На седницата на Советот на Народната банка одржана на 28.02.2012 година, Советот на Народната банка ги разгледа Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија и Годишната сметка за 2011 година, коишто беа предмет на ревизија од независно друштво за ревизија.
Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија од сите материјални аспекти даваат вистинска и објективна слика на финансиската состојба заклучно со 31 декември 2011 година, финансиската успешност и паричните текови за годината којашто завршува на 31.12.2011 година, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).
На 31.12.2011 година, вкупните средства, односно обврските и капиталот на Народната банка изнесуваат 167.619 милиони денари и тие се повисоки за 50.575 милиони денари во однос на состојбата на 31.12.2010 година. Финансискиот резултат на Народната банка, утврден согласно со МСФИ во 2011 година, е позитивен, односно Народната банка оствари нето-добивка во износ од 1.950 милиони денари, во најголем дел како резултат на пресметаните приходи од ценовните и курсните промени на златото и девизните средства.
Согласно со член 14 од Законот за Народната банка, финансискиот резултат за распределба се утврдува кога од нето-добивката, утврдена во согласност со МСФИ, се одзема вкупниот износ на нереализирани ревалоризациони приходи (износот во целост се пренесува на соодветните сметки за ревалоризациони резерви), а од сметките на ревалоризациони резерви се одзема износот на реализираните приходи во тековната финансиска година (коишто биле одбиени од нето-добивката од претходните години) и тој се додава на финансискиот резултат за распределба. Финансискиот резултат за распределба за 2011 година по извршените прилагодувања е нето позитивен и изнесува 75 милиони денари. Согласно со член 15 од Законот за Народната банка, финансискиот резултат за распределба за 2011 година се распределува на следниов начин: 52,5 милиони денари во општите резерви на Народната банка и 22,5 милиони денари за Буџетот на Република Македонија.
По разгледувањето на Финансиските извештаи на Народната банка, Советот ја донесе Одлуката за одобрување на Годишната сметка и Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија за 2011 година и за распределување на финансискиот резултат за распределба.
Советот, исто така, ги разгледа Информацијата за остварувањето на Финансискиот план и Информацијата за остварувањето на Планот на инвестиции во основни средства на Народната банка на Република Македонија за 2011 година.
Советот на денешната седница донесе и Правилник за планирање со кој се зајакнува стратегиското планирање како примарна управувачка функција на работењето на Народната банка. Стратегискиот план ги утврдува најважните цели за наредните 3 години и се ревидира годишно.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.