја усвои Информацијата за идејното решение на новите книжни пари од 200 денари. Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е релјефот којшто им припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едни од најзначајните раносредновековни откритија на територијата на Република Македонија. На истата страна, во централното лево поле е прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, а е пронајдена во околината на Прилеп. На задната страна на оваа банкнота е претставен архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на „Шарената (Алаџа) џамија“ во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Република Македонија, надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата „Исак џамија“ во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.
На денешната седница Советот, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Овен“, од серијата „Хороскопски знаци“. Кованата пара „Овен“ ќе се издаде со апоен од 10 денари во 7000 парчиња.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.