Интервју: Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија, за магазинот „Публика“ на дневниот весник „Дневник“, 21.05.2011 година
Марјан Блажевски
Кои ќе бидат Вашите главни цели како гувернер на Народната банка во водењето на монетарната политика?
-Кога се работи за целите, гувернерот нема избор, тој мора да ги остварува целите наведени во Законот за Народната банка на Република Македонија. Затоа, јас морам да им овозможам на бизнисите и граѓаните на Република Македонија да продолжат да ги уживаат благодетите од ценовната стабилност и стабилноста на банкарскиот систем. Не загрозувајќи ја ценовната стабилност, Народната банка има обврска да ја подржува економската политика на земјата. Секако, зависи и од гувернерот како ќе го постигне тоа. Јас ќе тежнеам да водам политика на оптимално ниво на референтната каматна стапка и оптимално ниво на прудентната банкарска регулатива. Под оптимална каматна стапка ја подразбирам најниската каматна стапка која обезбедува ценовна стабилност. Под оптимална прудентна банкарска регулатива, пак, подразбирам регулатива што ќе ја обезбеди неопходната ликвидност и солвентност на банките, но нема да биде непотребен регулаторен товар врз билансите на банките.
Од Вашите првични изјави за јавноста може да се заклучи дека нема да воведете големи промени во политиката на НБРМ што ја водеше досегашниот гувернер Петар Гошев. Токму поради таквите политики тој често беше критикуван од Владата, па очекувате ли и Вие притисоци од извршната власт за промена на монетарната политика?
-Народната банка е независна институција, што е дефинирана во Уставот и Закон и оттука е доста конзервативна институција според својата природа. Секогаш може да има коментари за работата на гувернерот од страна на политичарите, но без оглед на тоа, сметам дека централната банка мора да си ја задржи независноста. Како прв човек на НБРМ, јас ќе се трудам да ја зачувам независноста.
На почетокот на кариерата работевте во Министерството за финансии, кога актуелниот премиер Никола Груевски таму беше министер. Какви Ви се сега личните и професионалните односи со Груевски?
-Првпат контактирав со сегашниот премиер Груевски кога тој беше министер за финансии, а јас работев во Државниот завод за статистика и учествував во Комисијата за воведување на Данокот на додадена вредност. Се сретнавме на тој комитет, кога јас презентирав некои анализи за ефектот на ДДВ-то врз инфлацијата во тој период. Претходно немав никакви контакти со него и воопшто не се познававме. По работата во Комитетот јас добив понуда да преминам во Министерството за финансии. Груевски тогаш не ме праша дали сум член на некоја политичка партија или какви погледи имам. Само ми рече: „Сакам да бидеш во мојот тим, дали би прифатил?“ Оттогаш имаме многу коректен однос. Соработував со него и претходниот период, но не сум политички активен. Јас го почитувам Груевски, неговите економски политики, но најмногу ги почитувам целите што ги има Народната банка и верувам дека тие цели се цели и на Владата. А, и на Никола Груевски, како премиер, не му одговара да има висока инфлација или девалвација на денарот. И тој сака стабилни политики. Може да има различни погледи како да се постигне таа стабилност, но целта ни е заедничка. Во таква ситуација, секогаш може да се разговара и да се најдат заеднички решенија.
Претседателот Ѓорге Иванов Ве предложи за гувернер како негов личен избор. Какви Ви се односите со него?
-Со претседателот Иванов имав контакти во процесот кога тој ги разгледуваше потенцијалните кандидати за оваа функција. Тогаш имавме неколку средби. На последната средба водевме долг разговор и тој ме импресионира со познавање на економијата, иако тоа не е негова професија. Ги следи најновите случувања во светот и има добри информации!
Инфлацијата под лупа
Деловните банки подолго време бараа НБРМ да ја намали стапката на задолжителна резерва како една од мерките за пониски камати за кредитите на населението и фирмите. Дали има услови тоа да се стори?
-Задолжителната резерва што ја издвојуваат банките во НБРМ е еден од основните инструменти на монетарната политика. Тие средства стојат замрзнати во централната банка и останатите банки не можат да ги пласираат. НБРМ се обидува на нив да плаќа пазарна каматна стапка, приближно како на депозити по видување. Секаде во светот централните банки ја регулираат стапката на задолжителна резерва на банките за да постигнат определени цели, а не да им креираат трошоци. Основната цел зошто пред две години ја зголемивме стапката на задолжителна резерва на девизни обврски беше да ги поттикнеме банките да го стимулираат денарското штедење за сметка на девизното. Оттогаш, денарските депозити се зголемија за 28 милијарди денари, додека девизно деноминираните за 17 милијарди. Значи, мерката дава резултати. Народната банка континуирано ja разгледува поставеноста на инструментите на монетарната политика, вклучително и на стапката на задолжителна резерва, но секогаш од аспект на целите кои сака да ги постигне, а не од аспект на трошоците на банките или трошоците на НБРМ.
За споредба, во Хрватска има повисока стапка на задолжителна резерва отколку во Македонија и на неа Народната банка на Хрватска не плаќа камата, а сепак каматите на банкарски кредити се пониски. Значи, не е трошокот за задолжителната резерва клучниот фактор за висината на банкарските каматни стапки. Има ли простор за понатамошно намалување на каматите?
-Во моментов, каматните стапки на банкарски кредити во Македонија се најниски во последните дваесет години - денарските се 8,9, а девизните 7,4 отсто. За да одговориме дали тие можат да бидат пониски треба да видиме кои фактори влијаат врз висината на каматните стапки на банкарските кредити. Основен фактор е цената на изворите на средствата на банките, односно каматата на депозитите и странските кредитни линии. На тоа се надградува маргина која зависи од премијата за ризик на клиентот, оперативните трошоци на банките, соодносот на понудата и побарувачката за кредити. Свое влијание имаат и алтернативните средства за инвестирање како што се благајничките и трезорските записи. Во моментов, просечната каматна стапка на денарски депозити е нешто повисока од 6 отсто, а на девизни депозити е 3 отсто. Тоа се прилично високи стапки. Но, банките немаат голем избор бидејќи средствата кои можат да ги добијат на финансиските пазари се поскапи. Оттука, јасно е како може да дојде до намалување на банкарските каматни стапки, а тоа е со зголемување на штедењето, намалување на ризиците во економијата и намалување на оперативните трошоци на банките.
Референтната каматна стапка на централната банка падна од 9 на 4 отсто, што е историски најниско ниво. Но, истовремено, каматите на деловните банки се спуштија само за еден до два процентни поени. Како ја оценувате оваа политика на банките?
-Фактот што каматните стапки на банките се намалија помалку отколку каматната стапка на благајничките записи кажува дека сé уште е висока цената на изворите на средства на банките, високи се ризиците во економијата и кај клиентите, високи се оперативните трошоци на банките, сé уште понудата на кредити заостанува зад побарувачката. Народната банка може да го ограничи износот на благајнички записи кои банките можат да го запишат, но тоа не значи дека тие ќе ги насочат парите во кредити, ако сметаат дека ризиците во економијата сé уште се високи. Во отсуство на други средства за инвестирање на слободните пари, тие ќе ги изнесат парите во странство, а тоа би креирало притисоци на девизниот пазар, што не е пожелно.
НБРМ, барем засега, не презеде контрамерки за растечката инфлација. Има ли опасност од галопирачка инфлација што ќе го изеде стандардот на граѓаните?
-Повисоката инфлација засега е целосно последица на повисоките цени на нафтата и храната на светските берзи. Централните банки не можат да ги контролираат цените на индивидуални производи, туку општото ценовно ниво. Времени порасти на општото ценовно ниво како резултат на шокови од страната на понудата на некои производи не значат дека е нарушена ценовната стабилност. Ние не може ништо да направиме против растот на берзанските цени на нафтата и храната, но ние по секоја цена ќе спречиме пренесување на растот на цените врз останатите производи. Нашите анализи покажуваат дека сé уште не се креираат инфлациони очекувања, а истовремено нема притисок од платите и домашната потрошувачка. Производниот јаз е негативен, цените на храната на светските берзи од март се намалуваат. Доколку не дојде до нов шок на понудата на примарни земјоделски производи и нафта на светските берзи, инфлацијата во Македонија ќе почне да се намалува во втората половина на годината, и ќе се спушти под 3 отсто во наредната година. Оттука, предвременото затегнување на монетарната политика може да направи повеќе штета отколку корист. Во секој случај, НБРМ внимателно ја следи инфлацијата и инфлационите очекувања и при првите сигнали дека ценовниот пораст се пренесува врз останатите производи, јас нема да се двоумам соодветно да реагирам за да ја зачувам ценовната стабилност.
Девалвацијата не е решение
Има мислења дека ниската инфлација е една од пречките за посилен економски растеж и дека за земји во развој е добро да имаат контролирана стапка на инфлација до 10 отсто. Дали како гувернер на НБРМ би поддржале една ваква повисока стапка на инфлација?
-Не би поддржал повисока стапка на инфлација! Емпириските истражувања не потврдиле дека повисоката инфлација е подобра за економскиот растеж. Напротив, тие покажале дека ниската инфлација е најдобар амбиент за економски растеж. Ако инфлацијата е 10 отсто, тогаш таа не може да се контролира. Се создаваат инфлациони очекувања кај населението и претпријатијата, кои тие ги вградуваат во своите одлуки.
Некои од стопанствениците, претежно извозно ориентирани, бараат да се промени курсот на денарот од фиксен во флуктирачки, со приспособливост на курсот од плус-минус 5 отсто. Народната банка досега цврсто стоеше на определбата за стабилна валута, забетонирана на 61 денар за евро, а тоа и Вие го потврдивте во последните изјави. Колку се реални овие нивни желби за девалвација на денарот?
-Девалвација на денарот не е решение за зголемен извоз и зголемен економски растеж. Економскиот растеж зависи од квалитетот на економските политики, а не од политиката на курсот. Потоа, кај најголемите извозници - металите, текстилот, земјоделските производи, увозните инпути учествуваат со 80 до 90 отсто од цената на производите. Единствениот позначаен домашен инпут е работната сила. Тоа значи, дека е многу мал просторот за поевтинување на производната цена на овие две групи производи преку депресијација на денарот. Во високо евроизирана економија каде 60 отсто од депозитите на населението и 70 отсто од депозитите на претпријатијата се деноминирани во евра, не може да ја контролирате девалвацијата на 5 или 10 отсто. Досегашното искуство покажува дека при најмала несигурност и сомневање во стабилноста на курсот, сите економски агенти - населението, претпријатијата и банките ги претвораат денарските активи во девизни. Тоа значи дека кога ќе тргне курсот надолу тој нема да има долна граница. А, поради високата девизна компонента на банкарските долгови на населението и претпријатијата, девалвацијата би довела до банкрот на голем број претпријатија и домаќинства и трансформација на девизниот во кредитен ризик кај банките со потенцијал за загрозување на финансиската стабилност.
Колку држат аргументите дека променливиот курс на денарот ќе донесе економски растеж?
-Споредбата на стапките на економски растеж од 2000 до 2007 година на сите земји, од Балтикот па до Балканот, покажува дека земјите со фиксен курс имале стапка на раст од 6,1 отсто, додека земјите со флуктуирачки курс од 4,8 отсто. Според тоа, воопшто не е точно дека земјите со флуктуирачки курс остварувале подобри економски резултати. Но, овие бројки не може да се земат како аргумент дека земјите со фиксен курс остваруваат повисоки стапки на растеж. Едноставно, на порастот влијаат многу други фактори.
Колку е исплатливо во актуелнава ситуација денарот да се замени со еврото како парична единица во земјава? Дали е поволно Македонија да се приклучи на Европската монетарна унија и пред официјалното зачленување во ЕУ?
-Европската Унија направи два исклучоци дозволувајќи им на Црна Гора и на Косово да го прифатат еврото без исполнување на потребните услови. За сите останати, меѓу кои и Македонија, не постои скратен пат до еврото!
Сигурни девизни резерви
Експертите даваат различни оценки за тоа колку Македонија е задолжена земја. Оценките се движат од средно задолжена до презадолжена. Колку навистина сме задолжени кај странските кредитори и на која категорија на земји-должници и припаѓаме?
-Податоците за долгот се транспарентни и достапни на инернет страните на Министерството за финансии и НБРМ. На крајот на 2010 година надворешниот бруто-долг на централната и локална власт изнесува 1,1 милијарда евра, односно 17 отсто од домашниот бруто-производ (БДП), а вкупниот надворешен долг 4,2 милијарди евра, односно 62 отсто од БДП-то. Значи, најголем дел од надворешниот долг е на приватниот сектор. Притоа, значително учество од 20 отсто од БДП има долгот меѓу поврзаните компании кој се регистрира како странски директни инвестиции, и од трговските кредити. Надворешниот нето-долг, односно она што го должиме кон странство намалено за она што го побаруваме од странство - изнесува 1,4 милијарди евра, што претставува 20 отсто од БДП. Ако се земат предвид сите критериуми за задолженост што ги користат ММФ и Светската Банка, Македонија е умерено задолжена земја.
Со колку девизни резерви располага Македонија во моментов и дали ги користите за одржување на курсот на денарот? Кој е Вашиот став во врска со тоа дека НБРМ би можела да оствари голема добивка ако лани девизните резерви ги чуваше во злато наместо како сега во првокласни хартии од вредност?
-Девизните резерви во моментов изнесуваат 1,9 милијарда евра, односно обезбедуваат четиримесечна покриеност на проектираниот увоз на стоки и услуги од наредната година. Во однос на инвестирањето на девизните резерви треба да се знае дека девизните резерви се пари на граѓаните на Република Македонија. Народната банка има мандат да управува со нив почитувајќи го најнапред принципот на сигурност, потоа принципот на ликвидност и на крај принципот на профитабилност. Цената на златото е многу променлива, односно оди нагоре и надолу за кратко време, што вклучува висок ризик. Сите ние можеме да преземаме висок ризик со сопствените пари, но не и со парите на граѓаните.
Колку е стабилен банкарскиот систем во земјава? Домашните банки не беа многу погодени од светската финансиска криза?
-Домашните банки добро ја пребродија светската финансиска криза, што е резултат на нивната ориентација кон класичните банкарски производи, но и прудентната регулатива на Народната банка. За време на кризата банките дополнително ја подобрија својата ликвидност и ја зголемија адекватноста на капиталот преку докапитализирање и задржување на добивката. Во такви услови, значителниот пораст на лошите кредити, што е нормално во услови на економска криза, не ја загрози стабилноста на банкарскиот сектор. Во последниот квартал на 2010 година веќе имавме промена на трендот и очекуваме тоа да продолжи поради заживувањето на економијата во оваа година.
Не знам зошто „Уникредит“ и „Рајфајзен“ не се влезени во Македонија?
Може ли да се очекува влез на некои од посилните странски банкарски брендови, кои ќе придонесе за позасилена конкуренција и пониски камати за граѓаните? Зошто големите светски банки до сега ја одбегнуваа Македонија?
-Како вицегувернер немав надлежности врз супервизијата на банките, па така немам информации кои би ми помогнале да донесам заклучок, зошто некои европски банки, како „Уникредит“ и „Рајфајзен“, кои се присутни скоро во сите земји од регионот, не се во Македонија. По големата финансиска криза во светот банките се многу повоздржани за нови инвестиции. Сепак, ние ќе водиме политика на отворени врати за сите инвеститори од финансискиот сектор кои ги исполнуваат таканаречените критериуми на фит и пропер.
Остануваат монетите од 10 и 50 денари
Основната причина зошто се воведоа монетите од десет и педесет денари беше дека трошокот за изработка на хартиените пари е многу висок, а тие брзо се абат, па не се исплатливи. Од друга страна и 10 и 50 денари е помалку од едно евро, а постои монета од едно, па и две евра, вели гувернерот Богов и додава:
-И понатаму ќе продолжиме поинтензивно со форсирање на овие монети. Досега имаше некои објективни пречки бидејќи банките не беа доволно подготвени, немаа апарати за броење. Но сега тоа е надминато, ќе настојуваме монетите што повеќе да се користат, а хартиените десет и педесет денари целосно да ги исфрлиме од промет - заклучува гувернерот.
Профил на гувернер по мерка и на опозицијата!
Демократската унија за интеграција (ДУИ), како албански партнер во власта, не застана зад Вас, како избор во Собранието бидејќи сметаше дека оваа функција треба ним да им припадне. Исто така и опозицијата не присуствуваше на седницата на која бевте избран за гувернер. Дали во меѓувреме ги надминавте недоразбирањата со нив?
Јас немав контакти со политичките партии, ниту пак имав недоразбирања со некои од нив. Претставниците на ДУИ отворено кажуваа дека немаат забелешки за мојата професионалност и компетентност, туку забелешките им беа од друг карактер. Што се однесува до опозицијата, потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, изјави: „профилот на добар гувернер би вклучувал некој што би имал одлични теоретски познавања од макроекономијата, некој што би имал добри практични познавања за тоа како функционира банкарскиот сектор, некој што би имал добри менаџерски способности, и се разбира, личност што би имала висок личен интегритет. Во развиените земји, оној што го предлага лицето за таа функција ги има предвид овие критериуми“. Споредувајки ја мојата биографија со овој профил, претпоставувам дека опозицијата е задоволна што и во Македонија предлагачот ги имал предвид истите критериуми како и во развиените земји. Во секој случај, според Законот, гувернерот има право и обврска на независност од политиката и јас тоа право целосно ќе го користам.