На редовната седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, беа разгледани најновите макроекономски и пазарни показатели
Скопје, 11.12.2013 година
На редовната седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, одржана на 10.12.2013 год., беа разгледани најновите макроекономски и пазарни показатели, во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика.
Податоците за економската активност за третиот квартал во евро-зоната навестуваат дека закрепнувањето ќе се одвива бавно. Намалените тензии на финансиските пазари и олабавувањето на фискалната консолидација овозможија излез на евро-зоната од рецесија, но недоволниот раст на домашната побарувачка и натаму е главната слаба точка на растот во евро-зоната. Макроекономските показатели за САД с? уште не даваат доволно јасна слика за динамиката на закрепнување на американската економија и за почетокот на намалувањето на месечниот износ на откупот на хартии од вредност од страна на централната банка.
Во ноември, ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија се зголеми под влијание на автономните фактори, при што банките го пласираа вишокот ликвидни средства во краткорочни финансиски инструменти. На домашните пазари беше забележан пораст на меѓубанкарската активност со депозити, а се тргуваше и на секундарниот пазар на хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.
Расположливите високофреквентни показатели за третото тримесечје покажуваат дека економијата и натаму ќе расте, но веројатно послабо во однос на вториот квартал, при можни послаби остварувања во градежништвото и трговијата. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.
Расположливите податоци за девизните резерви за последното тримесечје укажуваат на нивно квартално намалување, што беше очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуалните, непредвидени шокови.
Според првичните податоци за кредитните текови, во ноември дојде до забрзување на месечниот раст на кредитите, при што кредитната активност беше насочена и кон корпоративниот сектор и кон секторот „население“. Со тоа, за првпат по четири месеци, корпоративните кредити бележат месечен раст. Овие промени се во согласност со проекциите за раст на кредитните текови во последното тримесечје. Сепак, и понатаму постојат ризици околу проекцијата на кредитите, коишто се поврзани со согледувањата на банките, како и со конзервативните стратегии применувани од големите банкарски групации во македонскиот банкарски систем.
Во услови на стабилни движења, но кога с? уште има ризици поврзани со надворешното окружување и имајќи ги предвид очекуваните ефекти од мерките преземени претходно од страна на Народната банка, беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), а основната каматна стапка на Народната банка да се задржи на постојното ниво од 3,25%.
Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.
{{Title}}
{{Intro}}
{{{Content}}}
{{#hasElements Images}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=886"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=200&height=100"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{/hasElements}}