На денешната седница, Советот на Народната банка го разгледа и го усвои Годишниот извештај за работењето на НБРМ во 2010 година.
Во Годишниот извештај е утврдено дека монетарната политика во 2010 година беше водена во поповолен амбиент во споредба со претходната година, којшто овозможи постепено олабавување на монетарните услови во текот на годината. Каматната стапка на благајничките записи на НБРМ беше намалена во седум наврати за вкупно 4,5 процентни поени, со што во декември 2010 година се сведе на историски најниското ниво од 4%. Ваквиот карактер на монетарната политика беше овозможен од постојаното подобрување на трендовите во надворешниот сектор во текот на годината и ниската инфлација. При поволни движења на девизниот пазар, НБРМ речиси во континуитет остваруваше нето-откуп на девизни средства. Тоа придонесе за пораст на бруто девизните резерви за 117 милиони евра, со што на 31.12.2010 година тие достигнаа 1.714,5 милиони евра.
Домашната економија забележа скромен реален раст на БДП во 2010 година од 0,7%. Структурата на растот е одраз на позитивниот придонес на нето-извозот, при негативен придонес на домашната побарувачка. Просечната стапка на инфлација во 2010 година изнесуваше 1,6% и главно беше предизвикана од фактори на страната на понудата. Најзначителен ефект врз инфлацијата имаа растечките цени на енергијата, а во втората половина на годината и зголемените цени на храната на глобалниот пазар. При бавно закрепнување на економијата и нејзино функционирање под потенцијалот, не беа забележани инфлациски притисоци преку каналот на побарувачката. Базичната инфлација беше минимална и изнесуваше 0,2%.
Надворешната позиција на македонската економија продолжи да се подобрува и во 2010 година. Дефицитот во тековната сметка се сведе на 2,8% од БДП, што во однос на претходната година претставува намалување за 4 п.п. од БДП. Со тоа, негативниот јаз во тековната сметка продолжи да се намалува втора година по ред. Стеснувањето на дефицитот на тековната сметка се должи на растот на нето-приливите преку приватни трансфери за 2,9 п.п. од БДП и намалениот дефицит во размената на стоки со странство за 1,9 п.п. од БДП, во услови на повисок раст на извозот од увозот на стоки. Во 2010 година нето-приливите на капиталната и финансиска сметка (без официјалните резерви) изнесуваа 231,6 милиони евра, или 3,4% од БДП, со што овозможија целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка и дополнителен раст на девизните резерви. Од аспект на структурата, најголемиот дел од нето-приливите потекнуваат од странските директни инвестиции и задолжувањето преку заеми од странство.
Паралелно со процесот на закрепнување на економијата во текот на 2010 година, значителни позитивни поместувања беа забележани и кај вкупните депозити и вкупните кредити на банките. Растот на паричната маса во економијата во 2010 година беше двојно поголем во споредба со претходната година, а годишниот раст на најшироката парична маса М4 на крајот на годината достигна 12,2%. Вкупните депозити (со депозитните пари) се зголемија за 13,7% на годишна основа (наспроти 7,1% во претходната година), при поголемо штедење во денари во однос на штедењето во странска валута. Поповолниот глобален и домашен макроекономски амбиент услови раздвижување и на кредитниот пазар, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката за кредити, со што на крајот на 2010 година кредитите остварија двојно повисока стапка на раст од 7,1% наспроти растот од 3,5% на крајот на 2009 година.
Во текот на 2010 година, Народната банка продолжи да ги инвестира девизните резерви во државни хартии од вредност и во краткорочни депозити кај странски централни банки на земји коишто имаат високи кредитни оцени и водат претпазливи макроекономски политики.
Приоритетноста на сигурноста и ликвидноста на инвестираните девизни резерви, како основни принципи при управувањето, услови насочување на значителен дел од инвестициите во сигурни и ликвидни државни хартии од вредност, на краткиот дел од кривата на приноси, и на тој начин ги услови остварувањата на девизните резерви од аспект на профитабилноста. Приходите од инвестирањето во текот на 2010 година изнесуваат 22,2 милиона евра, при што вкупната стапка на поврат изнесува 0,82% на годишно ниво.
На денешната седница Советот на Народната банка го разгледа и го усвои и Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во 2010 година. Притоа е заклучено дека 2010 година беше постабилна година за банкарскиот систем. Во услови на постабилен домашен макроекономски амбиент, подобри очекувања на банкарскиот и на реалниот сектор, позитивни сигнали на монетарната политика на Народната банка, активностите на банките се зголемија. Во 2010 година, активата на банките се зголеми за 13,7%, што е речиси двојно поголема стапка на раст во однос на стапката остварена во 2009 година. На 31.12.2010 година, вкупната актива изнесуваше 305.290 милиони денари. Во рамки на овој пораст, значителен придонес имаа вложувањата во нискоризични хартии од вредност (благајнички записи и државни записи) со 44,1% и кредитите на нефинансиските субјекти со 30,5%.
Главниот двигател на растот на активата беше растот на депозитите од нефинансиските лица, коишто на 31.12.2010 година достигнаа 213.270 милиони денари. Во 2010 година депозитите се зголемија за 13,5%, што е трипати повисока стапка на раст во однос на 2009 година. Воедно, склоноста на депонентите за штедење во домашна валута, којашто започна во последниот квартал на 2009 година, се задржа и во 2010 година. Така, во текот на 2010 година, депозитите во денари се зголемија за 29,3%, додека девизните депозити пораснаа за 8%.
Кредитите на нефинансиските субјекти, исто така, забрзано растеа. На 31.12.2010 година кредитите изнесуваа 186.545 милиони денари. Во 2010 година, тие остварија раст од 7,4%, којшто е двојно повисок во однос на растот остварен во претходната година (кога изнесуваше 3,5%).
Во 2010 година се забележува забавување на трендот на влошување на квалитетот на кредитното портфолио на банките. На 31.12.2010 година, годишната стапка на раст на вкупните нефункционални кредити (за сите сектори, вклучително и финансиските институции) изнесуваше 9,3% и е пониска за 29,6 процентни поени во однос на годишната стапка на раст на нефункционалните кредити во 2009 година. Забавувањето на динамиката на нефункционалните кредити произлегува од нивниот исклучително брз раст во текот на 2009 година, но свое влијание има и засилената наплата на кредитите, вклучувајќи ја и наплатата преку преземање на обезбедувањето. Учеството на нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор во вкупните кредити изнесува 9,3% (во 2009 година: 9,1%).
Во 2010 година ликвидноста на банкарскиот систем на Република Македонија значително се подобри во однос на претходната година. Обемот на ликвидни средства забележа висок годишен раст (за 36,8%, односно за 24.822 милиона денари) предизвикувајќи нагорна динамика на сите показатели за ликвидностa. Учеството на ликвидната актива во вкупната актива изнесуваше 31%. Покриеноста на депозитите на населението со ликвидна актива достигна 62,6%, а на краткорочните обврски - 47%.
Солвентноста на банкарскиот систем е висока. На 31.12.2010 година, стапката на адекватност на банкарскиот систем изнесува 16,1%.
Добивката на банките остварена во 2010 година, во износ од 2.307 милиони денари, е поголема за 37,7% во споредба со 2009 година. Овој раст на добивката овозможи подобрување на основните показатели за профитабилноста. Повратот на активата изнесуваше 0,8% (во 2009 година: 0,6%), додека повратот на капиталот изнесуваше 7,3% (во 2009 година: 5,6%).
На денешната седница Советот разгледа и усвои повеќе одлуки меѓу кои се и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и постапката за воспоставување и примена на програмата на банка за спречување перење пари и финансирање на тероризмот, како и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите кои не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.
Заради усогласување со новиот Закон за Народната банка на Република Македонија од 2010 година, Советот усвои и нов Статут на Народната банка на Република Македонија и усвои повеќе правилници поврзани со внатрешната организација и работата на Банката.
Поради усогласување со новиот Закон за Народната банка на денешната седница на Советот беа донесени и Основните политики за сметководствено евидентирање и финансиско известување на Народната банка на Република Македонија и Сметководствената политика за побарувањата и потенцијалните обврски на Народната банка на Република Македонија.