Интервју: д-р Љубе Трпески, гувернер на Народната банка на Република Македонија (1997-2004), за весникот „Утрински весник“, 30.12.2003 година
За курсот на денарот и инфлацијата, за банкарскиот систем
ИНФЛАЦИЈА |
КУРАЖ |
ОБЕЗВРЕДНЕТ ТРУД |
ПАРИ ВО СТРАНСТВО |
Со повисока инфлација само би се обезвреднил трудот на оние кои имаат ниски примања, а нема да се влијае поттикнувачки на стопанството |
Треба да најдеме начин да ги окуражиме нашите банки, оние 500 млн.долари кои сега ги чуваат во странските банки, да ги инвестираат кај нас |
ИНФЛАЦИЈА
Јас ги разбирам проблемите на нашите извозници, но инфлацијата од десет отсто лесно може да излезе од контрола и тогаш тешко ќе биде да се запре
ДОЛГ
Два фактора влијаат врз зголемувањето на долгот: кредити кои беа земени за изградба на инфраструктурни проекти и курсот меѓу доларот и еврото
ДЕВАЛВАЦИЈАТА НЕ Е УСЛОВ ЗА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ
БАНКА
Се уште не е сигурно, но Експорт-Импорт банка најверојатно ќе мора да оди во стечај, но државата и НБМ целосно ќе бидат намирени
Се погласно во државава се заговара дека со фиксниот курс на денарот и ниската инфлација што упорно се одржуваат, македонското стопанство не може да заживее. Тоа го зборуваат и експерти, и стопанственици и банкари. Каков е Вашиот коментар како прв човек на монетарната власт во земјава?
- Како многу работи што се испревртени наопаку во нашава земја, така и она што е најпозитивно, а тоа е ниската инфлација и стабилната вредност на денарот, се сметаат за штетни работи, иако во најголемиот број земји во светот со нормални економии, ниската инфлација се смета како јавно добро. И кога ние го постигнавме токму тоа, да се бара излез преку повисока инфлација или со девалвирање на курсот на денарот, за мене во најмала рака е неразбирливо. А што би значела повисока инфлација? Тоа значи оние што имаат фиксни примња, како што се пензионерите, административците и други, да имаат пониски реални примања, и ништо повеќе. Можно е преку тоа да се обезвреднува трудот и на тој начин да се биде поконкурентен во споредба со другите земји, каде што просечната плата е повисока. Значи, со повисока инфлација само ќе се намалат платите за фирмите да бидат поконкурентни. Меѓутоа, сите анализи што ги прави Народна банка, која е единствена институција во земјава што врз научна методологија врши процена за реалноста на курсот, покажуваат дека курсот на денарот спрема еврото е се уште реален и доволно поттикнувачки за стопанствениците коишто извозуваат. Курсот на денарот не може да задоволи ниту една поединечна желба, меѓутоа треба да се гледа на стопанството во целина. Тоа од евентуалната девалвација би претрпело повеќе штетни, отколку позитивни последици.
Кои би биле тие штетни последици?
- Прво, затоа што нашето стопанство е увозно зависно. Едноставно е невозможно да се направи девалвација, а да не се зголемат цените, бидејќи ќе се зголемат инпутите во претпријатијата. Тоа значи дека ќе се обезвредни и трудот, поради зголемувањето на цените. Курсот треба да биде реален и тој навистина е реален, така што нема апсолутно никаква основа за некаква девалвација. А тоа што некои велат дека еден или два отсто инфлација е штетна, а седум, осум или 10 отсто инфлација ќе дејствува поттикнувачки на економијата, тоа е теорија од 19 век. Во економската наука во светот е прифатено како аксиома дека само ниска и предвидлива инфлација (од два отсто) може да влијае за забрзување на економскиот развој. Инаку, инфлацијата од 10 отсто лесно може од 10 по потоа да излезе од контрола. Јас ги разбирам оние извозници што извозуваат на доларско подрачје, заради односите долар-евро, и свесен сум дека имаат големи тешкотии. Меѓутоа, таква е нашата политика, врзување на нашиот денар за нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската унија. И не може ниту Владата, ниту Централната банка да се водат од поединечни случаи во управувањето со монетарната политика.
Но, токму за одбрана на курсот во последниве неколку месеци НБМ потроши околу 12 милиони евра за интервенции од девизните резерви. Какво е во моментов нивото на девизните резерви на државата?
- Она што за мене е несфатливо е тоа што не е вест кога НБМ купува девизи од девизниот пазар за да го одржи курсот, за тој да не апресира. Во третиот квартал над 50 милиони долари откупивме, тоа никого не го интересираше. Кога Народна банка продава девизи за да ја одржи рамнотежата на девизниот пазар, тоа е за вас вест. Во последното соопштение од Народна банка ние информиравме дека девизните резерви се на историско највисоко ниво, 890 милиони долари и во исто време тие покриваат 4,6 месечен увоз, а наша обврска е да покриваме четиримесечен увоз. Имаме простор за интервенции на девизниот пазар и така што не треба населението да биде загрижено. И наредната година ќе продолжи политика на стабилен и реален курс и политика на ниска инфлација.
Да расчистиме дали курсот е стабилен или де факто фиксен, како што нагласивте неодамна?
- Водиме политика на де факто фиксен курс затоа што таа се покажа не само за Македонија туку и за сите мали и отворени економии, дека таа е најбрз најефикасен начин за постигнување ценовна стабилност. Тој е тој механизам преку кој се постигнува целосна стабилност. И се додека е реален ќе биде таков. Кога ќе покаже дека е нереален, тогаш ќе пристапиме кон девалвација. Меѓутоа, сите анализи покажуваат дека е реален и доволно поттикнувачки. Додека ја држиме вака ниска инфлацијата, нема потреба од девалвација. Кога би имале, како што заговараат некои, 10 отсто инфлација, една година, друга година, тогаш автоматски доаѓа во прашање курсот.
Ако е реален курсот, зошто тогаш трговскиот дефицит, само во првите три квартали надмина 800 милиони долари, со што го собори и ланскиот рекорд и опасно се приближува до бројката од една милијарда долари, а знаеме дека тој покажува колку повеќе сме увезувале, отколку што сме продавале производи во странство?
- Прво, дефицитот што го имаме ние со години е од структурен карактер, и тој не може во една година да се измени. Мора чекор по чекор да се врши намалување. Кога станува збор за трговски дефицит, не треба да се гледа само апсолутната бројка. Тој треба да се стави во релативни односи. Односно, колку била покриеноста на увозот со извоз кога дефицитот беше 400 милиони долари, а колку е сега. Сега покриеноста е 70 отсто. Тоа треба да се има предвид. Треба да се цени и тоа што порастот на извозот во оваа 2003 година е со забрзана динамика, во споредба со порастот на увозот. Но, дефицитот никако не може да се доведе во врска со тоа дека денарот, како што велите вие, наводно е преценет. Тогаш, како е можно годинава да имаме повисоки стапки на извоз, отколку на увоз. Извозот расте со 20,9 во првите 10 месеци во 2003 година, а увозот со 16,7 отсто. И она што е посебен квалитет оваа година, за прв пат имаме не само пораст на извоз на лон-доработките, туку и на чисти производи на странските пазари.
Зошто упорно расте надворешниот долг на државата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од собраниската говорница рече дека, во споредба со 2002 година, долгот пораснал за 200 милиони долари?
- Во поглед на задолженоста самата бројка не може да биде индикатор дали е земјата високо задолжена, ниско задолжена или умерено задолжена. Секогаш таа бројка се става во однос со општествениот производ или со извозните можности на земјата. И во сите извештаи на ММФ, на Светска банка, на “Економист” (ако веќе не и веруваме на НБМ), кога е во прашање задолженоста на Македонија, таа секогаш се вбројува во групата на умерено задолжени земји, а по некои критериуми и ниско задолжена. Таква е и минатата, а и оваа година, независно што оваа година износот во апсолутни бројки е повисок.
Но, зошто долгот се зголемува?
- На тоа влијаат два фактора. Прво, се зедоа одредени кредити од странство за изградба на инфраструктура, и второ, тоа се курсни разлики, бидејќи долгот се изразува во долари, а односите долар-евро се менуваат многу во последнава година. Поточно, на 31 октомври годинава долгот бил 1,690 милијарди долари, а на 31 декември 2002 година изнесувал 1,549 милијарди. Значи, имаме зголемување за 142 милиони долари, но од нив дури 100 милиони отпаѓаат на курсни разлики, а само 42 милиони се нови задолжувања. Така што залажува самата бројка, која сега некој ја користи, бидејќи обичниот народ не ги знае овие односи. Апсолутно не треба да бидеме загрижени дека Македонија, наводно, ќе прерасне во високо задолжена земја.
Што мислите за македонските банки кои пливаат во ликвидни средства, а ги држат во странски банки, наместо да ги пласираат во македонското стопанство?
- Тоа, според мене, е прашање број еден, за кое треба да расправаат економистите и правниците во земјава. Значи, не да се бара излез во поголема инфлација или во девалвација за да имаме забрзан развој, туку како да создадеме бизнис-клима во Македонија, за тие 500 милиони долари што нашите банки ги држат во странски банки, наместо да ги инвестираат во домашната економија. Прашање е како да ги натераме, не да ги принудиме, туку да ги окуражиме нашите банки да ги донесат тука парите и да инвестираат. Околу тоа треба да работат и судовите, и Владата, и сите субјекти во државата треба да се ангажираат како да се создаде таква клима, со цел да не зајмуваме пари од странство, бидејќи имаме наши пари. Овие средства банките се плашат да ги инвестираат во земјава, бидејќи нема добри проекти, нема добри комитенти, немаат сигурност, хипотеки се влечат, наплатата оди тешко. Кога тоа ќе го надминеме, тогаш ќе се создаде клима и за странски инвестиции, и за повисока домашна акумулација. Тоа треба да го расправаат економистите, наместо барањата за 10 отсто инфлација како излез од кризата што, всушност, ја покажува немоќта на економската наука да понуди други решенија.
Какви се вашите прогнози за каматните стапки за идната година?
- НБМ ги намали каматите кои ги одредува таа, по што со многу поумерена динамика се намалија активните стапки на банките. Нема некоја поголема врска меѓу каматите од НБМ и каматите на банките како што е во другите земји, бидејќи банките од кај нас не зајмуваат пари, од причина што пливаат во ликвидност. Само конкуренцијата може да ги натера банките да ги намалат каматите. Во еден разговор со еден директор на една новоформирана банка, која веднаш одобри кредити со многу високи камати, го прашав зошто веднаш одат со толку високи камати, тој се зачуди на таквото прашање и одговори дека кога има побарувачка и по таа камата, зошто тогаш по неа да не се пласираат.
Како го коментирате најновиот извештај на ММФ и Светска банка за банкарскиот систем во земјава, дека тој наводно има многу мали и лошо управувани банки?
- Извештајот на ММФ и на Светска банка е исклучително позитивен за банкарскиот систем. Тие правеа дијагноза на вкупниот финансиски систем. И ако внимателно се чита и не се извлекуваат реченици само да се докаже некоја теза, тогаш ќе се оцени дека реално е позитивен за банкарскиот систем и дека стрес-тестовите што ги направија покажаа дека тој е отпорен на можни шокови. Ние, впрочем, во реалноста ги доживеавме тие шокови. Околу т.н. џепни банки, погледнете ги сите мои трудови и интервјуа што сум ги давал, јас потенцирам дека главниот проблем настанува кај малите банки, каде што е споена управувачката и менаџерската функција и каде што често се користеле банките како сервис за своите бизниси. Всушност, таму настанувале проблемите, а тоа го констатира и Мисијата на ММФ. А во делот за банките што се под засилен супервизорски надзор, тоа го има во секоја централна банка во земјите во транзиција. Секогаш едни банки ќе работат подобро од други. И оние што ќе работат полошо ќе бидат под засилен надзор на супервизија од Народна банка.
Колку имаме такви т.н. проблематични банки?
- Секогаш тој број е променлив. Овој месец една банка излегува, друга банка ставаме, наредниот месец, во зависност од резултатите што ги покажуваат, влегува некоја друга банка. И никаде во светот не се соопштува колку банки и кои банки се такви, бидејќи тоа се доверливи податоци и нивното објавување може да предизвика проблеми.
Последниве две-три недели многу актуелен е случајот со продажбата на Македонска банка. Се зборува дека сопственикот на “Јака 80”, која ја купи оваа банка, има две кривични пријави во соседната држава?
- Супервизијата при изработката на предлогот за давање согласност некој да може да купи акции во банката, се води од законот и од критериумите што треба да ги исполни одредено правно или физичко лице за да може да биде акционер. Меѓу нив, ако е претпријатие, најбитни се резултатите што ги покажува во последните три години, како и дали се тие потврдени од ревизорската куќа, а ако е странско лице, бараме од меѓународно призната ревизорска куќа, а не која било, да даде извештај за потеклото и изворот на средствата. Во овој случај апсолутно се е направено. Ако бил сомнителен капиталот кога Стефановиќ ја купувал “Јака 80”, требало да се оцени од каде е тој капитал, а тој ист акционер го купи и “Жито Скопје”, “Македонска книга”, една третина од акциите на Радо банка, но тогаш никој не прашуваше од каде се тие пари, а сега кога дојде до Македонска банка одеднаш се прави проблем. Но, ако евентуално во иднина се докаже дека овој капитал што е вложен тука е од сомнително потекло, иако пред супервизијата јасно е прикажан изворот, а тоа се сопствени средства и земен кредит, тогаш автоматски неговите акции ќе ги прогласиме за приоритетни, односно без право на управување, тогаш се разрешува проблемот. И второ, го условивме давањето на таа одлука со докапитализација на банката, бидејќи само купувањето на постојните акции не го разрешуваше проблемот. А со продажбата постигнавме да се исполни и последниот услов од ФЕСАЛ-аранжманот. Јас би бил најсреќен Македонска банка да ја купеше Дојче банка или Сити банка. Но, за жал, тие банки се уште сметаат дека е високоризично да вложуваат во Македонија.
Но, дали Вие имате информации за кривичните пријави?
-Јас немам такви сознанија, ниту пак според одлуката се бара тоа. Ако некој поднесе против вас кривична пријава, се додека не ве осуди судот, вие сте невин.
На 8 јануари НБМ ќе мора да пресече околу Експорт-импорт банка. Ако банката мора да оди во стечај, ќе се спасат ли дадените гаранции од НБМ, како и милионските суми државни пари кои беа вложени во таа банка?
- Привремената управа ги даде резултатите, така што со капиталот кој е ставен под хипотека, банката сега е солвентна. Меѓутоа, проблемот е што има голем број достасани обврски, а нема време кога да се продава овој имот. Да имаше уште неколку месеци, банката ќе станеше солвентна и ликвидна за да може да продолжи со работа. Но, и доколку на 8 јануари се донесе одлука за воведување на стечајна постапка, битно е дека со овој имот во најголем процент сите доверители ќе бидат намирени, а државата и НБМ, сто отсто и тоа е сигурно.
Значи, оваа банка ќе мора да оди во стечај?
- Јас не можам да кажам сигурно, но по сите овие информации, иако е банката солвентна, најверојатно ќе мора да оди во стечај.
Според нашите информации, Вие имате добиено понуда од една значајна меѓународна финансиска институција, по завршувањето на мандатот во мај идната година да се вработите таму на многу висока функција?
- Од доаѓањето на ова место пред 5-6 години, постојано уште од првата година одвреме-навреме се актуелизираше прашањето околу моето заминување. Факт е дека сите овие години сум имал понуди да одам во одредени финансиски институции во странство и факт е дека и сега има такви понуди, меѓутоа, мојата определба е, по завршувањето на мандатот да се вратам на факултетот, бидејќи сакам остатокот од животот до пензионирање да го поминам помирно.