Интервју: д-р Љубе Трпески, гувернер на Народната банка на Република Македонија (1997-2004), за весникот „Капитал“, 28.11.2002 година
КАМАТНАТА ПОЛИТИКА НА ДЕЛОВНИТЕ БАНКИ Е РИГИДНА И НЕФЛЕКСИБИЛНА
Улогата на НБРМ е преку одржување на стабилноста во економијата- банкарскиот систем, да создаде предуслови за јакнење на довербата во банкарскиот сектор од страна на населението, пораст на штедењето во банките. Тоа е основа за зголемување на кредитите и намалување на каматните стапки. Банките не може со декрет да се натераат да ги намалуваат каматите. Конкуренцијата и зголемената понуда треба да го направи тоа.
Ваша оценка на досегашниот тек на реформите во банкарскиот сектор и промените кои настанаа како резултат на овие реформи.
Реформата на банкарскиот систем претставува комплексен и макотрпен процес, исполнет со низа предизвици. Во основа, реформите на банкарскиот систем на една земја никогаш не завршуваат. Секогаш постојат одредени аспекти, кои мора да се унапредат и променат, преку имплементирање на нови стандарди и практики.
Во текот на последната декада, со низа комплементарни мерки, се заокружи процесот на институционално и финансиско преструктуирање на банкарскиот систем на Република Македонија. Беа донесени и во неколку наврати ревидирани основните системски закони од областа на банкарството. Беше формирана банкарската супервизија и беше донесена прудентна банкарска регулатива, кои перменетно се унапредуваат и усогласуваат со базелските стандарди и практики.
Во 1996 година беше формиран Фондот за осигурување на депозити, а промената на неговиот статус во 2000 година и зголемувањето на лимитот на осигурениот износ на депозити во 2001 претставува дополнителен фактор за зголемување на довербата на штедачите во банкарскиот систем. Паралелно со институционалното преструктуирање, беше извршено и финансиско преструктуирање на банкарскиот систем. Спроведените методи на финансиско преструктуирање (линеарната санација на банките преку чистење на нивните биланси од побарувањата и обврските по основ на замрзнатото девизно штедење и обврските спрема Парискиот и Лондонскиот клуб, како и поединечната санација на најголемата банка, преку чистење на нејзиниот биланс од нефункционалните побарувања) се многу слични на оние кои беа спроведени во останатите земји во транзиција.
Останува да се заокружи третиот сегмент од реформите на банкарскиот систем, а тоа е оперативното преструктуирање на банките кое подразбира унапредување на корпоративното управување на банките, воведување на нови конкурентни финансиски услуги, нова информациона технологија, унапредување на системите за управување со различните видови на банкарски ризици. Во насока на забрзано спроведување оперативното преструктуирање на банките, посебно треба да се спомене влезот на странски стратешки инвеститори во неколку банки, во текот на 2000 година, како и започнатиот процес на окрупнување на банкарскиот систем, преку припојување и спојување на постоечките банки во Република Македонија.
Каква е стабилноста и ефективноста на банкарскиот систем?
И покрај надворешните шокови и безбедносната криза во Македонија во текот на изминатите години, успеавме да изградиме релативно стабилен банкарски систем. Македонскиот банкарски систем успеа да избегне системска криза од типот на оние кои се случија во некои други земји во транзиција.
Секако дека високата стапка на адекватна капитализираност на македонските банки, која повеќекратно го надминува пропишаниот минимум од 8%, конзервативниот пристап во одржувањето на ликвидноста од страна на македонските банки, како и воопшто јакнењето на супервизорската функција се само некои од факторите врз основа на кои може да се објасни фактот што и покрај масовното повлекување на депозитите за време на косовската криза и безбедносната криза во Македонија, ниту една банка не западна во несолвентност и неликвидност. Исто така, треба да се спомене дека банките успешно го положија тестот на преземање функцијата на вршење на домашен платен промет, како и минатогодишниот голем проект на физичка замена на евро валутите во заедничката валута. Сепак, и понатаму останува проблемот на ниската ефикасност на банките, анализирано преку високите каматни маргини, ниската профитабилност, високото учество на ризични пласмани, релативно неактивниот пристап на банките во барањето профитабилни проекти кои би се финансирале од нивна страна, релативно сиромашна структура на финансиски услуги кои се нудат од страна на банките... Овие проблеми се очекува да се надминат преку целосното заокружување на оперативното преструктуирање на банките, но и преку преземање на системски мерки од страна на државата, особено во сферата на судството, во насока на зголемување на ефикасноста на постапката на наплата на побарувањата на банките, како и воопшто успешно завршување на структурните реформи во македонското стопанство.
Како зголемената девизна заштеда на населението, по замената на валутите, сега да се стави во функција на стопанството?
Начинот на кој се реализираше целата операција и одсуството на поголеми и позначајни проблеми во реализација е факт поради кој целата операција на замена на ин валутите во евра може да се оцени како многу успешна.
Состојбата на девизното штедење на граѓаните на 31 Декември 2001 година изнесуваше 482 милиони евра. Само шест месеци порано на 30 Јуни 2001 година девизните заштеди на граѓаните изнесуваа околу 100 милиони евра. Тоа значи дека девизното штедење на граѓаните е зголемено петкратно. Заклучно со 23 Октомври 2002 година банките на штедачите им исплатиле 172,5 милиони евра, односно 32% од износот на девизното штедење. Во моментов заштедите изнесуваат околу 375 милиони евра, што споредено со 30 Јуни 2001 година значи пораст на девизното штедење на граѓаните од 3,7 пати.
Ова значи дека најголем дел од девизните заштеди на граѓаните останаа во банките, за разлика од најголемиот број на земји во транзиција каде заштедите на граѓаните беа повлечени. Тоа претставува најголема придобивка од оваа голема операција и најдобар знак за вратената доверба на граѓаните во банките.
Во однос на вториот дел од прашањето, банките самостојно одлучуваат каде ќе ги пласираат тие заштеди. Засега најсигурно се чувствуваат ако ги држат во странство и не може никој од надвор да влијае врз нивните одлуки. Државата треба да создаде услови, пред се правна сигурност за да можат банките зголемените заштеди да ги пласираат во нашата земја.
Како да се намалат каматите. Колку и како НБРМ може да дојде до нивно намалување, односно колку НБРМ може да придонесе за намалување на каматите?
Факт е дека каматните стапки на банките континуирано се одржуваат на високо ниво. Истовремено, каматната политика на банките се одликува со ригидност и нефлексибилност. При разгледување на овој проблем треба да се имаат предвид факторите кои детерминираат високи каматни стапки на банките: висока побарувачка за кредити наспроти релативно ниска депозитна база на банките (состојбата е подобрена со приливите при евро-конверзијата), ниска финансиска дисциплина на должниците, релативно бавни судски процедури за наплата на колатерал, ниска ефикасност на банките. Значи станува збор за фактори од системски карактер, како и бројни аспекти кои упатуваат на потребата од забрзани реформи во секторот на претпријатијата, како и натамошно реструктирање на банкарскиот сектор.
Во овој контекст, улогата на НБРМ е преку одржување на стабилноста во економијата и посебно стабилноста на банкарскиот систем, да создаде предуслови за јакнење на довербата во банкарскиот сектор од страна на населението и пораст на штедењето во банките, како основа за зголемување на кредитите и намалување на каматните стапки. Влезот на странски капитал исто така придонесува за подобрување на кредитните процедури на банките и подобрување на квалитетот на нивното портфолио, како и за поефикасно работење на банките. Банките не може со декрет да се натераат да ги намалуваат каматите. Конкуренцијата и зголемената понуда треба да го направи тоа.
Кредитните пласмани на банките во стопанството се на релативно ниско ниво, која е причината за тоа и кои се начините за подобрување на банкарската поддршка на стопанството?
Вкупните пласмани на банките во текот на 2001 година се зголемија за 7,7%, додека во периодот јануари-август 2002 година се зголемија за 10,2%, што покажува дека растечкиот тренд продолжува и се интензивира. Постојат повеќе аспекти кога се разгледува обемот на кредити пласирани од страна на банките. Пред се, како резултат на зајакнатата прудентна регулатива и влијанието на странскиот капитал, банките водат претпазлива кредитна политика која треба да овозможи подобрување на квалитетот на нивното портфолио. Тоа понатаму имплицира дека единствено добрите проекти ќе бидат прифатени од страна на банките за кредитирање, што наметнува потреба од поглемо ангажирање од страна на претпријатијата. Кај некои од банките се забележува и светскиот тренд во банкарството - банките сами бараат проекти кои ќе ги финансираат.
Зголемувањето на депозитниот потенцијал на банките со приливот на средства при евро-конверзијата, создава предуслови за зголемен обем на кредитирање. Од аспект на секторската структура, иако се забележува една позитивна тенденција на зголемено кредитирање на населението (пласмани кои банките успеваат солидно да ги обезбедат со покритие), сепак секторот на претпријатија има доминантно учество. Меѓутоа, треба да се има предвид дека домашните претпријатијата се традиционално ориентирани кон банкарски кредити и речиси воопшто не ги користат другите алтернативни извори на финансирање (преку берза, заеднички проекти со странски партнери), што упатува на потребата од сеопфатно преструктирање на секторот на претпријатијата.
Банкарите Ве обвинуваат за превисоките каматни стапки на благајничките записи?
Каматните стапки на благајничките записи на НБРМ во февруари 2002 година беа намалени на 13%, додека од јули наваму (по преминот кон тендер на каматни стапки) тие се движат околу 10% годишно. Со други зборови, каматните стапки на благајничките записи во 2002 година веќе се преполовени во однос на 2001 година, кога заради безбедносната криза беше неопходно да се зголемат. Тогаш кога се создадоа услови за намалување на каматните стапки на благајничките записи (со нормализацијата на вкупните состојби во земјата), НБРМ уште во текот на последниот квартал од 2001 година пристапи кон нивно постепено намалување.
Во следниот период, висината на каматните стапки на благајничките записи ќе зависи од интересот на банките, имајќи предвид дека се применува тендер на каматни стапки (банките аукцираат со каматни стапки). Банкарите во западните земји на високи камати на благајничките записи аплаудираат, затоа што им се тоа високоприносни неризични пласмани. Ако е кај нас поинаку, тоа само покажува дека најтешка е трансформацијата во умот од стариот во новиот систем.
Колку банките се под засилен надзор на НБМ и какви мерки се преземаа за подобрување на нивните перформанси.
Бројот на банките кои се под таканаречен засилен супервизорски надзор е променлив и зависи од констатираните состојби во работењето на банките со редовната супервизија од страна на Народната банка.
Согласно Законот за банките и Законот за НБРМ, спрема овие банки се превзема соодветна супервизорска корективна акција, која најчесто содржи мерки од следниот карактер: забрана на вршење пласмани кај комитенти, кои се оценети како ризични; сведување на одобрените пласмани во рамките на прудентните лимити, докапитализација на банките, издвојување на адекватен износ на посебна резерва за идентификуваните потенцијални загуби и слично.
Во однос на вториот дел од прашањето, може да се заклучи дека довербата во банките полека но сигурно се враќа. Најдобар показател за ова, преставува јакнењето на депозитната база на банките, која на 30.06.2002 година, бележи пораст од 55% во споредба со 30.06.2001 година. Само, вкупните денарски и девизни депозити на население на годишно ниво бележат пораст од 2,3 пати.
Во текот на првото полугодие од 2002 година може да се констатира постепено заживување на кредитната активност на банките. Она што е особено битно, е фактот што овој пораст не се рефлектираше кон евентуално генерирање на нови ризични пласмани, што е уште еден индикатор дека банките доста претпазливо настапуваат при одборување на нови кредити.
Една од карактеристиките на македонскиот банкарски систем е високото учество на лошите кредитни пласмани. Кои се причините за тоа и на кој начин може да се надмине?
Високото учество на лошите пласмани во банкарскиот систем на Република Македонија претставува акутен проблем. Во текот на последната декада, овие пласмани се движеле во просек од над 30% од вкупното кредитно портфолио на банките. Високото учество на овие пласмани во билансите на банките воглавно е последица на надворешните шокови врз македонската економија во текот на изминатите години, сеуште незавршените структурни реформи во стопанство, како и недооформената правна и институционална рамка за поефикасна постапка за наплата на побарувањата и зајакнување на финансиската дисциплина на должниците. Секако, дека не треба да се исклучат и внатрешните слабости на банките во поглед на донесувањето на погрешни кредитни одлуки.
Меѓутоа, мора да се констатира дека овие цифри за лошите пласмани во банките можеби се малку преценети, како резултат на користењето на поконзервативен пристап во квантифицирањето на лошите пласмани. За таа цел, во текот на изминатата година беше донесена нова регулатива за класификација на ризичноста на активата, со што се изврши усогласување на рагулативната рамка и практиките, прифатени од повеќето земји. Поаѓајќи од новата методологија, со состојба на 30 јуни 2002 година, учеството на побарувањата класифицирани во ризичните категории В, Г и Д изнесува помалку од 20% и е на нивото на ризичните пласмани, квантифицирани во некои земји во транзиција (Чешка, Словачка...).
Оценка за реформата на платниот промет и ефектите врз работењето на банките?
Со реформата на платниот систем, по примерот на платните системи во земјите со развиени пазарни економии, постигнати се низа развојни и динамички процеси во банкарската сфера. Пред се, новиот платен систем ја засилува компетитивната компонента на банките и претставува предуслов за имплементирање на нови банкарски производи кои ја зголемуваат ефикасноста на банките и банкарскиот систем во целина. Најочигледно, конкуренцијата предизвика намалување на цените на услугите во платниот промет. Така, на пример, постојат банки кои наплатуваат фиксна тарифа по налог за плаќање, без разлика на износот, што придонесува да се намалат цените на налозите со големи износи. Од друга страна, постојат други банки кои наплатуваат само 0,4 промили од износот, што доведува до ниска тарифа за налозите со мали износи.
За споредба, Заводот за платен промет до септември 2001 година, наплатуваше 0.4 промили од износот на плаќањето плус 13 денари за секој налог.
Од друга страна, поврзано со политиката на цените на услугите, со конкуренцијата се поттикнуваат и нови информатички и технолошки тенденции во банкарското работење иманентни на банките во развиените земји. Сето ова предизвикува дополнителни позитивни ефекти во банкарската сфера.
Многу битна придобивка е што на ниво на една банка се овозможи поефикасно следење и управување со ликвидноста на страна на банката. Со оглед дека банката има директен контакт со своите клиенти, таа може во секое време да ги следи приливите и одливите на сметките кои се водат кај неа и со тоа подобро да ја планира ликвидноста.
Со реформата се зголеми и ефикасноста на централната банка во водењето на монетарната политика, со оглед дека ги следи промените на сметките на банките во реално време.
Од страната на економските субјекти, ако се земе фактот дека според Законот за платен промет едно правно лице може да има повеке сметки во повеке банки, новиот палатен систем овозможува диверсификација на ризикот од аспект на едно правно лице, што претставува значајна придобивка на финансискиот систем воопшто.
Овие карактеристики на новиот платен систем обезбедуваат силна динамичка и развојна компонента за финансискиот систем на земјата, со што може да се каже дека реформата заврши успешно. Самиот факт, дека во изминатата година, не се ни примети дека е извршена голема операција на платниот промет, е потврда на ова тврдење.
Исто така, особено би сакал да го истакнам делот од реформата на платниот систем кој беше најголемата одговорност на НБРМ во реформата на платниот систем, а тоа е имплементирањето на систем за порамнување во реално време ("РТГС систем"). Просечното време за имплементација на РТГС систем во светот е 37 месеци, а во Македонија овој систем се имплементира за само 5 месеци. Од друга страна, брзината на развој на системот не влијаеше негативно на неговиот квалитет, туку напротив, Македонскиот РТГС систем (МИПС) со своите можности, опции и економичност спаѓа во подобрите РТГС системи во светот. Како потврда на ова тврдење е низата на посети од повеќе централни банки во светот (Бугарија, Југославија, Молдавија, Црна Гора, Западно Африканска монетарна унија и Египет) кои дојдоа во посета на НБРМ, со цел да се обучат за развој на сопствениот РТГС систем.