Интервју: д-р Љубе Трпески, гувернер на Народната банка на Република Македонија (1997-2004), за весникот "Нова Македонија"
ЕКОНОМСКИОТ РАСТ Е МОЖЕН И БЕЗ ПЕЧАТЕЊЕ ПАРИ
Пред точно една година, Собранието на Македонија го назначи дотогашниот потпретседател на Владата Љубе Трпески, за нов гувернер на Народна банка. Дотогаш за многумина привлечната функција се претвори во жешка фотелја, со оглед на бројните финансиски скандали кои имаа и пошироко, политички последици. Човекот од доверба, еден од водечките монетарни стручњаци кај нас за Нова Македонија се осврнува на актуелните состојби во македонската економија и на улогата на централната банка во процесите кои ветуваат подобри денови.
Претставниците на Светската банка и упатија јавни пофалби на Владата дека во годината на изборите превзема и непопуларни реформски зафати. Дали во Народната банка се чувствува наближување на изборите и дали има притисоци за печатење пари?
Праксата во светот покажува дека пред избори владите водат лабава економска политика со цел да придобијат што повеќе симпатии кај гласачите. Затоа и централните банкарски институции се формираат како независни од извршната власт и ја контролираат монетарната политика. Ние во Народната банка посебно го цениме фактот што Владата во поглед на водењето на економската политика се однесува како да не е предизборна година, води цврста буџетска политика со што се овозможува и ние да водиме конзистентна монетарна политика. Во спротивно, колку е полабава буџетската позиција, ќе требаше за толку да ја затегнеме монетарната политика, затоа што според Уставот и по Законот за Народна банка на Република Македонија основна цел на Народна банка на Република Македонија е да се грижи за внатрешната и надворешна стабилност на валутата. Како што можете да видите, високите претставници на Светската банка - Питер Стек и Аџеј Чибер тоа посебно го ценат. Затоа даваат високи оценки за економската политика што се води во Македонија. Во стратегијата на Светската банка за наредните 3 години спрема Македонија се вели дека во поглед на макроекономската стабилност Република Македонија заедно со Естонија го дели првото место. Од највисоката можна оценка 5 - добиена е 4,17.
Што е со оценките за другите показатели, дали и тие се поволни?
Во поглед на структурните реформи дадена е оценка 3,76 - малку пониска, но значително над просекот на земјите во транзиција, каде што просекот е 3,19. И тука сме во горната скала, така што во целина впечатокот оставен кај меѓународните институции е многу поволен. Како резултат на тоа очекуваме во наредните два месеци ЕСАФ-аранжманот за втората година да биде одобрен од страна на ММФ, како и втората транша од САЛ-аранжманот и кредитот за социјалните реформи - ССАК- аранжманот. Тоа е посебно позитивно изненадување за Светската банка - во изборна година да се оди со такви чувствителни реформи кои што можат навистина да наштетат на популарноста, меѓутоа кои што на долг рок даваат позитивни резултати за земјата.
Статистичките показатели за првите месеци од годината се поволни. Дали целокупната економска политика, во тие рамки и монетарната, влијаеше стимулативно, или пак дестимулативно за долгоочекуваниот пресврт?
Секогаш сме нагласувале дека треба да се постигне макроекономска стабилност и после да се има економски раст. Тоа е здрав економски раст. Сведоци сме на таков здрав, висок, економски раст. Имаме макроекономска стабилност - инфлација која што е на нивото на високо развиените земји, меѓу 2% и 3%, стапки на раст на индустриското производство во првите четири месеци над 11%. И тоа не само во една или две гранки кои што го повлекуваат, туку од 32 гранки, во 22 гранки имаме висок пораст. Во формирањето на општествениот производ тие учествуваат со 80%. Тоа е знак дека севкупната економија има нагорна линија. Со тоа и на најголемите скептици може да им се докаже дека здрав, висок, економски раст може да се постигне без да се печатат пари. Што ќе влече нови вработувања, нови инвестиции...
Сепак, состојбите во надворешно трговското работење не се оптимистички. Дали минатогодишната девалвација ги постигна очекуваните ефекти на планот на извозот?
Трендот кој што се сврте после девалвацијата на планот на надворешно-трговската размена во втората половина на минатата година продолжи со поинтензивно темпо и во првите четири месеци од оваа година. Јас нема да ги кажам податоците за надворешно-трговската размена затоа што по Законот за тоа е задолжен Републичкиот завод за статистика. Но, ќе ви кажам дека имаме пораст на извозот, имаме исто така и пораст на увозот. Новиот квалитет е што сега имаме пораст на увозот на репроматеријали што почна во претходните месеци минатата година и што резултира со висок пораст на индустриското производство. Наместо, како што имаме минатите години, пораст на увозот пред се на стоки за широка потрошувачка, сега имаме пораст на увозот на репроматеријали што се вградуваат во производството и одат за извоз. Ако се стопира увозот, ние ќе го стопираме и растот на индустриското производство, бидејќи нашето стопанство не може преку ноќ да се преструктуира од увозно зависно и да стане извозно ориентирано. На тоа мора макотрпно да се работи на долг рок. Во секој случај движењата на надворешно трговската размена одат во позитивна насока и ако така продолжат ќе се исполнат целите што се зацртани во документите усвоени од Собранието во декември минатата година.
Постојат недоразбирања на релација царина - статистика во поглед на податоците за надворешно трговското работење. Што може НБМ да направи да се располага со квалитетни податоци кои се основа за донесување други важни одлуки?
Од страна на НБМ ги превзедовме сите активности да се оспособат институциите, пред се Републичкиот завод за статистика, да има точна и ажурна евиденција во размената со странство. Затоа што таа ни е потребна за водење конзистентна макро економска политика. Ние мора да имаме точна и ажурна евиденција. Не е дозволиво да имаме податоци во мај за јануари. Треба да имаме податоци месец за месец. Царината се оспособи со опрема и со еден современ начин на царинење на стоки преку т.н. Асикуда систем што овозможува Заводот за статистика да располага со мноштво податоци за обработка. Сега се потребни луѓе кои што ќе знаат тоа да го користат и да се воспостави врска меѓу Заводот за статистика и Царината да може податоците да бидат ажурни. Дури, доколку Заводот за статистика не може тоа да го обезбеди, превземаме обврска тоа самите да го правиме. Ќе биде крајно невообичаено НБМ да ја води евиденцијата за надворешно-трговската размена и ќе бидеме меѓу ретките земји во светот, но во интерес на државата, доколку оваа институција не биде во можност тоа да го направи, ние ќе превземеме, затоа што ни е битно да имаме точни и ажурни податоци.
Во повеќе стручни списанија во светот (Јуромани, Фајненшел тајмс) Македонија меѓу земјите во транзиција е рангирана на последното место според приливот на странски директни инвестиции. Има ли НБМ прецизни податоци колкав е обемот на странскиот капитал вложен во домашните фирми?
Колку и да изгледа чудно и невообичаено, ние во овој момент немаме точна евиденција колку се влезени странски инвестиции во Република Македонија. Знаеме дека се малку и знаеме дека постојат можности да бидат повеќе, меѓутоа во секој случај не се 16 милиони колку што сме евидентирани во минатата година, туку значително повеќе. Ние од НБМ превзедовме активности, ако треба и со законска регулатива, да ги обврземе правните и физичките субјекти во Македонија каде што вложуваат странци, да се должни тоа да го евидентираат. Сега не се задолжени. Едноставно, било кој може да гради фабрика, а да не каже дека е тоа со странски капитал.
Рековте дека е зголемен увозот на репроматеријали. Тоа само по себе значи дека се потребни повеќе девизни средства за да се плати таквиот увоз. Колку е НБМ кадарна заедно со комерцијалните банки да се одговори на таквите потреби на стопанството - има ли нарушување на девизните резерви?
Сезонски во првиот квартал НБМ секогаш интервенирала на девизниот пазар. Ние во овој период интервениравме, пред се за увозот на нафта и за увозот на жито. Се набавија поголеми количества и на нафта и на жито отколку што се потребите во нормални услови. Тоа е од две причини. Прво, заради ниската цена на нафтата на светскиот пазар - и Макпетрол, ОКТА настојуваа да купат што повеќе да ја искористат таквата конјуктура. Од друга страна, заради ситуацијата на Косово, државата сакаше да има поголеми залихи на гориво од оптималните. Исто така и на жито. Заради тоа повеќе интервениравме, но затоа ќе се обезбеди во наредните квартали помалку да се издвојуваат средства за таа намена, се разбира доколку се смири ситуацијата на Косово. Ако се исклучат интервенциите за нафта, девизниот пазар е урамнотежен. Јас се надевам до крајот на годината ќе ги исполниме оние задачи што ги имаме во поглед на откупот на вишок на девизи на девизниот пазар, притоа да остане стабилен курсот. Односно девизните резерви да бидат зголемени за вкупно 60 милиони долари од кои 30 милиони е предвидено да бидат како вишок на девизниот пазар, а 30 милиони да дојдат од двете транши од ММФ.
Пред неколку месеци на менувачкиот пазар беше извршен сериозен удар што официјално беше објаснето со откупот на тутунот, а во чаршијата "зачинето" со гласини за скорешна девалвација на денарот. Откупот заврши, но тој курс остана. Како го објаснувате тоа, и воопшто шпекулациите за потребата од девалвација?
Ние сме мала и отворена економија со висок степен на либерализација. Таквите економии што живееле во друг систем секогаш се подложни на шпекулирање дека може да живеат само во услови на нестабилен девизен курс. На одредени структури во нашата земја им одговара нестабилен девизен курс и постојано девалвирање на денарот, затоа што на тој начин е многу полесно да се скријат сопствените слабости во работењето. Бидејќи сме мала земја, шпекулација во еден град брзо се пренесува и на други места и нам во изминатиот период ни беа потребни неколку милиони марки за да го смириме курсот што повеќе беше резултат на психолошките гласини дека "еве наредниот ден ќе се случи нешто, од проверени информации, од највисокиот врв", а тоа утре го нема. Тоа придонесе од средствата за исплата на реколтата од тутунот кои што одеа во денари да се купуваат девизи и тоа исклучиво марки. Ние во одредени периоди имавме да им понудиме долари, но луѓето не ги сакаа. Бараа исклучиво марки, па моравме да повлекуваме од станство само да се задоволи побарувачката. Тоа е еден интересен феномен во Македонија, народот преферира марки, за разлика од Русија на пример, каде што народот преферира долари. Кај нас постои маркизација на целокупното пресметување и евидентирање, дури и во законите се употребуваат марките. Курсот останува да биде основно номинално сидро како во документите што ги усвои Собранието, и тој курс е сега сосема оптимален за преку него да се постигнат целите што се зацртани за порастот на општествениот производ, за движењето на инфлацијата и за порастот на извозот.
Можете ли вие како гувернер да ветите дека, да речеме, до крајот на годината ќе се задржи сегашниот паритет од 31 денари за една марка?
Да, можам да ви ветам.
Неодамна во извештајот на ЕУ за Македонија беше забележано дека реформите во банкарскиот сектор споро се спроведуваат, што се поклопува со мислењата и на некои странски експерти кај нас дека во Македонија практично нема вистински банки. Од аспект на прв човек на НБМ како вие ги оценувате реформите во банкарскиот сектор?
Треба секогаш да се има во предвид каде сме биле во минатото, каде сме сега и каде се стремиме. Во минатото имавме банкарски систем кој што беше полош и од банкарските системи и на Источноевропските земји со централно планирање. Затоа што имавме банки на здружениот труд каде што должниците управуваа, и тоа буквално, со банките. Кога се осамостоивме сите банки практично беа технички инсолвентни. Презедовме најнапред линеарна санација врз банките, потоа и индивидуална санација врз најголемата банка и ја доведовме во ситуација нејзините акции да ги продава по нормална цена на една странска банка. Исто така и во законската регулатива многу е направено. Сега големите должници веќе не се бунат зошто не се главни босови во банките, зошто не ја диктираат кредитната политика. Знаат дека не може да бидат во раководните органи на управувањето на банките. Тоа е крупен пресврт во сфаќањето. Заострени се супервизорските стандарди, поставени се Базелските принципи, голем број на банки ги исполнуваат. Ние дојдовме до ситуација лимитите од НБМ, банките со својата кредитна политика да не ги постигнуваат, затоа што внимаваат кому ќе одобрат кредит. Забелешките од ЕУ одат во две насоки - прво немаме присуство на странски банки или имаме присуство од Источноевропски земји, што тие не го оценуваат како позитивна работа. Со влегувањето на Ерсте банката ќе се измени комплетно сликата. Второ, проблемот на наплатата на хипотеките на кои што многу банки се жалат - спората судска процедура која што далеку заостанува од начинот на кој што работат западните банки. Дел од критиките се поради тоа што останаа истите менаџерски структури. Кај нив е вообичаено штом се прави санација на банките да се менуваат менаџерските структури - кај нас останаа затоа што преовлада сфаќањето дека немаме голем број искусни банкари, за да можеме да ги менуваме така често.
Коментарите се и дека банките не влегуваат во ризик.
Јас ја поздравувам таа забелешка - банките да не влегуваат во ризик. Ако е тоа забелешка, тоа според мене е комплимент за банките.