Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека е издадена и пуштена во оптек кованата пара за колекционерски цели „Вага“ од серијата „Хороскопски знаци“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 102/14 и 116/14).
Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека е издадена и пуштена во оптек кованата пара за колекционерски цели „Вага“ од серијата „Хороскопски знаци“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 102/14 и 116/14). Кованата пара „Вага“ ги има следниве карактеристики:
- на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2014“ и ознаката „Ag925“.
- на реверсот, во центарот на монетата, е прикажана вага со два крака. Едниот тас од вагата е исполнет со монети и е прикажана пеперутка како седи на нив. На местото на другиот тас е вметнато кобалтно стакленце на кое е претставена слика на соѕвездието Вага. На долниот дел, по должината на периметарот, е прикажан симболот на хороскопскиот знак Вага отпечатен на тег и името на хороскопскиот знак на латински јазик. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги симболот Вага, пеперутката и вагата) се насликани со злато.
Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 21,00 г, чистота на среброто 19,43 г, во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.
Цената на кованата пара „Вага“ изнесува 2.700,00 денари.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.
Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија на следнава врска: www.nbrm.mk.