Интервју: Димитар Богов, гувернер на НБРМ, за „МИА“, 25 декември 2014 година
1. Веќе сме на крајот на годината. Според вашите расположливи информации, какви се очекувањата за да заврши годината и што очекувате за следната?
Неодамна, во средината на ноември, ги објавивме нашите финални очекувања за македонската економија во 2014 и проекциите за 2015 година. Се очекува просечната годишна инфлација до крајот на оваа година да биде околу нулата, што главно се должи на падот на светските цени на нафтата и храната. Во 2015 година инфлацијата би се движела околу 1%, во зависност од движењата на светските цени на основните производи и натамошното забрзување на економијата. До крајот на годината се очекува продолжување на позитивните движења во реалниот сектор, при што се очекува економскиот раст во 2014 година да изнесува 3,7%, додека растот во 2015 година би забрзал на 4,1%. Новите странски инвестиции, поголемата искористеност на капацитетите, како и фискалниот стимул преточен во инвестиции во инфраструктурата и натаму ќе бидат главните фактори за раст на домашната економија, наспроти побавното закрепнување на странската побарувачка. Во 2014 година дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања се проценува на 2,7% од БДП, а во 2015 година предвидено е негово умерено проширување на 3,9% од БДП. Во услови на проектирани солидни финансиски приливи, се очекува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво (и покрај проектираните одливи за отплата на надворешниот долг на државата во 2015 година).
2. За следната годината прогнозите за раст се 4,1 отсто, дали македонската економија има потенцијал за повисоки стапки на раст?
Најнапред, треба да се истакне дека проектираниот раст на македонската економија за 2015 година од 4,1% е еден од повисоките во регионот, а и пошироко. Имено, во услови кога глобалното закрепнување, и особено закрепнувањето на европската економија, сè уште се смета за доста кревко (според есенската проекција на Европската комисија, се очекува во 2015 година ЕУ да оствари раст од 1,5%), за македонската економија се очекува дека ќе оствари повторно релативно висока стапка на раст при вакво окружување, како и натамошно умерено забрзување на растот, главно поттикнат од домашните двигатели на растот. Од друга страна, имајќи ги предвид структурните промени во нашата економија во последниве години, може да се каже дека постојат можности за повисок раст. Тие се најмногу поврзани со ефектите од новите компании со странски капитал, коишто при нашите проекции се обидуваме да ги процениме најреално што можеме, но сепак тука постојат потенцијални нагорни ризици. Исто така, и евентуалното побрзо заздравување на економиите на нашите трговски партнери може да делува во насока на побрз раст на домашната економија, но тоа е придружено со неизвесност.
3. Кои се ризиците со кои може да се соочиме следната година?
Во претходното прашање ги спомнав нагорните ризици, но при секое сценарио кое се однесува на некој иден период постојат и надолни ризици. Нашите последни проекции укажуваат на солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција, којашто обезбедува раст и натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму се главно од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст, особено растот во ЕУ, како и со движењата на цените на примарните производи на светските берзи условени од геополитичките и климатски фактори. Народната банка на Република Македонија внимателно ќе ги следи движењата и во следниот период и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во спроведувањето на монетарната политика заради успешно остварување на нејзините цели.
4. Банкарскиот систем е стабилен. Раст бележат и депозитите и кредитите. Дали ваквите движења ќе продолжат и наредната година?
Банкарскиот систем ја задржа својата стабилност и воедно, од крајот на 2013 година наваму, ја зајакна кредитната понуда кон приватниот сектор, и со тоа го поддржа економското заздравување. Растот на кредитите во текот на 2014 година умерено забрза, при што во октомври достигна 9,7% (наспроти 6,4% на крајот на 2013 година). Во овој контекст, особено треба да се нагласи постепеното забрзување на кредитирањето на претпријатијата (од 3,8% на крајот на 2013 година на 7,8% годишно, во октомври 2014 година), кои се носители на инвестициите и развојот во секоја економија. Растот на депозитите, исто така, забрза и во октомври изнесуваше 8,5%. Слични стапки на кредитен и депозитен раст од околу 9% очекуваме да се одржуваат и во текот на следната година, со оглед на подобрените согледувања на банките за ризиците и изгледите на економијата, како и стимулативното влијание на дел од мерките коишто ги преземавме во претходниот период.
5. Забелешките до комерцијалните банки е дека многу малку ги поддржуваат малите и средните претпријатија. Што може да се преземе за да се поттикне кредитирањето кај овие фирми?
Подобрувањето на состојбите во реалниот сектор значи и подобрување на кредитната способност на клиентите, вклучително и на овие субјекти. Во текот на изминатите две години, Народната банка презеде низа мерки за стимулирање на кредитниот раст коишто делуваа во насока на зголемување на расположливиот кредитен потенцијал. Како тој потенцијал ќе се распредели гледано по видот и големината на субјектите, зависи од самите банки и нивната анализа на ризиците поврзани со одделни клиенти и проекти. Анализата на кредитната способност на клиентот од страна на банките и процената на евентуалните ризици во однос на наплата на кредитот се во основата на секое разгледување на кредитните барања на клиентите. Доколку банките сметаат дека се работи за издржан проект и оценат дека клиентот би бил способен навремено да го отплатува кредитот, може да се очекува дека тие би одобриле кредит независно од големината на фирмата. Но, сепак за малите претпријатија потребен е специфичен пристап од страна на банките и специфични знаења со кои не располагаат сите банки. Исто така, пониската транспарентност на малите претпријатија и слабостите во управувањето значително го зголемуваат нивниот ризичен профил. Во секој случај, ги охрабруваме банките за посоодветно осмислување на нивниот пристап кон малите и средни претпријатија, како во однос на одобрување, така и во однос на следење и советување на овие субјекти.
6. Неодамна напоменавте дека мерките што ги презема европската централна банка може негативно да влијаат врз банките во земјава. За какво влијание во пракса станува збор и дали се презедоа некои активности за да се спречи тоа?
Европската Унија и евро-зоната во последниве години направија низа промени во функција на зајакнување на банкарските системи во нејзините земји-членки, како од институционален, така и од регулаторен аспект. Некои нови прописи коишто имаат нееднаков третман на ЕУ и земјите коишто не се членки на ЕУ можат да имаат непосакувано влијание врз монетарните политики на економиите од Југоисточна Европа. Ние будно ги следиме промените и настојуваме навреме да ги откриеме нивните евентуални влијанија врз домашните банки со странски капитал, а се разбира, по потреба, и навремено да им укажеме на надлежните европски институции за овие „странични“ ефекти од промените коишто ги преземаат. Токму на таа тема деновиве, заедно со делегацијата од Виенската иницијатива, имавме средби на највисоко ниво со претставници на Европската централна банка во Франкфурт. Ја договоривме соработката за наредниот период меѓу ЕЦБ и земјите од Југоисточна Европа коишто не се во ЕУ, одредени негативни ефекти се избегнати, а за некои ќе мораме соодветно да се заштитиме со промени во нашата прудентна банкарска регулатива. Во секој случај, ќе успееме да ги избегнеме тие „странични“ ефекти од реформите на банкарскиот систем во ЕУ.
7. Дали Народната банка останува на политиката на стабилен курс на денарот и натаму?
Народната банка продолжува со стратегијата на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, која се покажа како соодветна за македонската економија во изминативе, речиси, две децении, во различни фази од развојот на економијата и при различни внатрешни и надворешни шокови. Карактеристиките на економијата коишто се пресудни за изборот на оваа стратегија во меѓувреме не се променија значително и како резултат на тоа, и натаму ја поддржуваат примената на оваа стратегија.