МИПС е централизиран систем за порамнување во реално време на бруто-основа во чија примена се следат меѓународните технички и сигурносни стандарди. Тој нуди напредно, усогласено и високо ниво на услуга, многу функционалности и интерфејси за учесниците, независно од тоа каде се наоѓаат.

Форматот на пораките кои се користат во МИПС е подмножество од пораките во стандардот СВИФТ МТ и стандардот ИСО 15022 MT, а за плаќањата во евра се усогласени со стандардот на пораките во системот ТАРГЕТ2. Форматот на пораките е дефиниран во документот Стандард за намената и форматот на пораките во МИПС, во кој се дадени и примери за користење на секој тип порака, множество на дозволени кодни карактери во пораките, правила за претворање на кириличните букви во латинични и слично.


МИПС е организиран модуларно за да се обезбеди стабилна и мошне брза обработка на податоците. МИПС комуницира со надворешните учесници со модулот за комуникација, размена и пренасочување на пораките - комуникацискиот сервер (PIE Dispatcher). Овој модул ги прифаќа пораките испратени од учесниците, извршува задачи во зависност од типовите на пораките и ги проследува до податочниот модул. Исто така, преку него податочниот модул ги доставува одговорите и известувањата до учесниците. Водењето на сметките за порамнување, порамнувањето на плаќањата, работата со базата на податоци и сите други јадрени функции се извршуваат во податочниот модул - МИПС-сервер (RTGS server). Податочниот модул обезбедува порамнување на голем број трансакции во единица време и водење големи табели со податоци без потешкотии. За внатрешно следење на системот во Народната банка, како и за изведување администраторски активни операции, се користат оперативните и контролните апликации: Следење на состојбите на сметките (Account Balance Monitor), Надзор и следење (Audit & Monitoring), Заднински операции (Back Office), Управување со правата на пристап (Access Rights Manager) и Управување со работниот ден (Business Day Administrator). Учесниците се поврзуваат со МИПС со апликацијата за поврзување - Корисничка апликација за комуникација (File Adapter), која користи сопствен транспортен протокол.

МИПС е редундантно поставен систем, со цел обезбедување непрекинатост во работењето на системот т.е. непрекината услуга за учесниците. Сите компоненти на системот имаат резервна компонента, која продолжува да работи во случај да откаже работата на примарната компонента.