Скопје, 10.4.2012 година
Народната банка на Република Македонија годинава прославува значаен јубилеј - 20 години од монетарното осамостојување на Република Македонија.
Во рамките на одбележувањето на Јубилејот, Народната банка ќе спроведе повеќе активности. На 26 април е предвидена Свечена академија на која свое обраќање ќе имаат претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов.
На 27 април ќе биде организирана Конференција на тема: „Предизвиците на земјите од Југоисточна Европа во постојните економски и финансиски турбуленции во евро-зоната“, на која ќе учествуваат голем број странски и домашни експерти. Во рамките на овој настан ќе биде доделена и редовната годишна награда на Народната банка за најдобар труд во областа на макроекономијата од млад истражувач.
За одбележување на 10-годишнината од отворањето на Музејот на Народната банка ќе биде отворена возобновената постојана музејска поставка „Парите и паричните системи во Македонија“ и ќе биде промовиран нов музејски каталог.
Исто така, на 18 мај ќе биде организирана и привремена изложба „Ѕидното сликарство од Епископската базилика во Стоби“, во соработка со НУ „Стоби“ и ќе биде промовирана студијата „Монетоковањето на римскиот град Стоби“.
Mонетарното осамостојување на Република Македонија е едно од главните обележја на независноста и државноста на Република Македонија.