Согласнo со Законот за Народната банка на Република Македонија, основна цел на Народната банка е постигнување и одржување на ценовната стабилност.

Друга цел на Народната банка, којашто ѝ е подредена на основната цел, е да придонесува кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.

Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на основната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.

За остварувањето на предвидените цели, Народната банка ги врши следниве задачи:

  • ја утврдува и ја спроведува монетарната политика;
  • учествува во определување на режимот на девизниот курс;
  • ја утврдува и ја спроведува политиката на девизниот курс;
  • ги чува и управува со девизните резерви;
  • ги издава и управува со книжните и кованите пари на Република Македонија;
  • ги евидентира и ги следи кредитните операции со странство и го изготвува платниот биланс на Република Македонија;
  • прибира и изготвува статистички податоци заради извршувањето на задачите согласно со закон;
  • воспоставува, развива, регистрира и врши надзор над сигурноста, стабилноста и над ефикасноста на системите за плаќање, порамнување и клиринг;
  • регулира, издава дозволи и врши супервизија на банки, штедилници, друштва за издавање електронски пари и на други финансиски институции на начинот утврден со овој или друг закон;
  • врши надзор над примената на прописите со кои се уредува девизното работење, менувачкото работење, вршењето услуги на брз трансфер на пари, системите за спречување на перење пари и заштита на потрошувачите, во согласност со овој или друг закон;
  • врши работи на фискален агент на Владата на Република Македонија;
  • учествува во меѓународни институции и организации во врска со прашања коишто се во нејзина надлежност;
  • организира тргување и порамнување на хартии од вредност на пазарите преку шалтер и
  • врши други активности во врска со извршувањето на нејзините задачи во согласност со Законот за Народната банка на Република Македонија и друг закон.