Почитуван г. Атанасов, почитуван г. Митровски, почитувани наставници и професори, драги гости,
Дозволете ми најнапред да ве поздравам и да ви посакам добредојде во просториите на Народната банка. Ова е прва средба од ваков карактер, којашто се надевам во иднина ќе стане и редовна практика, во рамки на нашите заложби за натамошен развој на финансиската едукација и зголемување на финансиската писменост кај населението во нашата земја.
Глобалната финансиска криза којашто произлезе од недоволната регулација на финансискиот систем, но и од ниското ниво на финансиски познавања на населението, јасно ја истакна потребата за вложување зголемени напори во сегментот на финансиската едукација. Оттука, во глобални рамки во посткризниот период носителите на политиките, вклучително и централните банки, преземаат бројни активности, со што финансиската едукација стана интегрален дел на централнобанкарското работење.
Свесни за значењето на финансиската писменост, како за секој поединец, така и за општеството во целина, Народната банка веќе повеќе години презема активности во доменот на финансиската едукација на помладата популација, а многу деца од основните и средните училишта, се разбира заедно со наставниците, односно професорите, веќе ги имаат посетено нашите простории. На овој начин се овозможува стекнување пошироки сознанија за нашето работење (кои се основните цели и задачи на централната банка, кој е инструментариумот што го користиме за нивно остварување и предизвиците за остварување и зачувување на макроекономската стабилност). Преку нашите публикации и интерактивни игри од областа на финансиите, се обидуваме да го привлечеме интересот на најмладите генерации за запознавање со поимите како што се штедење, инвестирање, инфлација и сл., а преку богатата збирка на монети во нашиот Нумизматички музеј да се запознаат со историјата на нашите пари.
Во иднина ќе го збогатуваме спектарот на активности во доменот на финансиската едукација, вклучувајќи го и повозрасното население. Во овие рамки, ни претставува особено задоволство изразената ангажираност на банките во доменот на финансиската едукација на младите во земјава, како една релативно нова област на делување и еден од поновите предизвици во финансиската сфера. Поактивното вклучување на банките во оваа област ја потврдува нивната зголемена општествена одговорност, што е секако за поздравување.
Во овој контекст, на 17 декември 2018 година со Македонската банкарска асоцијација (МБА) потпишавме Меморандум за соработка со поширок опфат во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија. Во рамки на оваа соработка покрај организацијата на Квизот на парите, планираме заеднички активности во координација со банките коишто треба да обезбедат подобра информираност на населението и поголема достапност до банкарските услуги, што би овозможило поголема вклученост (инклузија) на населението и искористување на предностите од банкарските услуги. Истовремено, планираме и активности коишто треба да ја зголемат и свесноста на населението за евентуалните ризици во доменот на користењето на банкарските услуги, како многу важен аспект за клиентите на банките.
Посебно ја поддржуваме иницијативата за организација на Европскиот квиз на парите за младите од нашата земја, којшто ќе биде организиран за првпат оваа година, а се надеваме ќе стане и традиционален. На овој начин, веруваме дека ќе поттикнеме поголема посветеност кај младите на прашањата од областа на финансиите, а следствено, тоа ќе придонесе за подигање на нивото на нивната финансиска писменост. Во овој контекст, би сакала да истакнам дека Народната банка го поддржува процесот на подготовка на учениците со разни едукативни материјали, денес и со оваа обука за наставниот кадар, а подоцна и со посебна подготовка на националните победници. За поздравување е тоа што Европскиот квиз на парите, иницијатива на Европската банкарска федерација, нѐ обедини сите нас, финансиските регулатори и банките, МОН и образовните институции во земјава, со една многу значајна цел, а тоа е подобрување на вештините на најмладите во доменот на финансиите, што придонесува за подобрување на нивните знаења и способност да се соочат со работните и животните предизвици во иднина. Тоа, секако, во крајна линија придонесува за образована и способна младина, со широки познавања од современото време, спремна да прерасне во способна работна сила, двигател на економијата во времето што доаѓа.
Она што посебно ме радува во досегашниот тек на подготовка на Европскиот квиз на парите е неговата масовност. За одбележување е дека бројот на пријавени одделенија, односно класови е многу поголем од очекуваниот. Проценката е дека во фазата на интерни тестирања ќе бидат опфатени околу 3.000 деца на возраст од 13 до 15 години. Ваквиот пристап на тестирање цели одделенија, односно класови, овозможува сите тие деца да се запознаат со проблематиката на финансиската едукација, со аспекти поврзани со работењето на централната банка, банките, пазарите на хартии од вредност. Тоа претставува значајна придобивка и веројатно е и целта на иницијаторот – масовен опфат, поширока едукација. Се разбира, некои подобро ќе ја совладаат проблематиката и ќе продолжат и во следните фази од натпреварот, но голема е придобивката што сите вклучени деца ќе имаат можност да ги прошират своите познавања од областа на финансиите и економијата, што е и наша заедничка цел.
На крајот, дозволете ми уште еднаш да ја изразам спремноста на Народната банка активно да го поддржи целокупниот процес на подготовка, како за националниот, така и за меѓународниот натпревар во Брисел. Ви посакувам успешна работа со децата на кои сте им ментори, многу среќа на сите, а се разбира најдобриот нека победи!
Благодарам!