На седницата на Советот на Народната банка беше донесена Одлуката за одобрување на годишната сметка и финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија за 2010 година кои беа предмет на ревизија. Беше усвоен Извештајот на независниот ревизор ПрајсвотерхаусКуперс Ревизија ДОО Скопје за финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија за 2010 година. Според мислењето на независниот ревизор, финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија во сите материјални аспекти даваат вистинска и објективна слика на финансиската состојба заклучно со 31 декември 2010 година, финансиската успешност и паричните текови за годината којашто измина во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.
Советот, исто така, ги разгледа Информацијата за реализација на Финансискиот план и Информацијата за исполнување на планот на инвестиции во основни средства на Народна банка на Република Македонија за 2010 година. На денешната седница, Советот на Народната банка беше информиран и за најновите макроекономски движења. Податоците за инфлацијата од јануари 2011 година покажуваат продолжување на трендот на раст на општото ценовно ниво, започнат од август 2010 година. Месечната инфлација изнесува 0,9%, додека на годишна основа, инфлацијата изнесува 3,2%. Согласно очекувањата, во најголема мерка ценовните поместувања произлегуваат од растечката динамика на цените на храната, движени од растот на увозните цени. Инфлациските движења, засега упатуваат на нешто повисока инфлација споредено со последните проекции. Сепак отстапувањата не се големи, а воедно и базичната инфлација (без храна и енергија) и понатаму е ниска, при што забележано е забавување на нејзиниот годишен раст од 0,9% во декември на 0,8% во јануари. Од аспект на индикаторите за економската активност, истите даваат различни сигнали. Сепак, засега трендовите укажуваат на задржување на позитивната динамика на раст во последното тримесечје, што е во согласност со проекциите. Од аспект на одделните индикатори, во последното тримесечје забележано е забрзување на растот кај трговијата на големо и кај телекомуникациите. Од друга страна, годишниот пад на индустриското производство се продлабочи, активноста во трговијата на мало забележа пад, наспроти растот во претходниот квартал, а забавување на растот е забележано кај активноста во градежниот сектор. Податоците за билансот на плаќања за периодот октомври - ноември 2010 година покажуваат дефицит во тековната сметка од 0,7% од БДП, што претставува стеснување од 0,4 п.п. од БДП во однос на истиот период од претходната година. Во рамки на овој период капиталните приливи изнесуваа 0,5% од БДП. Иако капиталните приливи во периодот октомври-ноември не беа доволни за покривање на тековниот дефицит, а трговскиот дефицит во декември се прошири, сепак во последниот квартал на девизниот пазар беше извршен нето-откуп на девизи, а девизните резерви бележеа раст. Ваквите движења укажуваат на дополнителни девизни приливи во економијата во последниот месец од годината, коишто ги компензираа неповолните поместувања во периодот октомври-ноември. Поволните тенденции на девизниот пазар продолжија и во текот на јануари и февруари 2011 година. Со исклучок на две интервенции со нето-откуп на девизи во текот на јануари, во овој период на девизниот пазар Народната банка немаше трансакции со деловните банки. Притоа, девизните резерви забележаа мал пад во однос на крајот на претходната година, како последица на ефектите од вреднувањето. Од друга страна, без овој ефект девизните резерви забележаа раст. Ваквите промени отстапуваат од проекциите, според коишто во првото тримесечје се очекува намалување на девизните резерви и со тоа упатуваат на можност за поповолна позиција на билансот на плаќања во овој период во однос на очекувањата. Според последните податоци, бруто девизните резерви на 11.02.2011 година изнесуваат 1.712 милиони евра.
Во текот на јануари 2011 година, кредитната активност на банките стагнираше. Така, состојбата на вкупните кредити одобрени на приватниот сектор на крајот на јануари е непроменета во однос на крајот на претходната година. Од друга страна, мала позитивна месечна промена е забележана кај вкупниот депозитен потенцијал на банките, чијшто месечен раст во јануари изнесува 0,3%. Во однос на истиот месец од претходната година, вкупните кредити се повисоки за 6,8%, при што до крајот на првиот квартал се очекува забрзување на кредитниот раст до 8,4%. Годишниот раст на вкупните депозити во јануари изнесува 12,9%, а до крајот на тримесечјето се оценува истиот да достигне 13,1%. Во текот на јануари 2011 година, кај каматните стапки не беа забележани поголеми промени. Сепак, каматните стапки на новоодобрените кредити продолжија да се намалуваат, при истовремен раст на цената на новопримените депозити.
Советот ја усвои и Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за издавање согласности на банка („Службен весник на Република Македонија“, бр. 91/2007, 134/2007 и 139/2008). Најзначајните измени и дополнувања се однесуваат на постапката и документацијата за издавање согласност за: изменување и/или дополнување на статут на банка, именување член на надзорен одбор и именување член на управен одбор на банка. Воедно, со оваа одлука се изврши усогласување со измените на Законот за банките во поглед на ограничувањето според кое лице на кое му е изречена споредна казна: забрана за добивање дозвола за основање и работа на банка, одземање на дозвола за основање и работа на банка, забрана за основање нови правни лица и привремена или трајна забрана за вршење банкарски активности, не може да биде акционер со квалификувано учество во банка.