По повод на одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на Музејот на НБРМ
Поздравен говор на вториот гувернер на НБРМ, Љубе Трпески, Музеј на НБРМ, 27.04.2012 година
По повод на одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на Музејот на НБРМ
Почитуван гувернере Богов,
Почитувани гости на Народната банка на Македонија,
Почитувани вработени во НБРМ
Најнапред сакам да се заблагодарам што ми е дадена можност да се обратам вечерва по повод на одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на Музејот на НБРМ.
Ќе ви изгледа чудно ова што ќе го речам сега, но верувајте ми - вистина е: идејата за нумизматичкиот музеј ја носев уште од моите студентски денови. Како студент на Економскиот факултет од Скопје, преку организацијата АИЕСЕК, во далечната 1968 година бев на комерцијална пракса во Англија во градот Јорк. Тоа беше моето прво одење во странство. На враќање, останав 3 дена во Лондон. Меѓу другите знаменитости, го посетив и Нумизматичкиот музеј на Централната банка на Англија.
Веројатно подолго време сум се задржал пред витрината над која стоеше натписот: Монети на македонските кралеви - и сум предизвикал сомнеж кај вработените на Музејот, па еден господин ми се приближи и ме праша зошто толку долго стојам пред таа витрина?
Откако дозна од каде сум, рече дека сега му е јасно зошто толку долго стојам пред таа витрина и дека не ми треба објаснување бидејќи веројатно јас знам повеќе од нив за македонските монети и за македонските кралеви.
Од срам, не му реков дека знам многу малку, или речиси ништо.
Судбината сакала она што тогаш не го знаев и за кое се срамев пред Англичанецот што не го знам, подоцна да го научам и да им го предавам на студентите, откако бев избран за професор по монетарни финансии на Економскиот факултет. Секогаш кога го предавам делот за историјата на парите на почвата на Македонија им ја кажувам на студентите и случката од Нумизматичкиот музеј од Лондон.
Судбината сакала и во април 1997 година да дојдам на чело на НБРМ.
Тогаш, остварувањето на идејата за нумизматички музеј, којашто ја носев во себе долги години, ми изгледаше возможно.
Но, не одеше така лесно.
Имаше, не би рекол отпор, туку повеќе несфаќање дека нумизматиката треба да биде дел од активностите на НБРМ.
Ми требаа долги и упорни објаснувања, и внатре во НБРМ, и надвор од НБРМ, дека нумизматичките поставки се дел од активностите на секоја централна банка.
Упорноста даде резултати.
Нецела година по моето именување за гувернер, органите на НБРМ донесоа одлука, НБРМ да почне со нумизматичка активност.
За таа цел, во 1998 година, се формира Комисијата за откуп на нумизматички материјал, во која влегуваа: Никола Шердаров, во тоа време претседател на Друштвото на нумизматичари на Македонија, Јован Кондијанов и Перо Јосифовски, кустоси-нумизматичари од Музејот на Македонија и Добри Мицковски, тогашен директор на Трезорот на НБРМ.
Нивната задача беше да вршат проценка на квалитетот и вредноста на нумизматичкиот материјал што се нудеше за откуп. Тие ја извршија својата работа високо професионално и, во оваа прилика, сакам да им оддадам признание.
За кратко време беа откупени илјадници многу вредни монети, коишто се ковале или се употребувале за плаќање во Македонија. Но, со систематска обработка на нумизматичкиот материјал се започна по доаѓањето на Катерина Христовска во НБРМ. Таа, со своето знаење, преданост во работата, со својата упорност, придонесе најмногу НБРМ да ги постави фундаментите на својата нумизматичка дејност според сите светски стандарди.
Подоцна, со проширувањето на бројот на вработените во Нумизматичкиот оддел, повеќе немаше потреба од Комисијата за откуп, бидејќи самите вработени беа доволно стручни за таа активност којашто и сега ја извршуваат, сигурен сум, со голема професионална љубов и посветеност.
Во 2000 година, започна систематската обработка на нумизматичкиот материјал од Збирката, при што Народната банка вложуваше сериозен напор за обезбедување на сите предуслови за организирање постојана музејска дејност. Во овој период беше создаден нумизматичкиот работен кабинет, специјализираната нумизматичка библиотека, се формира лабораторија за конзервација на метални археолошки предмети и започнаа подготовките за создавање музејски простор во кој ќе биде поставена постојаната изложба. Во 2001 година, во рамките на Дирекцијата за трезорско работење, се формира Отсекот за нумизматика, а Министерството за култура истата година на Народната банка и формално ѝ го даде правото да поседува музејска збирка, со оглед на тоа што беа исполнети условите за непречено функционирање на високо професионална музејска дејност. На 25 април 2002 година, во чест на одбележувањето на 10-годишнината од монетарното осамостојување, во овој простор беше отворена првата постојана музејска поставка. Јавноста за прв пат доби можност да ја дознае историјата на паричните единици и паричните системи во Македонија на многу изворен начин, а Музејот придонесе во обидите на државата да ги промовира своите универзални и трајни вредности.
Посветеноста во собирањето и грижата за одржувањето на монетите на вработените во Нумизматичкиот отсек во НБРМ, од една страна, и разбирањето на кое наидуваа кај раководството на НБРМ, од друга, овозможија во периодот од 1999 година, кога практично се почна со откупот на монети, до почетокот на 2004 година, да бидат откупени или добиени по пат на донации над 16.000 примероци монети коишто биле ковани или биле во употреба во Македонија. Притоа, не можам, а де не споменам некои од нив коишто заради својата уникатност би ги посакале да ги имаат и најпрестижните музеи во светот. Тука, најпрво би ја споменал уникатната пајонска монета на кралот Тевтај од крајот на 5 век пр. н.е., потоа секако неодминлива е колекцијата на статери на античките македонски кралеви, колекцијата на монети на градот Стоби. Посебно сум горд што успеавме таа колекција да биде најголемата јавна колекција во светот. Исто така, заслужуваат внимание и солидите на Јустин Први и Јустинијан, потоа сребрените динари на Волкашин, Углеша, Андреаш и Андрија Гропа.
Раководството на Народната банка покажа целосно разбирање за потребата од проучување и истражување на монетарното минато на Македонија и ѝ даде голема поддршка на научно-истражувачката работа на Отсекот за нумизматика, но и на значајните истражувања од оваа област што тогаш беа направени во Македонија, сесрдно помагајќи во објавувањето на повеќе студии коишто се однесуваа на продукцијата, циркулацијата и употребата на парите во општествата формирани од претходните цивилизации на нашата територија. Тие, денес, се дел од многу македонски и странски библиотеки.
И да завршам, подобро е трудовите за македонските монети да се наоѓаат во странските библиотеки и музеи, а монетите да бидат во нашите музеи.
Со формирањето на овој музеј, придонесовме еден значителен дел од нашето културно богатство да остане во Македонија. Се надевам дека Народната банка ќе продолжи со истиот ентузијазам, што го имавме ние во првите години од формирањето на Музејот, да го развива и да го збогатува и во иднина.
Благодарам.