Воената криза ќе ги зголеми банкарските камати
Интервју: д-р Љубе Трпески, гувернер на Народната банка на Република Македонија (1997-2004), за економската редакција „Вечер“, јули, 2001 година
Воената криза ќе ги зголеми банкарските камати
Љубе Трпески, за актуелните состојби во банкарскиот систем во земјава.
Како резултат на последните мерки преземени од страна на НБМ во насока на одбраната на курсот и зачувување на ликвидноста на банките и економијата во целина, нормално е да се очекува зголемување на активните камати на банките
-НБМ писмено побара од Владата измена на Законот за банки со што ќе се вратат старите решенија односно за секоја измена над 3 отсто, да се бара претходна согласност на централната банка и за која било промена во акционерската структура во банките да се даде доказ за потеклото на парите
-Девалвација на денарот нема да има, а НБМ има сили, инструменти и капацитет во девизните резерви да ја брани домашната валута
Актуелната нарушена политичко-безбедносна состојба во земјава го зема својот данок и во бнакарскиот систем. Централната банка презема редица мерки и активности за одбрана на девизниот курс на денарот и одржувањето на ликвидноста на македонските банки. За состојбите во оваа сфера, разговаравме со првиот човек на монетарната власт во земјава, гувернерот Љубе Трпески
Каков е одразот на нарушената политичко-безбедносна состојба во земјава врз банкарскиот систем и кои се главните проблеми со кои се соочуваат македонските банки?
Нарушената безбедносна состојба во земјава има силно негативно влијание врз економијата во целина, во тие рамки и врз банкарскиот сектор. Во банкарството, тоа се огледа во намалувањето на процентот на враќање на кредитите на стопанските субјекти на банките, повлекувањето на депозитите од банките, одливот на девизни средства во странство, посебно од нерезидентните сметки.
Зголемена банкарска ефикасност
Минатата и оваа година беа планирани како години на најголеми реформски зафати. Во рамките на овој процес е и реформата на банкарскиот систем. До каде се стигна по ова прашање дотолку повеќе што во одредени банкарски кругови се зборува дека реформите во банкарството не се ни започнати?
Во текот на 2000-та година продолжија реформските активности во македонското банкарство и неговата институционална рамка, насочени во правец на изградба на здрав, стабилен и ефикасен банкарски систем кој треба да биде гаранција за стабилен ефикасен банкарски систем кој треба да биде гаранција за стабилен и одржлив развој на македонската економија. Во таа смисла, особено треба да се истакне донесувањето на новиот Закон за банките со кој е остварено понатамошно усогласување на законската регулатива со Европските директиви од областа на банкарството и т.н. 25 Основни принципи за ефикасна банкарска супервизија. Со имплементацијата на овој Закон и соодветните подзаконски акти се очекува зајакнување на прудентните стандарди и практики во работењето на банките, зајакнување на корпоративното управување во банките и зголемување на ефикасноста во банкарското работење, потоа зајакнување на банкарската супервизија, особено во доменот на корективните активности кои се преземаат спрема банки со констатирани проблеми во своето работење кои ја загрозуваат нивната стабилност и сигурност. Врз основа на донесениот Закон за банките, во втората половина од 2000-та година се презедоа интензивни активности за ревидирање на подзаконската супервизорска регулатива во правец на нејзино усогласување со Базелските супервизорски стандарди. Исто така, во доменот на регулативната рамка на банкарскиот и финансискиот систем во целина значајно е да се спомене донесувањето неколку мошне значајни законски решенија како што се: Законот за хартии од вредност, Законот за Фондот за осигурување на депозити, Законот за договорна хипотека и Законот за изменување и дополнување на Законот за извршна постапка.
До каде е процесот на окрупнувањето на банките, кои банки до сега добиле дозвола од НБМ за спојување или припојување една кон друга и дали е на повидок уште некој ваков банкарски дил? Се шпекулира за наводно спојување на Македонска со Балканска банка?
Процесот на окрупнување на банкарскиот систем е на самиот почеток. Првите примери на окрупнување на банките во Република Македонија настанаа со спојувањето на Тетекс банка а.д. Скопје со Кредитна банка а.д. Битола во Тетекс-Кредитна банка а.д. Скопје и припојувањето на Земјоделска банка а.д. Скопје кон Силекс банка а.д. Скопје. Во моментот постојат и најави за припојување на Пелагониска Банка а.д. Прилеп кон Комерцијална Банка а.д. Скопје. Причините за овие статусни промени главно се должат на зголемената конкуренција во банкарскиот систем која настана со влезот на странски директни инвестиции кај дел од поголемите банки во Република Македонија. Исто така реформите во платниот систем и неговото преземање од страна на комерцијалните банки дава силен импулс на започнатиот процес на окрупнување и консолидација на банкарскиот систем. Во оваа насока се очекува процесите на окрупнување и консолидација на банкарскиот систем да продолжат и понатаму. Основен ефект кој треба да произлезе од процесот на окрупнување на банкарскиот систем е концентрација на банкарскиот систем во помал број високо капитализирани банки кои ќе можат адекватно да ги покријат преземените ризици.
Инаку, Народна банка на Република Македонија до денес нема добиено најава за спојување на Македонска со Балканска банка.
Деновиве во јавноста се крена голем прав околу "Македонска банка". Каков е вашиот став, како прв банкар во земјава за последната трансакција со 27 отсто од акциите на Банката, поточно сметате ли дека од аспект на НБМ оваа трансакција е изведена легално?
Проблемите со промената на сопственичката структура во банките настанаа како резултат на новите решенија во Законот за банки, според кои за секоја промена до 10% не потребна согласност од НБРМ, а исто така НБРМ нема право да го испитува потеклото на парите со кои се купени акциите. Таквите решенија во Законот овозможија во една банка целосно да се промени сопственичката структура на банката без да се бара согласност од НБРМ. Слично е и во Македонска банка, скоро една третина од акционерскиот капитал ги промени сопствениците без да се бара согласност од НБРМ. Од тие причини НБРМ писмено побара од Владата измена на Законот за банки. Всушност, НБРМ побара да се вратат старите решенија, односно за секоја измена над 3 отсто, да се бара претходна согласност од НБРМ и за која било промена да се даде доказ за потеклото на парите, во смисла дали се тие од оданочени приходи и сл.
Војната ги уплаши странците
Светската банка инсистира на повторно намалување на процентот од 10 отсто над кој заинтересираните купувачи на акции во банка мораа да бараат согласност од НБМ. Подготвувате ли ваква измена?
Во таа смисла е писмото од Светската банка. Сега на потег се Владата и Парламентот. Колку тие побрзо ќе реагираат, толку помали ќе бидат штетите.
Дали во моментов има најава, поточно дали некоја странска банка појавува интерес за влез во некоја од нашите банки?
Пред почетокот на кризата имаше најави за влегување на странски капитал во македонскиот банкарски сектор. Последниве месеци, нормално такви најави нема. Но, по мое убедување најавите за влез на странски капитал во македонските банки ќе се обноват веднаш по завршувањето на воените случувања во Република Македонија, кои се надевам нема долго да траат.
Од понеделник стартува реформата на платниот промет. Дали сметате дека банките се подготвени за оваа операција?
Реформата на платниот систем е една од најкомплексните реформи бидејќи зафаќа промени во многу други области (банки, управа за јавни приходи, фондови, статистика, итн). Оваа реформа се подготвуваше од 1997 година и се очекува во јули да започне да се имплементира. Имплементацијата ќе оди фазно, со тоа што во јули само мал дел на правни лица ќе преминат во банките со цел да се проверат системите на банките. Главнината од сметките се очекува да помине помеѓу 26 септември и 21 ноември, додека за пасивните сметки преминот ќе трае до 31 декември. Се очекува до оваа дата сите сметки да преминат во комерцијалните банки со што платниот промет целосно ќе помине во банките и ЗПП ќе се трансформира во повеќе институции.
Народна банка на Република Македонија активно учествува во реформата на платниот систем. Таа ги има исполнето сите обврски согласно со новиот закон за платен промет: изградивме систем за порамнување кој функционира по РТГС принципите, изградивме инфраструктура за дистрибуција на готовината низ земјата, дефиниравме стандарди кои банките треба да ги исполнуваат за да бидат носители на платен промет, итн. Според досега извршените симулации со бнаките, може да се констатира дека македонските банки се на различен степен на подготовка за вклучување во новиот платен промет. Има банки (најголемите), кои се подготвени веднаш да се вклучат во новиот платен промет. има банки за кои треба еден извесен период да ги дозавршат подготовките пред да се вклучат во платниот промет и има исто така банки кои се на самиот почеток во таа подготовка.
Деновиве сме сведоци на раздвижување на курсот на денарот на менувачкиот пазар. Дали НБМ има сили и натаму да го брани курсот, поточно дали може да гарантира дека тој ќе остане и натаму стабилен?
На седница на Советот на НБРМ на 28 јуни годинава беше усвоена новата Проекција на монетарната политика за 2001 година, која претставува дел од редизајнираната макроекономска политика на земјата за втората половина на 2001 година во согласност со последните преговори со мисијата на ММФ. Притоа, уште еднаш беше потврдена определбата на НБРМ дека, одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на германската марка, останува номинално сидро во економијата, кое ќе се брани со сите расположливи инструменти на макроекономската политика.
Успешна одбрана на курсот
Колку од почетокот на кризата до сега во земјава се потрошени средства од девизните резерви за одбрана на домашната валута?
Во однос на тоа колку средства од девизните резерви се потрошени за одбрана на девизниот курс на денарот, можам да констатирам дека износот не е голем, од причина што НБРМ досега делуваше повеќе на страната на побарувачката. НБРМ е подготвена, согласно условите на девизниот и менувачкиот пазар активно да делува и на страната на понудата. За ова, поткрепа имаме во девизните резерви, чиј капацитет е доволен за успешна одбрана на курсот на денарот.
Со последната мисија на ММФ договорена е редизајнираната макроекономска рамка. До крајот на годинава се планира инфлација од 4 отсто. Дали ќе може оваа стапка да се одржи доколку војната во земјава потрае и во наредните месеци? Во рамките на ова дали ќе има девалвација на денарот?
Сите мерки на монетарната политика се насочени во одбрана на девизниот курс на денарот како интермедијарна цел за остварување на конечната цел, а тоа е стабилност на цените во економијата, односно ниска инфлација. Во оваа прилика би сакал уште еднаш да потврдам дека девалвација на денарот нема да има. Се надевам дека, доколку воените случувања во Македонија брзо завршат, на крајот на годината ќе имаме стапка на инфлација според договореното со аранжманот со ММФ.
Парискиот клуб на кредитори го прифати барањето на Македонија за вметнување на клаузула во договорите со која дел од нашиот долг ќе се конвертира во еколошки проекти. За кој износ на долгот станува збор и колку процентуално од тоа ќе може да се конвертира во проекти?
Парискиот клуб на кредитори само овозможува дел од нашиот долг да се конвертира во еколошки проекти. Колкав дел ќе се конвертира во еколошки проекти ќе зависи од билатералните договори помеѓу пооделни членки на Парискиот клуб на кредитори и Република Македонија.
Дали тоа значи простување на тој дел од долгот или пак ново задолжување на Македонија сега кај невладините организации на земјите кредитори на Парискиот клуб под многу поповолни услови?
Тоа поточно значи враќање на дел од долгот кон овие доверители, со обврска Република Македонија да ги реализира договорените еколошки проекти. Всушност, парите што треба да се вратат спрема одредени земји на име долг, кои по согласност од таа земја се инвестираат во еколошки проекти во Република Македонија.
На виенската рунда преговори за сукцесијата на имотот на некогашната СФРЈ е договорено проблемот на старата девизна заштеда да се решава дополнително и со посредство на БИС банката во Базел. Има ли нови информации по ова прашање и колку Македонија побарува од поранешните ЈУ републики по овој основ?
Битката за добивање на компензација за девизните заштеди на граѓаните кои штеделе во филијали или деловни единици на банки од другите поранешни ЈУ републики ќе биде многу тешка заради направените пропусти во минатото. Имено, и покрај препораките од науката, Љубљанска банка до го задржи истиот статус-филијала, тоа не е респектирано, дозволени и се статусни промени, а потоа и продажба на акциите на домашни лица, која се криеше повеќе од 3 години. Во Хрватска е направено токму тоа што македонската наука го препорачуваше, задржан е истиот статус на Љубљанска банка, во Загреб, таа и денес е филијала. Сакам да не сум во право, но се плашам дека тоа може да биде одлучувачко во преговорите.
Инаку, Република Македонија побарува од поранешната СФРЈ по основ на старо девизно штедење во Љубљанска банка околу 180 милиони германски марки.
До каде е со случајот "Англо југослав бенк" во Лондон?
Во врска со "Англо југослав бенк" во Лондон, поднесен е бизнис план за реактивирање на банката до ФСА (Фајненшал Сервисис Ауторити), која претставува овластена супервизорска агенција за финансиската индустрија на Велика Британија. Првите реакции од нивна страна се позитивни. Се чека конечен одговор и се надеваме дека во блиска иднина банката ќе биде реактивирана.
Дали НБМ е вклучена во акцијата за откривање на корумпираните банкари, во случајот со продажба на девизи што неодамна го обелодени во јавноста министерот Груевски и дали има конкретни наоди по ова прашање?
Контролата е во тек и се додека не заврши и не ги добиеме резултатите од истата не можам да ви кажам ништо повеќе за тоа во овој момент.
Дали поради влошување на состојбите во стопанството, кои директно се одразуваат и во банкарството, ќе има промени во каматните стапки на банките, дотолку повеќе што и НБМ деновиве донесе повеќе одлуки за зголемување на камати кои се во нејзин домен?
Како резултат на последните превземени мерки од страна на Народна банка на Република Македонија насочени од одбрана на девизниот курс на денарот и зачувување на вкупната ликвидност во банкарскиот сектор и економијата во целина, нормално е да се очекува зголемување на активните каматните стапки на банките. Сакам да потенцирам дека овие мерки што НБРМ ги превзема имаат времен карактер, поради актуелните воени случувања во Република Македонија и дека, штом се создаде поволен амбиент, односно кога нема да постојат повеќе причините за таквите мерки, истите НБРМ ќе ги укине.