Музејот на Народната банка врши истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на нумизматичкиот музејски материјал и нумизматичките музејски предмети. Преку своите изложби и издавачки активности Музејот едукативно дејствува во насока на подигање на јавната свест за значењето на македонското културно наследство.

Почетоците на Музејот на НБРМ датираат од 1999 година, кога Народната банката во своите основни функции го вклучи и откупот на стари и ретки пари од почвата на Македонија. На тој начин, НБРМ се приклучи кон водечките институции чијашто примарна цел е заштитата на движното културно наследство. Во текот на своето постоење, збирката постојано беше збогатувана, па денес со околу 22 000 примероци, таа претставува најголема јавна нумизматичка збирка во Република Македонија.