Интервју: д-р Љубе Трпески, гувернер на Народната банка на Република Македонија (1997-2004), за „Економија и Бизнис“, 25.03.2002 година
НАРОДНА БАНКА СО ФУНКЦИОНАЛНА, ИНСТИТУЦИОНАЛНА И ФИНАНСИСКА САМОСТОЈНОСТ И НЕЗАВИСНОСТ
Кон крајот на минатата година беа извршени измени и дополнувања на Законот за Народна банка на Република Македонија. Кои беа причините за тоа и кои се основните новини во идното работење на Народна банка на Република Македонија?
Донесувањето на новиот Закон за Народна Банка на Република Македонија треба да се анализира во рамките на севкупните активности на Република Македонија во врска со постепеното усогласување на домашното законодавство со соодветните директиви на Европската Унија. Во таа насока се наметна потребата од соодветно усогласување на статусот, функциите и организацијата на Народна Банка на Република Македонија, со централните банки на земјите членки на Европската Унија и особено на Европската Централна банка. Основните принципи на кој се базира овој Закон се: зајакнување на независноста и самостојноста на Народна банка; водење на ефикасна монетарна политика и секако приближување кон меѓународните стандарди кои се однесувааат на организацијата и функциите на централните банки.
Позначајните новини во Законот за Народна Банка на Република Македонија можат да се сублимираат во следното:
o примарната цел на централната банка е одржување на ценовната стабилност, како предуслов за остварување на макроекономска стабилност на државата на долг рок. Вака дефинираната примарна цел е карактеристична за централните банки на земјите членки на Европската унија ;
o зголемување на независноста на централната банка. Иако и досега независноста на централната банка беше декларирана, сепак, со новиот Закон, во голема мера се конкретизира и засилува. Поаѓајќи од општо прифатените начела на останатите централни банки на европските земји и особено на Европската Централна банка за обезбедување на функционална, институционална, лична и финансиска независност, овој Закон во секој од овие аспекти ја потенцира независноста и самостојноста на Народна Банка на Република Македонија;
o клучната новина во Законот се однесува токму на зајакнувањето на функционалната самостојност на Народна банка, во смисла на тоа што Народна банка целосно самостојно ги утврдува целите на монетарната политика и инструментите за нејзиното остварување;
o друга позначајна новина содржана во овој Закон се однесува и на рестриктивните одредби во однос на можностите за кредитирање на државата од страна на централната банка. Имено, согласно препораките на ММФ, а со цел да се спречи евентуалното инфлаторно финансирање на потребите на државата, во законот (во делот кој се однесува на работите кои централната банка ги извршува за сметка на органите на државната власт и органите на државната управа), е прецизирано дека Народна банка може да одобри кредит или позајмица со рок на достасување до 1 ден, без можност за обновување и продолжување;
o независноста на централната банка се потенцира и со одредбите со кои се регулираат односите на Народна банка со Собранието на Република Македонија. Имено, за спроведувањето на функциите, централната банка го информира Собранието на Република Македонија, два пати годишно. Обврската на централната банка завршува со поднесувањето на соодветните извештаи, при што Собранието на Република Македонија истите ги разгледува, без обврска за нивно усвојување. Оваа практика е карактеристична за земјите со долга банкарска традиција и развиено банкарско стопанство, при што независноста на централната банка се потенцира со фактот што извештаите за нејзиното работење не подлежат на (не) усвојување од страна на парламентите;
Како ја оценувате сегашната макроекономска состојба во Република Македонија од аспект на остварувањето на основните цели и задачи на макроекономската, во рамки на тоа на монетарната, девизната политика и политиката на билансот на плаќање и девизните резерви?
Воената криза во државата, од почетокот на 2001 година доведе до значително нарушување на вкупните економски текови, поради што минатата година беше една од најтешките години од монетарното осамостојување наваму. Така, монетарната политика во 2001 година го превзеде главниот товар на одржување на макроекономската стабилност. Во услови на притисоци на девизниот пазар поради неизвесноста и зголемени буџетски расходи за безбедносни потреби, НБРМ интервенираше како на страната на понудата (со продажба на девизи на девизниот пазар), така и на страната на побарувачката за девизи преку повлекување на дел од денарската ликвидност. НБРМ успеа да ја задржи ценовната стабилност во економијата (регистрирана е просечна стапка на инфлација од 5,5%), како значаен предуслов за продолжување на позитивните движења во македонската економија од пред воената криза.
Врз основа на претпоставките за решавање на воениот конфликт, за 2002 година се предвидува ревитализирање на економијата и одржување на ценовната стабилност, како основа за остварување на здрав и одржлив економски развој. Така, за 2002 година е проектирана стапка на реален пораст на БДП од 4%, базирана на пораст на домашната потрошувачка и јавните инвестиции. Проектирана стапка на инфлација за 2002 година изнесува 2,5%, согласно проекциите за намалување на цените на нафтата на светските берзи, рецесиониот тренд во светската економија, како и цврстата определба на Централната банка за одржување на ценовната стабилност. И во 2002 година НБРМ ја задржува стратегијата на таргетирање на девизниот курс на денарот кон новата европска валута - еврото (досега валута - сидро претставуваше германската марка).
Очекуваното нормализирање на економските текови во 2002 година се потврдува со движењата на девизниот пазар (поголема понуда на девизи), а воедно на почетокот од годината е регистрирана ниска стапка на инфлација (просечната стапка во февруари 2002 година изнесуваше 3,7%). Во согласност со тековните движења, НБРМ веќе во неколку наврати изврши постепено намалување на каматните стапки на благајничките записи, праќајќи сигнал за намалување на каматните стапки на банките. Воедно, задоволителната динамика на повлекување на девизните депозити од банкарскиот сектор (депонирани заради конверзија во евра) укажува на перцепциите на економските субјекти за намален ризик, како и на зајакнувањето на потенцијалот на банкарскиот сектор за поддршка на вкупната економска активност. Со тоа се создава поволен амбиент за остварување на позитивни макроекономски перформанси во 2002 година.
Како се остварува соработката на НБРМ со комерцијалните банки и штедилниците и колку сте Вие задоволни од таа соработка?
Остварувањето на основната цел и спроведувањето на функциите на Народна Банка на Република Македонија, претпоставува негување на успешна и перманентна соработка со сите комерцијални банки и штедилници во Република Македонија. Банкарските институции се партнери на централната банка во остварувањето на основната цел - одржувањето на ценовната стабилност и секако изградба на здрав, стабилен и сигурен банкарски систем, во кој секоја институција ќе работи врз основа на општо прифатени правила и принципи на работа. Во таа насока, би сакал да изразам задоволство за високото ниво на конструктивна соработка која постои меѓу Народна Банка на Република Македонија и останатите банкарски институции во Република Македонија. Значајните реформи како што беа реформата на платниот промет и замената на ин- валутите со еврото не можеа успешно да се реализираат без координирана соработка на сите учесници во банкарскиот систем на Република Македонија. Исто така, би сакал да истакнам дека Народна Банка на Република Македонија со посебно задоволство ги зема предвид сугестиите и препораките на комерцијалните банки и штедилници кои се во насока на изградба на ефикасна регулативна рамка од доменот на банкарското работење. На крај, би споменал дека, неопходна е секако соработката и при изрекувањето на одредени корективни мерки спрема банките со одредени констатирани неправилности. Во таа насока би сакал да акцентирам дека респонзивноста на банките претставува основен предуслов за успешно спроведување на корективната акција преземена од страна на Народна Банка на Република Македонија.
Во 2002 година почна да се остваруваат неколку значајни потфати во финансискиот систем на Република Македонија во областа на платниот систем во земјата и со странство, во областа на хартиите од вредност и работењето на Македонската берза. Кое е местото и улогата на НБРМ во сето тоа?
Платните системи се една од највиталните компоненти на финансиската и економската инфраструктура. Преку нивното ефикасно функционирање се овозможува безбедно и навремено комплетирање на финансиските трансакции со што се создава клучен придонес за перформансите на националната економија.
Согледувајќи ја ваквата важна улога на платниот систем и имајќи ги во предвид светските искуства и промените во платните системи, на 30.07.2001 година започна функционалната реализација на една од најкомплексните реформи во Република Македонија, Реформата на Платниот Систем.
Овој старт преставува почеток на изградба на нов платен систем по пример на платните системи кај земјите со развиени пазарни економии кој имплицира нови обрасци во банкарското работење, ја засилува компетитивната компонента на банките и претставува предуслов за имплементирање на нови банкарски производи кои ја зголемуваат ефикасноста на банките и целиот банкарски систем во целина. Може да се каже дека новиот платен систем ја зголемува и ефикасноста на водењето на монетарната политика. На ниво на една банка се овозможува поефикасно следење и управување со ликвидноста. Ваквите карактеристики на новиот платен систем му обезбедуваат силна динамичка и развојна компонента на финансискиот систем на земјата.
Во новиот платен систем Народна банка на Република Македонија своите важни и значајни функции како носител на платниот промет ги врши во согласност со Законот за платен промет преку својата оперативна, надгледувачка и развојна улога.
Оперативната улога се состои во воведување и функционирање на Македонскиот Интербанкарски Платен Систем - Систем на бруто порамнување во реално време преку кој се процесираат големите и итните плаќања. Македонскиот Интербанкарски Платен систем претставува прв информатички систем во земјата кој користи документи во електронски облик потпишани со електронски потпис.
Исто така, Народна банка на Република Македонија спроведува надгледување над носителите на платниот промет и клириншките системи. Фокусот на надгледувачката работа е концентриран кон идентификација на потенцијалните ризици кои се појавуваат при дизајнирањето и работењето на платните системи и превземање на чекори за нивно елиминирање.
Оваа улога на Народна банка на Република Македонија е во склад со базичните принципи на системските важни платни системи и е во насока на елиминирање и минимизирање на евентуалните ризици кои произлегуваат од функционирањето на платните системи.
Развојната улога на Народна банка на Република Македонија се состои во следење и усовршување на регулативата, воведување на нови стандарди во работењето, како и следење на развојните тенденции и создавање на амбиент за нивно имплементирање во Платниот систем во Република Македонија, со цел да се овозможи спремност во интеграционите текови од оваа област.
Што се однесува до работењето со хартиите од вредност, Народна банка на Република Македонија преку платниот промет овозможува сигурно порамнување на хартиите од вредност. Во соработка со Централниот Депозитар за Хартии од Вредност, Народна банка на Република Македонија го дополни својот Систем за порамнување - МИПС, така што тој сега овозможува ДВП - порамнување наспроти пренос на хартиите од вредност. Сите брокерски куќи имаат клиентска сметка во Народна банка на Република Македонија каде се чуваат средствата на клиентите кои сакаат да купат хартии од вредност и се врши порамнување на договорените трансакции на берзата.
Како ја оценувате соработката на Република Македонија со ИМФ, ИБРД, ИДА, ИФЦ и другите регионални финансиски и кредитни институции. Која е улогата на НБРМ во таа соработка?
Република Македонија спаѓа во групата на земји во транзиција со најинтензивни односи со ММФ и Светска банка.
Таа соработка имаше повеќестрана корист за Република Македонија.
Прво, со помош на аранжманите, ги решававме проблемите коишто произлегуваат од дефицитот во платниот биланс. (Познато е дека во Република Македонија, додека беше во рамките на СФРЈ, се изградија бројни стопански капацитети коишто работат на база на увезени суровини, и таа состојба ќе не прати низ една подолга временска перспектива, додека не се преструктуира стопанството и не се доведе македонската економија во урамнотежен платен биланс).
Тоа не беа само средствата што се добиваа со тие аранжмани туку и други значителни средства добивани во форма на подароци или "меки" заеми од развиените земји наменети за поддршка на платниот биланс, а кои тие земји ги врзуваа со постоење на аранжман на Република Македонија со ММФ.
Во таа смисла, аранжманите со ММФ и Светска банка ни помогнаа, да ги регулираме односите со Парискиот и Лондонскиот клуб.
Аранжманите ни помогнаа, исто така, во периодот од осамостојувањето до крајот на 2001 година, Република Македонија да врати 713,8 милиони долари долгови кредити спрема странски доверители. Во истиот период, Република Македонија зеде кредити за поддршка на платниот биланс (главно од Светска банка и ММФ) во износ од 550 милиони долари . Од нив, 367 милиони долари се под т.н. ИДА услови, со рок на враќање од 35 години, 10 години граце период и без камата. Со други зборови, најголемиот дел од долговите спрема странство, наследени од поранешна СФРЈ, кои беа со високи камати и доспеани, ги заменивме со нови кредити , без камати и со рок на отплата од 35 години.
Без аранжманите немаше да се добијат ни 113,5 милиони долари донации (подароци - без обврска за враќање) дадени за поддршка на платниот биланс.
Второ, склучените аранжмани и исполнувањето на т.н. критериуми за извршување, помогнаа за дисциплинирано однесување на сите релевантни субјекти во реализацијата на економската политика, и како резултат на тоа, постигнување на трајна макроекономска стабилност како предуслов за одржлив стопански раст.
Трето, техничката помош што ја пружија овие две институции во годините што следеа по осамостојувањето, е драгоцена. (Само како илустрација, првите две години после осамостојувањето, стручните служби на Народна банка на Република Македонија ги правеа монетарните проекции заедно со членовите на мисиите од ММФ за да дојдеме во ситуација денес, Народната банка да пружа техничка помош на други земји во транзиција).
Курсевите коишто се организираат во Вашингтон или во Виена секоја година од страна на ММФ и Светска банка, и коишто ги завршија десетици млади кадри, се школа која ретко може да се најде на друго место.
Вие бевте присутен на донаторската конференција во Брисел. Кои се Вашите импресии и очекувања во врска со остварувањата на одлуките, од таа конференција и нивната имплементација во Република Македонија? Со имплементација на одлуките од донаторската конференција дали можеме да очекуваме позабрзан стопански растеж, се разбира подржан и од НБРМ?
По се што и се случи на Република Македонија, во минатата година, за што голем дел вината лежи и во (не)организираноста на меѓународната заедница на Косово, Македонија заслужува да и се помогне. Тоа не е барање на милостина, како некои го оквалификуваат тоа, туку одредена компензација на штетите предизвикани главно од надворешните шокови. Во сите изминати години после осамостојувањето Република Македонија беше изложена на некои надворешни шокови. Дали тоа беа санкциите на Обединетите нации спрема Србија, кои, ако не повеќе, тогаш, исто толку ја погодуваа и нашата земја. Или ембаргата на нашиот јужен сосед што на двапати ги спроведе спрема нас, косовската криза и на крај капак на се беше она што ни се случи минатата година. Спрема тоа, она што го имаме добиено на донаторските конференции е капка во море во споредба со штетите што и се нанесоа на Република Македонија предизвикани од надворешните шокови. "Манифестираната широкоградост" како Вие ја нарекувате произлегува и од зголемената критичка свест кај клучните "играчи" во меѓународната заедница дека Република Македонија заслужува да и се помогне.
Тоа што не стигнува целиот износ од она што се ветува произлегува делумно од нашата недоволна организираност да ги "извлечеме" парите од донаторите, значи, делимично од нашата бирократија, а делимично и од бирократијата од земјите донатори. Да не заборавиме дека поголемиот дел од помошта е врзана со одредени услови кои произлегуваат во основа од аранжманите со ММФ и Светската банка. Со доцнењето на исполнувањето на тие услови, доцни и помошта на донаторите. Како илустрација за нашата неорганизираност ќе го наведам примерот со претходната донаторска конференција врзана за бегалците од Косово. Ние не ја добивме сета ветена помош од донаторите, врзана за трошоците направени од наша страна за бегалците, затоа што во Министерството за финансии не ги изготвија барањата според методологијата што ја бараше меѓународната заедница. Или 18 милиони марки, подарок од Германија, наменето за реконструкција на регионалниот водовод "Студенчица" подолго време стојат неискористени заради локалистички себичности.
Најголемиот дел од "кеш" парите сепак ќе дојдат, во Народна банка, на екстерната сметка на државата за поддршка на платниот биланс. Парите, за другите две намени, за реконструкција и имплементација на Охридскиот договор, ќе одат во оние делови на Република Македонија каде што се случија оштетувањата, односно каде што треба да се имплементира Охридскиот договор.
Ние сме земја во развој, ние немаме доволно домашна акумулација за инвестиции, упатени сме на "увезена" акумулација. Нам ни требаат многу повеќе странски директни инвестиции, помалку странски кредити. 271 милиони евра е голема сума за една земја како нашата, кога би се инвестирале во една година.
* * Главниот и одговорен уредник се обрати со молба до Гувернерот на Народна банка на Република Македонија да одговори на неколку прашања од областа на статусот, функциите, местото и улогата на банката во вкупноста на монетарниот систем, монетарната политика и макроекономската стратегија и политика во Република Македонија.