Транспарентноста на Народната банка се обезбедува со следниве одредби и активности предвидени со Законот за Народната банка на Република Македонија:

  • Именување, избор, престанок на мандатот, оставка и разрешување на членовите на Советот на Народната банка (член 49, 50, 51, 52 и 53);
  • Периодични обраќања на гувернерот на Народната банка пред Собранието на Република Македонија или неговите комисии, во врска со прашања од монетарната политика и финансискиот систем и состојбата на економијата (член 40 став 2);
  • Редовно објавување на финансиските извештаи (член 61);
  • Редовно информирање (најмалку двапати годишно) на Собранието на Република Македонија и јавноста за монетарната политика, за остварувањето на нејзините цели и нејзините ставови за реалните варијабли во економијата (член 62 став 1);
  • Годишно поднесување до Собранието на Република Македонија и до министерот за финансии и објавување еден или повеќе извештаи одобрени од Советот на Народната банка во врска со состојбите во економијата за време на финансиската година, како и за перспективите за економијата за следната година, со посебен осврт кон целите на политиките на Народната банка и состојбата на банкарскиот систем на Република Македонија (член 62 став 2);
  • Квартално објавување извештаи за монетарната политика на нејзината интернет-страница и/или на друг начин утврден од страна на гувернерот на Народната банка (член 62 став 3);
  • Објавување извештај за финансиската стабилност за претходната година на нејзината интернет-страница и/или на друг начин утврден од страна на гувернерот на Народната банка (член 62 став 4);
  • Јавно објавување на целите на монетарната политика (член 6);
  • Задолжително објавување на Одлуките  на Советот на Народната банка во „Службен весник на Република Македонија“ (член 69 став 1);
  • Обезбедување достапност на статистички податоци и информации (член 37).