Скопје, 22.06.2011 година
По повод десетгодишнината од една од најуспешните реформи во Република Македонија, реформата на платните системи, на 21.06.2011 година во хотелот „Гранит“, Охрид се одржа тркалезна маса.
На тркалезната маса, гувернерот на НБРМ и експерти од оваа област, меѓу кои и експертите кои непосредно беа вклучени во реформата на платниот систем, ги сумираа придобивките за македонската економија од досегашното десетгодишно функционирање на платниот систем на Република Македонија. Со реформата, сметките на корпоративниот сектор и извршувањето на финансиските трансакции се префрлија од Заводот за платен промет во банките, а нивното порамнување се организира на сигурен и ефикасен начин. Со тоа, Македонија се здоби со модерен и ефикасен платен систем и нова платежна инфраструктура којашто е компатибилна со платните системи на развиените земји.
Јадрото на платниот систем го сочинува МИПС (МИПС - Македонски интербанкарски платен систем). МИПС е систем за бруто-порамнување на плаќањата со голема вредност (над еден милион денари) во реално време и итните меѓубанкарски плаќања, којшто го поседува и со кој управува Народната банка на Република Македонија. Исто така, преку овој систем се вршат плаќањата на државата. Преку МИПС се врши и порамнување на паричната компонента на трансакциите со хартии од вредност склучени на Македонската берза, претходно обработени во Централниот депозитар на хартии од вредност, како и финалното порамнување на трансакциите со платежни картички процесирани преку „Касис“, којшто е сертифициран од „Мастер кард“ и „Виза“.
Друга значајна компонента на платниот систем во Република Македонија е Клириншкиот интербанкарски систем (КИБС), којшто претставува систем за мултилатерално, одложено нето-порамнување на плаќањата со мала вредност (помала од еден милион денари), во сопственост на приватни комерцијални банки. Повеќето од плаќањата се вршат за сметка на клиентите на банките, при што салдата по извршениот клиринг се порамнуваат во МИПС, со што плаќањата стануваат финални и неотповикливи.
Со вака поставените платни системи и системи за порамнување на хартии од вредност, Македонија се стекна со платна инфраструктура карактеристична за модерна пазарна економија, којашто претставува добра основа за развој на финансиската инфраструктура и за зголемување на степенот на финансиско посредување. Платните системи и системите за порамнување на хартии од вредност се функционално поврзани и сите нивни активности се одвиваат по однапред дефинирани начини на функционирање и по строго утврден термински план.
Треба да се истакне дека сигурноста и ефикасноста на платните системи, како и нивниот развој не се статички постигнати категории, туку се постојан процес којшто треба да го следи развојот на економијата и потребите на финансиските трансакции. Во таа насока, на тркалезната маса, експертите, покрај сумирањето на постигнатите резултати, ги идентификуваа и подрачјата за натамошен развој на системите за плаќање и порамнување на Република Македонија и насоките за нивно интегрирање во европската платежна инфраструктура.