Димитар Богов, гувернер на НБРМ, Обраќање по повод свеченото одбележување на 25-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија
Почитувани гости, драги колеги,
Чест ми е да ве поздравам и да ви посакам добредојде на свеченото одбележување на 25-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија.
Секогаш со задоволство и гордост се потсетуваме на овој чин, како еден од историските моменти кои го означија почетокот на испишувањето на економската и монетарната историја на современата македонска држава. Имено, на денешен ден, пред точно 25 години, Собранието на Република Македонија ги донесе основните законски акти со кои се создадоа предуслови за осмислување и примена на самостојна монетарна политика од страна на Народна банка на Република Македонија, како монетарна власт на независна и суверена Македонија. Монетарното осамостојување се случи многу брзо по историскиот референдум за независност и донесувањето на Уставот на Република Македонија, и заедно со изработката на стабилизациската програма, претставуваа главни економски приоритети на првата македонска експертска влада, кои требаше да ги постават основите за изградба на новиот пазарен систем.
Само за потсетување, монетарното осамостојување на македонската економија се одвиваше во исклучително тешки економски околности на наследени проблеми и нови предизвици, стеснување на пазарот, прекин на дотогашните трговски односи во услови на војна во дел од поранешната федерација и санкции на ОН кон тогашната СР Југославија. Сето тоа, имаше огромни реперкусии врз кревката економија, штотуку излезена од долготрајната криза во СФРЈ. Се разбира, ова потсетување е повеќе за помладите генерации, верувам дека за сите активни еминентни експерти од тој период, дел од нив вечерва и тука присутни, ова е период кој е длабоко врежан во меморијата, како исклучително комплексен период во кој се барале и се донесле вистински решенија на долг рок.
Монетарното осамостојување, веројатно вообичаено и сосема природно, најнапред се поврзува со раѓањето на македонскиот денар. Веднаш по прогласувањето на денарот за парична единица на Република Македонија, кон крајот на април, во истата 1992 година, во период од само неколку дена, се изврши замена на југословенските динари за македонски денари, привремено воведени како вредносни бонови. Дефинитивните книжни и ковани денари беа воведени речиси цела година подоцна, во мај 1993 година, кога боновите постепено беа повлечени.
На системско ниво, како неопходност се наметна макроекономската стабилизација, како примарен предуслов за сите натамошни зафати и реформи во монетарната и економската сфера. Следствено, уште истиот месец, април 1992 година, Собранието на Република Македонија ја усвои првата антиинфлациска програма, која предвидуваше радикални стабилизациски мерки, вклучувајќи и: рестриктивна монетарна политика, намалувања на јавната потрошувачка, замрзнување на платите и ограничено замрзнување на цените. Само неколку месеци по воведувањето, оваа програма даде ефекти во делот на забавување на инфлацијата и намалување на девизниот курс на неофицијалниот пазар. Сепак, со падот на експертската влада, во третиот квартал на годината овој процес беше прекинат, но продолжи во текот на 1993 година со новите стабилизациски мерки на новата коалициска влада и потоа преку првите аранжмани со ММФ и Светската банка. Веќе во 1995 година беа присутни знаци на макроекономска стабилизација, при што беше остварена едноцифрена годишна стапка на инфлација, стабилен девизен курс по остварениот премин кон стратегијата на таргетирање на курсот, зајакнати девизни резерви, контрола над монетарните агрегати и консолидирање на фискалниот сектор.
Уште со првиот Закон за Народната банка на Република Македонија, централната банка е воспоставена како самостојна институција при водењето на монетарната политика и изборот на инструментите за монетарно регулирање, со основна цел – одржување на ценовната стабилност во економијата. Ваквата законска рамка, претставуваше солидна основа за изградба на современа централна банка, која ги следи трендовите во централното банкарство и е доследна на остварувањето на своите цели. Треба да се истакне дека овие битни макроекономски придобивки се сочувани и до ден денешен. Македонската економија во изминатите две децении бележи просечна инфлација од 2%, што е на ниво на дефинираната среднорочна цел на еврозоната, а девизниот курс на денарот кон еврото, како номинално сидро во економијата, се одржува стабилен, при што во последните години тоа се постигнува со незначително присуство на Народната банка на девизниот пазар. Девизните резерви се на комфорно ниво. Банкарскиот систем постојано, вклучително и во текот на глобалната криза, ја унапредуваше својата посредничка улога во економијата, при раст на штедењето и солидна кредитна поддршка на приватниот сектор.
Веќе 25 години, Народната банка стои цврсто на заложбите за одржување на ценовната стабилност, како и за здрав и стабилен банкарски систем, што повратно придонесува за нејзиниот кредибилитет кај широката јавност. Шоковите со кои се имаме соочено низ времето стимулираа поголема флексибилност и ги зголемуваа видиците и способноста за понавремено делување и соочување со секоја следна непредвидена ситуација. Исто така, постојано се води сметка за јакнење на институционалниот капацитет во контекст на динамичното глобално окружување, трендовите во финансиската сфера и сѐ покомплексните задачи.
Денес централната банка има современ монетарен инструментариум, развиено макроекономско проектирање, современ систем на управување на девизните резерви, функционален и надграден (двовалутен) платен промет, богата статистичка база, развиена истражувачка активност, супервизија базирана врз ризици, современа банкарска регулатива согласно со базелските и европските барања, примена на стандарди во сите делови од работењето. Со право може да се каже дека денес Народната банка на Република Македонија ужива углед во централнобанкарските кругови. Воедно, политиките и мерките на Народната банка се позитивно оценети од меѓународните финансиски институции.
Горди сме на постигнатите резултати и воедно спремни сме да опстоиме и да се справиме со сите идни предизвици. Продолжуваме со отпочнатите проекти и реформи во нашиот делокруг на работење, на тој начин придонесувајќи кон јакнењето и осовременувањето на економијата. Продолжуваме да функционираме како независна, транспарентна и општествено одговорна институција, која со целиот свој интелектуален капацитет, останува отворена за соработка со сите други субјекти во доменот на своите надлежности, а во насока на натамошен развој на банкарскиот, финансискиот систем и економијата во целина.
Почитувани,
Со овој краток осврт кон минатото, верувам на многумина од вас им вратив спомени од едно историско значајно време. Веќе спомнав, секој период има свои предизвици, но некои имаат историска важност. Промените од април 1992 година ги поставија темелите на современото централно банкарство и на современата пазарноориентирана економија на Република Македонија. Одлуките и промените од април ’92 година беа предуслов за сите други реформи во монетарната и финансиска сфера што следеа потоа.
По повод јубилејот 25 години од монетарното осамостојување на Република Македонија, Народната банка им изразува благодарност на членовите на Комисијата за монетарно осамостојување, најтесното раководство на Народната банка и авторите на првата антиинфлациска Програма за значајната улога и придонесот во процесот на монетарното осамостојување.
На академик Никола Кљусев, тогашен претседател на Владата на РМ и член на Комисијата за монетарно осамостојување, постхумно му доделуваме Благодарница.
На академик Ксенте Богоев, тогашен претседател на МАНУ и член на Комисијата за монетарно осамостојување, постхумно му доделуваме Благодарница.
На г. Методија Тошевски, тогашен Министер за финансии и член на Комисијата за монетарно осамостојување, постхумно му доделуваме Благодарница.
На професор д-р Љубе Трпески, член на Комисијата за монетарно осамостојување, му доделуваме Благодарница.
На г. Борко Станоевски, тогашен гувернер и член на Комисијата за монетарно осамостојување, му доделуваме Благодарница.
На професор д-р Томе Неновски, тогашен заменик-гувернер, му доделуваме Благодарница.
На професор д-р Михаил Петковски, автор на првата антиинфлациска програма, му доделуваме Благодарница.
На академик Гоце Петревски, автор на првата антиинфлациска програма, му доделуваме Благодарница.
На професор д-р Трајко Славески, автор на првата антиинфлациска програма, му доделуваме Благодарница.
Нека ни е честит 25-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија!