НБРМ го врши платниот промет со странство за потребите на државата и државните органи согласно со овластувањата коишто произлегуваат од одредбите на Законот за Народна банка на Република Македонија и Законот за девизно работење. Согласно со Законот за девизно работење, НБРМ пропишува подзаконска регулатива за начинот на вршење на платниот промет со странство.

Платниот промет со странство се врши преку сметки во странска валута на НБРМ отворени во странски централни и комерцијални банки со кои има воспоставено кореспондентни односи и со посредно учество во платниот систем ТАРГЕТ2 преку централни банки од Евросистемот.

Државните органи обрасците и документите можат да ги доставуваат во хартиена и електронска форма   

Во доменот на документарно работење, НБРМ во улога на банка на државата и државните органи работи со следниве инструменти за плаќање и обезбедување од ризиците коишто произлегуваат од договорниот однос на клиентите со своите странски партнери:

1. Документарен акредитив: претставува инструмент за плаќање во странство со којшто банката презема неотповиклива обврска за плаќање на корисникот наспроти презентација на документи коишто се во согласност со предвидените услови и рокови во акредитивот.

 

2. Банкарска гаранција: претставува инструмент за обезбедување од ризиците во меѓународната трговија со којшто банката гарант презема неотповиклива обврска за плаќање на корисникот на кој било паричен износ до максималниот износ на гаранцијата, во случај на неисполнување на обврските врз основа на склучениот договорен однос помеѓу налогодавачот и корисникот.

 

3. Чек: претставува инструмент за плаќање во корист на доносителот по налог и за сметка на издавачот на чекот.

 

НБРМ ги извршува следниве видови услуги поврзани со документарното работење:

  • отворање акредитиви по барање на државата и државните органи во корист на странски правни лица, коишто подлежат на Еднообразните Правила и обичаи за документарни акредитиви, Публикација бр. 600 во издание на Меѓународната трговска комора во Париз,
  • нотификација на примени гаранции преку свифт во корист на државата и државните органи, односно проверка на автентичност на потписи кај гаранции примени во оригинал, како и проверка и испраќање на документите за барање за плаќање врз основа на активирани гаранции,
  • проследување на чекови издадени од странска банка на наплата по барање на клиентите,
  • советодавни услуги за своите клиенти како налогодавачи за отворање акредитиви во корист на странски правни лица и како корисници на банкарски гаранции издадени од странска банка гарант.

 

- Презентација за банкарски гаранции (pdf документ)

 

- Прирачник за банкарски гаранции (pdf документ)