Конференција на НБРМ по повод на 20-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија
Поздравен Говор на Вицепремиер и Министер за финансии на Република Македонија , Зоран Ставрески по повод одбележување на јубилејот од 20 години монетарно осамостојување на Народна банка на Република Македонија, хотел „Александар Палас“, 27.04.2012 година
Конференција на НБРМ по повод на 20-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија
Почитуван г.Димитар Богов, гувернер на НБРМ,
Почитувани гувернери,
Почитувани поранешни гувернери,
Почитувани дами и господа
Чест ми е да се обратам на денешната конференција организирана по повод одбележувањето на 20 годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија. Монетарното осамостојување како значаен симбол на државноста и независноста на Македонија е искучително значаен момент од историска гледна точка, не помалку значајно е и од економска гледна точка, бидејќи укажува на подготвеноста на една држава за воведување на една сопствена валута и дизајнирање и водење на сопствена монетарна политика. Од денешна перспектива можеме да констатираме дека во изминатите 20 години Народна банка на Република Македонија имаше огромен придонес за одржување на макроекономската стабилност и следтсвено имаше значајна улога во развојот на македонската економија. Верувам дека така ќе биде и во иднина. Кон макроекономската стабилност клучен придонес има и дисциплинираната фискална политика која во континуитет одржува ниско ниво на буџетски дефицит. Со тоа фискалната политика останува во функција на подршка на монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот која со успех се применува веќе подолг временски период. Ваквата поставеност упатува на солидна монетарно фискална координација во насока на остварување на целите на макроекономската политика, а тоа се: одржување на ниско ниво на инфлација и обезбедување на раст на економијата. Макроекономската политика во Република Македонија соодветно се справи со предизвиците што произлегоа од ударот на најголемата криза на глобалната економија во последните 80 години. Во 2009 година кога земјите од Европската Унија и Југоисточна Европа остварија реален пад на економската активност Република Македонија беше земја со трет најмал пад на Бруто домашниот производ од 0,9 проценти. Слична беше состојбата и во 2010 година кога повторно остваривме еден од најдобрите резултати во Европа со пораст на Бруто домашниот производ од 1,8 проценти, а и во 2011 година кога во услови на продолжено влијание на кризата македонскиот бруто домашен производ се зголеми за три проценти. Солидните резултати во кризните години се должат најмногу на спроведените реформи пред и во периодот на кризата. Во услови на криза наспроти глобалните финансиски нарушувања македонскиот финансиски сектор остана стабилен. Банките како столб на македонскиот финансиски систем продолжија да ја поддржуваат економијата и истовремено ја задржаа ликвидноста и солвентноста на соодветно ниво. Како резултат на мерките на Народната банка и Владата на Република Македонија граѓаните и стопанските субјекти ја задржаа довербата кон банкарскиот систем што придонесе за перманентен раст на депозитниот потенцијал кај банките. Заздравувањето на економијата беше реализирано главно преку постепено зајакнување на домашната побарувачка во услови кога екстерната побарувачка остана нарушена. Во рамките на домашната побарувачка главен двигател на растот особено во 2011 година беа инвестициите. Преку подобрување на структурата на буџетот се придонесе за динамизирање на инвестициите и зголемување на капиталните расходи како процент од буџетот. Во 2010 година тие се зголемија за 14 проценти, а во 2011 година за 15,5 проценти.
Вториот значаен фактор за зајакнатата улога на инвестициите беше улогата на странските директни инвестиции. Напорите за привлекување на странски инвестиции помогнаа да се амортизира дел од ударот на светската криза. Македонија во последните години исто така високо котира на ранг листата на реномираниот извештај на Светска банка, “Дуинг бизнис“, кој ги цени условите за водење на бизнис. Споредено со 96-то место од 2006 година, во 2011 година Македонија се искачи на високото 22 место во светот. Во последните пет години нашата земја е меѓу првите пет земји во светот што имаат спроведено најмногу реформи. Признанија за значајно подобрениот амбиент за водење бизнис, пристигаат и од другите реномирани институции. Поумереното заздравување на економската состојба во 2011 година во 2012 година се очекува земјите во Југоисточна Европа да имаат нови предизвици како резултат на должничката криза и соодветните последици што произлегоа од должничката криза. Тоа посебно ја потенцира потребата од здравите јавни финансии и потребата од континуирано спроведување на структурни реформи. Фискалната консолидација и консолидацијата на јавниот долг се предуслов за иднината на Евро зоната и во тој поглед не може да има отстапки. Она што единствено може и треба да се дискутира е темпото на фискална консолидација. И самиот Меѓународен монетарен фонд во неколку наврати повика на внимателност и препуштање на функцијата на автоматските стабилизатори на фискалната политика во прилог на побрзо економско заздравување. Освен неповолниот ефект врз краткорочното економско заздравување во некои земјо во кои се спроведува остра фискална консолидација извршено е и зголемување на индиректните даноци што неповолно се одразува врз општите состојби во тие земји. Македонија во текот на светската економска криза и должничката криза во Европската Унија имаше ниско ниво на буџетски дефицит кој не надминуваше 2,5 проценти од Бруто домашниот производ. Во исто време Македонија не ги зголеми даноците и остана една од земјите со најниско ниво на јавен долг кој што изнесува 26,8 проценти од Бруто домашниот производ
Со тоа обезбедивме простор за умерена контрациклична фискална реакција во кризниот период без да се загрози одржливоста на јавниот долг и сервисирањето на јавниот долг на среден рок. Ваквите остварувања овозможија во услови на високо неизвесно глобално опкружување прилагодувањето на македонската економија да биде соодветно и умерено со што се намали ранливоста на економијата. Во текот на 2012 година можеби и понатака Министерството за финансии како и Владата ќе бидат исправени пред потребата за поддршка на економска активност од една страна, а од друга страна можностите за финансирање на буџетскиот дефицит и потребата за натамошно одржување на прудентна фискална политика како основен преуслов за здрави јавни финансии. Исто така заедно со Народна банка ќе се фокусираме и на зајакнување на финансиската инфраструктура при што посебен предизвик ќе ни биде стабилноста на банкарскиот сектор и развојот на домашниот пазар за хартии од вредност. Министерството за финансии и Народната банка преку заедничкиот комитет за финансиска стабилност ќе ги продолжат активностите за зајакнување на регулаторната рамка и следење на светските стандарди во доменот на финансискиот систем.
Почитувани дами и господа, успешно надминувајќи ги предизвиците со кои се соочивме во текот на најголемата светска и финансиска криза во изминатите 80 години, повторно сме исправени пред нови предизвици. Македонија како и повеќето земји од регионот и Јогоисточна Европа е силно економски поврзана со земји членки од Европската Унија и секој потрес во Европската Унија се чуствува и кај нас, како и секое подобрување. Досегашното искуство од кризата, ни покажа дека макроекономскиот менаџмент во услови на неизвесно глобално опкружување мора да покаже зголемена флексибилност и зајакната координираност меѓу монетарната и фискалната политика каква што покажавме во практика. Веројатно ќе имаме уште предизвици на патот кон целосно нормализирање на економиите поради што мора да останеме и натаму посветени на континуирано следење на состојбите и изнаоѓање на решенија, притоа водејќи сметка за одржување на макроекономската стабилност и на економскиот раст.
Ви благодарам за вниманието
{{Title}}
{{Intro}}
{{{Content}}}
{{#hasElements Images}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=886"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=200&height=100"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{/hasElements}}