Очекувам пад на каматите за кредити
Интервју: Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија, за неделниот весник „Граѓански“, 05.05.2012 година
Очекувам пад на каматите за кредити
Разговараше: Ида Протугер
НБРМ испрати сигнал за намалување на каматните стапки. Тој сигнал засега се ограничи на штедните влогови, но гувернерот очекува да паднат и каматите за кредити. Тој, како што вели, сака да ги извлече банките од удобната позиција и да ги принуди на позасилено кредитирање.
Народната банка (НБРМ) неодамна направи промена кај монетарните инструменти и го ограничи емитувањето благајнички записи на еднаш месечно, наместо секоја среда како што беше досегашната динамика. Тоа предизвика бранувања во јавноста, но и брза реакција на банките на тој сигнал, со намалување на каматите за штедните влогови. Вообичаено, банките до сега на сигналите на монетарната политика реагираа многу бавно кога треба да се спуштаат каматите, особено за кредити, а бргу кога требаше да направат нагорни корекции. За тоа, се појавија стравувања дека ефектите можат да се ограничат на каматите за штедење, со што најголеми губитници ќе бидат граѓаните. Гувернерот Богов не мисли така и е решен да им ја наруши комоцијата на банките со тоа што ќе им го стесни маневарскиот простор и ќе ги принуди на зголемено кредитирање. Иако на тоа може да се гледа како на нож со две острици затоа што во услови кога се зголемуваат нефункционалните кредити, односно опаѓа моќта на кредитокорисниците да ги подмируваат своите обврски навреме, тешко е да се поверува дека банките ќе се решат на зголемено кредитирање.
Сепак, гувернерот со аргументи ги поткрепува мотивите на НБРМ за воведените промени.
Економската активност забавува повлечена од намалената побарувачка од еврозоната, а стапката на кредитен раст е под очекувањата. Истовремено, податоците за девизниот пазар и девизните резерви во првото тримесечје, како и за трговскиот дефицит во јануари и февруари укажуваат на понизок дефицит во платниот биланс од проектираниот. Стапката на инфлација во март се спушти на 1,4 отсто што е најниско ниво во последните 20 месеци. Штедењето на населението кое расте подобро од очекувањата наместо во кредитна активност банките го насочуваа во благајнички записи (Б3) чиј износ се зголеми за 10 милијарди денари, односно за една третина за само три месеци, и покрај тоа што адекватноста на капиталот и ликвидноста се на исклучително високи нивоа. Нето - задолжувањето на земјата кон странство само во последното тримесечје на минатата година се намали за 220 милиони евра, а за целата мината година за 280 милиони евра, односно за една четвртина. Конечно, Министерството за финансии предложи намалување на буџетските расходи за пет отсто. Значи, да резимирам, имаме ниско ниво на ризици во екстерниот и банкарскиот сектор, ниско до умерено ниво на ризици во јавниот сектор, курсот на денарот стабилен, инфлацијата е пониска отколку во еврозоната, а економската активност забавува. Што е понормално во таков амбиент отколку упатувањето сигнал дека има услови за поголема банкарска активност без да се загрози стабилноста? Токму тоа е и целта на нашите мерки.
Со оглед на тоа што проекцијата на НБРМ за кредитен раст на годишна основа отиде надолу, 7,6% наспроти 8% проектирани лани во октомври. Тоа наведува на заклучок дека новите мерки не се насочени кон поттикнување на кредитниот раст ?
Напротив, токму тоа е една од причините за новите мерки. Немаме намера само да констатираме дека кредитниот раст не оди како што треба и постојано да ја ревидираме стапката надолу. Сметаме дека кредитниот раст може да биде 8 отсто без да предизвика загрозување на ценовната и финансиската стабилност и јасно го сигнализираме тоа.
Очигледен е недостиг на приливи во Буџетот. Многу е веројатно дека владата финансирањето на буџетскиот дефицит ќе го покрива и со зголемено внатрешно задолжување. ? помага ли Народната банка во тоа, како што се појавија дилеми во јавноста?
Тоа е политички спин пласиран од потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски, потоа повторен од медиумите од неколку професори вклучени во разни тела на истата партија. Ако ја погледнете проекцијата на буџетот за 2012 година, најголем дел од потребата за финансирање е предвидено да се покрие со надворешно задолжување. Многу мал дел се покрива со домашно задолжување, иако има простор тоа да биде многу поголемо. Незнам зошто кај нас се прави стигма од задолжувањето на државата на домашниот пазар. Дури и ММФ последната година во неколку наврати сугерираше дека државата треба повеќе да се потпира на домашно задолжување. Во секој случај, со најавениот ребаланс се намалува неизвесноста во финансирањето на буџетот, така што ако досега немаше потреба НБРМ да ? помага на владата, уште помалку ќе има во наредниот период.
Јовановски даваше изјава од седиште на партија, но Вие ја споменавте банката во која работи со што испровоциравте реакција на неговиот директор. Каде е границата меѓу политиката и стручноста (професионалноста) во сите тие изјави? Можно ли е тие работи да се разграничат?
Јовановски со неговата изјава го прекрши Законот за Народната банка во делот кој ја регулира независноста. Во мојата реакција сакав да укажам на популизмот во неговата изјава, бидејќи секој банкар, а Јовановски е долгогодишен банкар, во која било банка во светот се грижи за профитот на својата банка, а не за намалувањето на каматите на депозитите. И тоа е нормално. Мојата изјава беше во генеричка смисла, немав намера да посочам на конкретна банка. Во поглед на границата помеѓу политиката и стручноста, тоа зависи од поединецот. Во конкретната изјава на Јовановски стручноста беше жртва на политиката.
Дали очекувавте толку брза реакција на банките на последниот сигнал, со намалување на каматите на штедните влогови?
Очекувам банките исто толку брзо да реагираат и со намалување на каматите на кредитите на приватниот сектор. Ако ги намалат каматите на депозитите , тогаш ќе имаат простор за намалување на каматите на кредитите. Во спротивно само ќе ја зголемат својата маржа.
Банките засега за да ги намалат загубите од овие мерки ги спуштија каматите за штедење, со што губитници излегоа граѓаните. Ќе има ли профит за граѓаните од новите мерки?
Вие ја потврдувате онаа апсурдна теза на г. Јовановски. Токму затоа политичарите не смеат да се мешаат во независноста на монетарната политика. Што ќе каже г. Јовановски кога ќе ги зголемиме каматите на благајничките записи? Дека НБРМ ги оштети корисниците на кредити затоа што банките ќе ги зголемат каматите? Значи НБРМ не смее ниту да ги зголеми, ниту да ги намали каматите! Секако некој ќе биде оштетен. Тоа е евтин популизам кој може да го користи во битката со своите политички конкуренти. Но не и кон монетарната власт. Тоа е опасен преседан. Токму тоа е улогата на НБРМ, да влијае на намалување или на зголемување на каматните стапки во економијата. Кога НБРМ влијае на намалување на банкарските камати, тоа треба да го поттикне економскиот раст, инвестициите и отворањето на работни места. Тоа се бенефитите на граѓаните.
Ве прашувам затоа што досегашното искуство покажа дека банките многу брзо реагираат кога треба да ги зголемат каматите на кредити, но не и кога треба да ги намалат. Впрочем НБРМ ги намали каматите на благајнички записи на рекордно ниско ниво и тоа се одржа повеќе од една и пол година, а тоа не предизвика значајна реакција на банките во корист на зголемено кредитирање?
Брзината и интензитетот на реакцијата на банките зависи од моќта на трансмисијата на монетарната политика. Во неколку неодамнешни истражувања на моите соработници забележано е дека трансмисијата на монетарната политика во нашиот банкарски систем е со ограничена моќ. Тоа беше уште една причина за редизајнирање на инструментите на монетарната политика. Се надеваме дека новата монетарна рамка ќе ја подобри монетарната трансмисија. Ако не, тогаш ќе продолжиме со унапредување на поставеноста на монетарните инструменти.
Со мерките, очигледно е дека НБРМ има корист со тоа што ќе ги намали трошоците што ги исплаќаше за камати, Владата ќе има корист ако вишокот ликвидност банките ја насочат кон државни записи, а банките се најголеми губитници бидејќи им се намалува профитабилноста. Ги одмеривте ли сите ризици?
Тоа е апсурдна теза. Зарем банките треба да ја градат својата профитабилност на сметка на НБРМ? Благајничките записи (Б3) не се средство за инвестирање. Во многу земји не постојат Б3. Тие се инструмент на НБРМ со кој го прибира вишокот ликвидност од банките. Кога НБРМ сака да прибере повеќе ликвидност таа може да ја направи каматната стапка поатрактивна за банките. Но, ако смета дека не треба стерилизира толкав вишок на ликвидност тогаш ќе ја направи каматната стапка помалку атрактивна или ќе го ограничи износот кој банките можат да го запишат. Не се банките тие кои одредуваат колкав ќе биде износот на Б3. Зошто банките би биле губитници? Ако банките вишокот што нема да го запишат во Б3 со четири отсто камата го насочат во кредити со осум отсто камата, тогаш тие ќе бидат добитници. Но, ако не знаат што да прават со тој вишок и го вратат во НБРМ во седумдневен депозит, тогаш не заслужуваат да добијат повеќе од два отсто.
Мислев на ризикот ако решат благајничките записи да ги заменат со државни записи и Вашата идеја за пад на каматите за кредити да не се оствари?
Банките се слободни да изберат каде ќе ја инвестираат ликвидноста која Народната банка нема да ја стерилизира. На крај може повторно да ја насочат во НБРМ. Но, тоа не е причина да не преземаме мерки.
Ако банките сега условно речено се ''жртви'', претходно, особено големите банки, функционираа како олигопол, настапуваа премногу конзервативно и се штитеа премногу себеси. Сега од една страна ги притискате, но од друга, дали можеби со тоа преземаат поголем ризик да ги зголемат пласманите во услови на слаба кондиција на стопанството и пораст на нефункционалните кредити?
Навистина не ми е јасно зошто ги сметате банките за ''жртви'' по нашите најнови мерки кога до вчера секоја среда читав критики за НБРМ зошто им дозволува да запишат толку многу Б3. Веќе образложив погоре дека овие промени ги воведовме по внимателно мерење на сите ризици во економијата. Нашата процена е дека има простор за повеќе кредити на приватниот сектор. Ако во меѓувреме се зголемат ризиците, секако дека повторно ќе реагираме во обратна насока. Впрочем тоа е нашата задача.
Не станува збор за жалење, туку тие самите велат дека нема квалитетни проекти за финансирање, наспроти Вашата процена дека има простор за поголемо кредитирање. Ако се појави ситуација само да си ја зголемат маржата, а да нема пад на каматите за кредити, имате ли сценарио Б?
Оценката за квалитетот на проектите покрај од одржливоста на бизнис-планот зависи и од стратегијата на банката, перцепцијата за макроекономскиот амбиент и бизнис-опкружувањето. Многу проекти кои денес не го минуваат филтерот на банките, лесно би поминале во периодот 2005-2008 година. Ваквата промена е последица на конзервативните стратегии на банките како и неизвесноста на макроекономскиот амбиент. Со најновите мерки НБРМ упатува сигнал дека макроекономската стабилност е подобра од очекувањата. Верувам дека подобрената перцепција за макроекономската состојба заедно со притисоците врз профитабилноста ќе доведат до поголема кредитна активност.
Поминаа 20 години од монетарното осамостојување. Со што може најмногу да се гордееме како постигнување од воведувањето на денарот?
Ако првите пет години беа борба за постигнување на макроекономската стабилност, без никакво сомневање може да се гордееме со стабилноста на денарот во последните петнаесет години. Тоа е резултат на посветеноста на претходните гувернери и вработените во Народната банка, дисциплината покажана од фискалната политика на сите влади во тој период, скромноста и пожртвуваноста од граѓаните кои не вршеа притисок врз потрошувачката. Сите тие придонесоа инфлацијата да биде на ниво на инфлацијата во еврозоната, а платите да не растат побрзо од продуктивноста со што успеавме да ја подобруваме конкурентноста на македонската економија при стабилен курс на денарот. Тоа е голема придобивка од која не смееме да се откажеме.
Кои според Вас биле најтемни, а кои најсветли моменти во монетарната политика во овие две децении?
Не би говорел за најтемни моменти. Секако, гледајќи од оваа перспектива, имало периоди кога монетарната политика можела да биде порелаксирана без да биде загрозена стабилноста на курсот на денарот. Најсветлиот момент трае веќе петнаесет години, а тоа е како што претходно кажав стабилниот курс на денарот.
Земјава не е имуна на глобалните турбуленции што се случуваат, особено во Европа. Кои се клучните предизвици во монетарната политика за наредниот период?
Должничката криза во еврозоната е најголемиот предизвик пред кој ќе бидеме исправени во наредниот период. Поради големата трговска размена, рецесијата во еврозоната која е многу веројатна, негативно се одразува врз реалниот сектор од нашата економија. Во такви услови, покрај одржување на стапката на инфлација на ниво на еврозоната, ние ќе ја користиме монетарната заедно со макропрудентните политики со цел да ги задржиме рамнотежите во екстерниот и банкарскиот сектор.