Измени во подзаконската регулатива од областа на известувањето за состојбата и промените на капиталот и на меѓукомпанискиот долг на капитално поврзаните субјекти врз основа на вложувањата во / од странство
Почитувани известувачи,
Народната банка на Република Македонија, на 13.12.2017 година донесе измени во подзаконската регулатива од областа на известувањето за состојбата и промените на капиталот и на меѓукомпанискиот долг на капитално поврзаните субјекти врз основа на вложувањата во / од странство.
Основна цел на најновите измени е олеснување на известувањето и прибирање на дел од податоците коишто досега ни ги доставувавте, а се од други извори. Во таа насока, направени се следниве измени:
- Кај известувањето за капиталните вложувања од странство, се воведува метод на примерок во изборот на известувачите, наспроти досегашната обврска за известување која важеше за сите претпријатија со странски капитални вложувања. Отсега натаму, обврска за доставување на годишниот прашалник (образец ВС-22) ќе имаат само претпријатија избрани во примерокот на известувачи, за што навремено ќе добијат писмено известување од Народната банка;
- Исто така, за претпријатијата во кои се инвестира со организациска форма „акционерски друштва“ избрани во примерокот, се укинува обврската да известуваат на образец ВС-22 за вложувањата од нерезиденти – портфолио-инвеститори (со учество под 10% во капиталот на друштвото); и
- Исто така, им се укинува обврската на домашните инвеститори да го доставуваат годишниот образец ВС-11 за нивните вложувања во странство во друштва со организациска форма „акционерско друштво“ со учество под 10% во издадените акции, како и за вложувања во удели и акции на инвестициски фондови.
Најновите измени на подзаконските акти се достапни на интернет-страницата на Народната банка, на следниве интернет-адреси:
„Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на известување за состојбата и промените на капиталот и на меѓукомпанискиот долг на капитално поврзаните субјекти врз основа на вложувања во странство“(„Службен весник на Република Македонија“ бр.185/17 од 18.12.2017 година); и
„Упатство за дополнување на Упатството за начинот на известување за состојбата и промените на капиталот и на меѓукомпанискиот долг на капитално поврзаните субјекти врз основа на вложувања од странство“(„Службен весник на Република Македонија“ бр.185/17 од 18.12.2017 година).