Интервју: м-р Петар Гошев, гувернер на Народната Банка на Република Македонија (2004-2011), за весникот "Дневник", 20-21.02.2007 година
Странски банки чукаат на врата
Оптимизмот за влез на странски банкарски бренд во Македонија го дели и гувернерот на Народната банка, Петар Гошев. Во Централната банка очекуваат наскоро да издадат дозвола за работење на странска банка преку преземање на домашна или преку основање нова. Гошев е задоволен од развојот на банкарскиот сектор, а уверува дека новиот закон за банки, кој допрва треба да се донесе, ќе ги внесе директивите на ЕУ и базелските стандарди во работењето на банките.
Реално е очекувањето за влез на странски банкарски бренд во Македонија многу скоро. Меѓутоа, одлуката за тоа дали и кога некоја од постојните домашни банки ќе биде преземена од странска банка останува на заинтересираната странска банка и постојните акционери на банките кои треба да се согласат да ги продадат своите акции. НБМ е подготвена брзо и ефикасно да одговори на барање за претходна согласност за стекнување на акции во некоја од постојните банки или отворање на нова банка, согласно интересот на странската банка-инвеститор.
· Се отвори и можноста странски банки да отвораат свои филијали за да се забрза влезот на конкуренција од надвор. Дали овој сигнал што го прати Владата ќе го следат странските банки?
По својата природа филијалите претставуваат органски дел од матичната странска банка. Тоа значи дека тие не се посебни правни лица со своја капитална база. Оттука нивното регулирање заради обезбедување на сигурност на вложените средства кај нив е малку покомплексно во однос на банките кои што се основаат во Македонија и нужно поседуваат капитал. Можноста за отворање филијали на странски банки во Македонија значи натамошна либерализација на банкарскиот пазар. Но тоа е можност, а потоа ќе го видиме конкретниот интерес на странските банки за отворање на филијали. Треба да се истакне дека интересот на странските банки за влез на македонскиот банкарски пазар, во било која форма, е детерминиран од можноста за остварување определено ниво на профит и од нивните процени за потенцијалните ризици од вложувања.
· Банкарите предупредија дека либерализацијата на пазарот може да донесе ризичен банкарски капитал во земјава. Владата не верува во тоа. Дали Вие стравувате?
Според предлог-законот за банките, кој сеуште се дискутира и може за некои прашања да гласи и поинаку, странските банки ќе може да отвораат филијали во Македонија по претходно исполнување на определени услови, меѓу кои и обезбедување на гарантен депозит од 190 милиони денари. Работење на филијалите и сигурноста на вложените средства на депонентите, во целост е зависно од сигурноста и стабилноста на матичната банка. Од тие причини, во предлог-законот за банки се вградени критериуми и услови кои треба да бидат исполнети за да може странска банка да отвори своја филијала во Македонија. Сметаме дека со решенијата во предлог-законот за банките се минимизираат ризиците, а се отвораат можности за доаѓање до израз на позитивните ефекти преку зголемување на конкуренцијата во банкарскиот сектор.
ДОБРИ ОДНОСИ СО ВЛАДАТА
· Со новиот закон за банки ќе добиете многу големи овластувања. Ќе можете да затворате банки, да продавате акции од банки. Гувернерот ќе го има главниот збор во банкарството. Дали е тоа нормално и оправдано?
Дефинитивно има потреба новиот Закон за банките да ги зајакне стандардите за работење и супервизија на банките во Македонија. Текстот на законот се работеше подолго од експертски групи во Народната банка и Министерството за финансии и беше ревидиран од експертите во ММФ и Светската банка. Наша обврска е да извршиме целосно усогласување со Директивите на ЕУ, како и со препораките на Базелскиот комитет за банкарска супервизија кои се широко прифатени во светот. Тоа налага да зајакне улогата на централната банка преку поголеми овластувања во супервизијата на банките. Единствената цел е зголемување на ефикасноста во извршувањето на оваа исклучително важна функција за стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем. Тоа што треба да се има предвид е дека поголемите овластувања на централната банка и на гувернерот носат и поголема одговорност и тие две работи секогаш треба да одат заедно. Во централната банка сме подготвени да ги прифатиме поголемите обврски што ни ги наметнува законот зашто само така ќе можеме да ја градиме централната банка како институција која ќе биде од полза на граѓаните и економијата.
· Последниве години се фалиме со стабилен банкарски сектор. Од каде произлезе потребата да му се дадат на гувернерот толку големи овластувања со кои го стега ременот околу банките?
Не се фалиме, туку изрекуваме точна констатација дека банкарскиот систем во Македонија е стабилен. Анализите на Централната банка покажуваат дека последниве неколку години довербата во банките е значително зголемена. Постои континуиран тренд на зголемување на активностите на банките, иако споредено со други понапредни земји, евидентно е дека има голем простор за понатамошно ширење на банкарскиот пазар. Расте профитабилноста и ефикасноста на банките, што е исклучително важно од аспект на одржливоста на воспоставената стабилност и сигурност на банкарскиот систем. Меѓутоа регулативната рамка треба континуирано да биде унапредувана. Треба да се следат најдобрите искуства од ЕУ и Базел и соодветно да се одговори на сите предизвици кои ги носат промените во банкарскиот сектор. Најрегулираниот бизнис во секоја земја во светот е финансискиот бизнис, а банките тука имаат централна улога. Според тоа, зголемувањето на овластувањата на Централната банка се наметнати од потребите и од евидентно проверената и потврдена практика во развиените земји. Не може да се постави прашањето: " Што друго ќе преземе Централната банка или гувернерот ако некоја изречена мерка спрема банка или спрема акционер на банка не биде спроведена?, а да се вели "зошто се потребни такви овластувања и дали се големи". Ако сакате ефикасност, развиениот свет вели "одете во тој правец". А правецот е паралелно со либерализацијата на финансискиот сектор во развиениот свет во последниве 15-ина години расте значењето и улогата на регулаторите и потребата од воспоставување на сe построги прудентни стандарди за работење.
"Не знам дали Владата планира да употреби дел од девизните средства што ги има на сметката кај НБМ, но знам дека девизните резерви многу потешко се градат отколку што се трошат. Сегашното ниво на девизни резерви не треба многу да ги боцка очите никому"
· Владата најави поголемо трошење на парите од приватизацијата. Дали ќе се намали и нивото на девизните резерви?
Владата усвои државен буџет со фискален дефицит од еден отсто од бруто домашниот производ. За Централна банка тоа е мериторно кога го анализираме можното влијание на Владата врз агрегатната побарувачка. Домашното трошење Владата го соопшти преку своите клучни документи што ги усвои парламентот во форма на закони. Дали Владата планира да употреби дел од девизните средства што ги има на својата сметка кај Народната банка за нешто друго, па преку тоа да се намали нивото на вкупните девизни средства, не знам. Но, знам дека девизните резерви многу потешко се градат одошто би се потрошиле. Знам дека стратегијата на таргетирање на девизниот курс бара повисоко ниво на девизни резерви за разлика од некои други стратегии. Ова ниво на девизни резерви е сосема малку над тоа што во принцип го бара аранжманот со ММФ и некоја непредвидена околност може за час да го истопи. Добро е што се прават анализи за опортунитетните трошоци од држењето едно или друго ниво на девизните резерви. Но, не смее да се заборави нивната улога за одржувањето на стабилнсота на девизниот курс и на макроекономската стабилност, врз сигурноста за извршување на обврските на земјата кон странство и нивното позитивно влијание врз перцепцијата на потенцијалните странски инвеститори кога ги анализираат можните ризици од влегување во нашата држава. Со тоа не сакам да кажам дека не треба да ја бараме и проверуваме формулата за кое е оптималното ниво на девизни резерви. Дефинитивно, во овие услови, со овие карактеристики на нашата економија, со овие сe уште недоволно зацврстени позитивни трендови на тековната и капиталната сметка, сегашното ниво на девизни резерви не треба да му ги боцка очите никому.
КАМАТИТЕ ЌЕ СЕ НАМАЛАТ
· Пред Нова Година ги искритикувавте банкарите дека не ја следат доследно политиката на НБМ со намалувањето на каматите. Кои се причините за тоа, дали намерно ги држат каматите високи?
Воопшто не ги критикував. Некои медиуми така ја интерпретираа мојата изјава дека каматите на благајничките записи на Централната банка од 10 отсто во декември 2004 се намалија на 5,7 отсто во декември 2006, а банкарските активни камати во истиот период се намалија за многу помалку - од нешто над 12 проценти на 10,9 отсто просечно. Тие се приватни ентитети што имаат своја деловна политика и се однесуваат според условите на пазарот така како што ги доживуваат и проценуваат со сета своја одговорност. Значи нема намерно или ненамерно држење на високи камати, туку на такви како што пазарот им диктира или им овозможува. Причините за ова ниво на каматите се многубројни: интензитетот на конкуренцијата, кој сe уште е незадоволителен; нивото и карактеристиките на штедењето и заштедите кои што приватниот сектор ги држи кај банките; нивото на оперативните трошоци на банките, кое што, особено кај некои банки, е високо; нивото на лоши пласмани, кое што исто така е сi уште високо; степенот на недиверзифицираност, односно слаба развиеност на финансисксите пазари во земјата; неразвиениот небанкарски финансиски сектор, што пак се сведува на нивото на конкуренцијата и т.н. Но факт е дека работите се подобруваат. Се зголемува обемот и спектарот на активностите на банките. Се зголемува довербата во банкарскиот систем. Се намалува профилот на ризичност на банките. Се подобрува нивната профитабилност. Сe посилно им чука на врата сериозна конкуренција од странство. Економијата се повеќе заздравува. Сето тоа дефинитивно ќе создаде услови за натамошно намалување на каматите. Се разбира, под претпоставка дефинитивно да сме им рекле збогум на разните екстерни и интерни шокови со кои беше одбележана изминатата деценија, деценија и пол во развојот или опстанокот на нашата држава.
· Дијаспората во минатата година ни прати над една милијарда евра. Има ли евиденција каде завршуваат овие пари и кој е можниот ефект од нив?
Ако се погледне тековната сметка на платниот биланс две нејзини ставки се исклучително важни и информативни, односно, кажуваат многу. Ставката стоки вели дека во периодот јануари-септември бележиме дефицит од 675 милиони евра, а во НБРМ сме процениле дека на крајот од 2006 година тој дефицит ќе изнесува 1.040 милиони евра. Ставката приватни трансфери (дознаки од надвор) вели дека во периодот јануари-септември тие изнесуваат 684 милиони евра, а НБРМ за целата 2006-та година предвиде дека тој износ ќе биде околу 920 милиони евра. Од ова вкрстување следи јасен одговор дека парите од приватните трансфери, како што вие велите од дијаспората, одат за покривање на трговскиот дефицит и како што можете да видите од податоците, разликата меѓу тие две ставки, трговскиот дефицит и приватните трансфери не е голема. Но, има еден друг факт кој не тера да бидеме по претпазливи кога велиме дека дијаспората ни испрати толку и толку милиони евра а тој е следниот: околу 70 отсто од евидентираните приватни трансфери се откупени на менувачкиот пазар во државата. Тоа значи дека во тој куп евидентирани приватни трансфери можеби со незанемарлив дел учествуваат т.н. "скриени извози", неевидентирани услуги на нерезиденти и сл., кои нашата статистика не успева прецизно да ги "улови". Овој дел на де факто недозначени однадвор девизи, а формално евидентирани како испратени од надвор, во НБРМ сметаме дека не е мал и ако е тоа точно, а треба да се открие со натамошно подобрување на статистиката, сликата за нашата тековна сметка од платниот биланс би била прилично подобра. Но, во секој случај, дознаките се голем и важен дел за финансирање на трговскиот дефицит и за зголемување на т.н. расположив доход за потрошувачка.
КЛЕВЕТЕЊЕТО И ИНТРИГАНСТВОТО НА МНОГУМИНА ИМ СЕ ПРОФЕСИЈА
· Во минатата година почнаа неколку постапки за продажба на домашни банки. Две завршија неуспешно, а две се уште се во тек. Многумина Ви припишуваат вина за пропаѓањето на продажбата, пред се на Поштенска банка. Која беше Вашата улога и каде запна продажбата?
Во Македонија дефамацијата, односно клеветењето и интригантството на многумина им е главна професија. Во нарушениот систем на вредности, на таа основа градат кариери и обезбедуваат добра живејачка, се разбира во полза на општата штета. За жал на разни начини на таквите им се помага. Зашто, кога ќе ги прашам, и во врска со ова прашање, пренесувачите на тие "мислења", "оценки" да го кажат идентитетот или да ги замолат самите да се идентификуваат кои се тие "оценувачи" и кои им се аргументите за нивното "длабоко умно" и "патриотско" мислење, се разбира, одговор нема. Демек, изворот не се открива, а тие самите не сакаат да се појават. А приказната, се разбира, сакаат да се тркала, зошто знаат што се може да проголта јавноста. Кажете ми вие како ние од Централната банка би можеле да спречиме влез на странска банка, особено на добар бренд? Не сме сопственици на акции. Не купуваме и продаваме банки, не учествуваме во преговорите помеѓу сопствениците и потенцијалните купувачи, не ги ни прашуваме до каде ви се преговорите освен ако самите дојдат и сакаат да информираат. Нашата улога е само давање согласност откако двете страни се договориле. Така бара Законот. Е сега кажете ми вие или тие, за која странска банка, кој бренд на странска банка, откако купувачот и продавачот се договориле, Централната банка рекла не? Се разбира таков пример нема. Но очигледно потребата за дефамирање ќе продолжи. На актерите на овие приказни нешто не им оди. На личен план не можат да работат без валканици, а пречка за нивниот вид на бизниси е еден здрав, принципиелен регулатор како што е Централната банка.