СЕПА

Единствената европска платежна област (SEPA - Single Euro Payments Area) претставува проект за повисок степен на интеграција на внатрешниот пазар на ЕУ со кој се овозможува изедначување на условите за плаќањата во евра за сите учесници, независно од нивната местоположба, односно изедначување на националните и прекуграничните плаќања во евра. Овој проект е заедничка иницијатива на Европската комисија, Европската централна банка и Европскиот платежен совет, пришто и Евросистемот има активна улога во нејзината примена како катализатор, промотор, регулатор и извор на знаење.

Со спроведување на проектот СЕПА се очекува да се постигнат следниве цели:

  • создавање единствен пазар за електронски плаќања во евра, во кој нема да постои разлика помеѓу домашните и прекуграничните трансакции;
  • зголемување на ефикасноста на платните системи во земјите од зоната на СЕПА во однос на цената на услугите, едноставноста, функционалноста, сигурноста и доверливоста на платните системи;
  • прифаќање единствени платни инструменти за кредитен трансфер и директно задолжување во рамки на целата платежна област;
  • воспоставување техничка интероперабилност помеѓу платните системи во земјата и меѓу сите земји во зоната на СЕПА, и
  • воспоставување техничка стандардизација.

Во рамки на Стратегијата за развој на платниот систем на Република Македонија во периодот 2013 - 2017 се предвидени активности во насока на постепено воведување на стандардите на СЕПА во Република Македонија. Активностите се составен дел на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за развој на платниот систем на Република Македонија во периодот 2013 - 2017. Овие активности се спроведуваат во рамки на работните групи на Националниот совет за платни системи на Република Македонија.

Повеќе информации за СЕПА може да добиете на следниот линк од интернет-страницата на ЕЦБ.