На денешната средба, Комитетот за финансиската стабилност ги разгледа најновите движења во банкарскиот систем на Република Македонија.
Притоа, се заклучи дека, и во услови на турбулентно надворешно опкружување и неизвесност во врска со должничката криза во евро-зоната, банките ја задржаа својата стабилност, одржувајќи висока солвентност и ликвидност. Македонскиот банкарски систем нема речиси никаква зависност од изворите на финансирање од странските финансиски пазари, што ја минимизира опасноста за прелевање на тековните кризни случувања во евро-зоната во домашниот банкарски сектор.
Активностите на банките продолжија да растат и во првите месеци од 2012 година, со слична динамика како и во текот на 2011 година. На 31.3.2012 година, депозитите достигнаа износ од 237 милијарди денари и во споредба со 31.3.2011 година, се зголемија за 9,8%. Растот на кредитите беше малку побавен во однос на депозитите и изнесуваше 8,3% (март 2012 во однос на март 2011 година).
Банките одржуваа стабилна ликвидност, а показателите за ликвидноста се зголемија. Учеството на ликвидната актива во вкупната актива изнесува 31,5%. Исто така, се зголеми и покриеноста на депозитите на населението со ликвидната актива, којашто на крајот на март изнесуваше 61%. Сите банки ги исполнуваат пропишаните минимални стапки на ликвидност во висина од 1, а стрес-тест симулациите покажуваат отпорност на банкарскиот систем на ликвидносни шокови.
Во 2011 година, нивото на ризици на кои се изложени банките во своето работење се задржа во контролирани рамки. Се забележа одредено зголемување на кредитниот ризик, но конзервативноста и внимателноста како на регулативата, така и на банките обезбедуваат целосна покриеност на „лошите“ кредити со издвоените резервации. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на крајот на март 2012 година изнесува 9,9%.
Банкарскиот систем има стабилна и висока солвентност, којашто во првите месеци од 2012 година дополнително зајакна. Стапката на адекватност на капиталот е двапати повисока од пропишаниот минимум од 8% и на 31.3.2012 година изнесува 17,5%. Спроведените симулации на хипотетички шокови покажаа дека банкарскиот систем и поединечните банки се отпорни на влијанието на овие шокови, при што кај ниту една банка стапката на адекватност на капиталот не се намалува под 8%. Отпорноста на банкарскиот систем е потврдена и преку спроведените симулации за испитување на можните канали на пренесување на негативните ефекти на грчката криза и евро-зоната врз домашниот банкарски систем.
Воедно, на средбата беа разгледани и предизвиците за Република Македонија од примената на најновите измени на капиталните и ликвидносните стандарди од Базелската капитална спогодба Базел 3.