Базелската капитална спогодба претставува еден од најголемите предизвици пред кои се наоѓа банкарската супервизија на меѓународно ниво. Станува збор за комплексна методологија за утврдување на адекватноста на капиталот, којашто во голема мера одговара и произлегува од тековните состојби на меѓнародните финансиски пазари. Имено, појавата и развојот на новите банкарски производи и инструменти и новите методи за управување со банкарските ризици наметнаа потреба за сериозни промени во Капиталната спогодба од 1988 година, со која се воспоставуваат основните принципи за утврдување на потребниот износ на капитал за покривање на ризиците на кои е изложена една банка во своето работење. Како резултат на ваквите движења и промени, Базелскиот комитет за банкарска супервизија во 1999 година го започна процесот на ревизија на Капиталната спогодба, заради развивање на нова рамка за утврдување на капиталната база. Во 2004 година, Базелскиот комитет го усвои конечниот текст на Капиталната спогодба, позната и како Базел II. По нејзиното донесување, во голем број земји од светот започнаа активности за воведување и примена на одредбите од оваа спогодба. Методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот во Република Македонија е во согласност со стандардизираниот пристап од Базел II.

Како резултат на глобалната финансиска криза којашто започна во 2007 година, во претходните неколку години националните финансиски регулатори и меѓународните финансиски организации преземаа значајни активности за зајакнување на финансискиот систем и зголемување на неговата отпорност. Како дел од тие активности, од особено значење се активностите на Базелскиот комитет за банкарска супервизија. Од појавата на кризата до денес, Комитетот има изработено повеќе предлози за унапредување на постојната капитална рамка и зајакнување на прудентните стандарди и има направено измени во различни делови од спогодбата. Во таа насока се и последните измени на Базелската капитална спогодба, познати како Базел III, коишто беа усвоени од страна на највисокиот орган на Базелскиот комитет во август и септември 2010 година.

Basel II: International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards: a Revised Framework

Basel Committee's response to the financial crisis

 

International regulatory framework for banks (Basel III)

 

Со цел имплементација на базелските стандарди во рамките на Европската Унија, донесени се Регулативата на Европската Унија бр. 575/2013 и Директивата на Европската Унија бр. 2013/36.

Regulation (EU) No 575/2013 of the European Parliament and of the Council of 26 June 2013 on prudential requirements for credit institutions and investment firms and amending Regulation (EU) No 648/2012

Directive 2013/36/EU of the European Parliament and of the Council of 26 June 2013 on access to the activity of credit institutions and the prudential supervision of credit institutions and investment firms, amending Directive 2002/87/EC and repealing Directives 2006/48/EC and 2006/49/EC

Во Република Македонија во тек се активности за приспособување кон меѓународните капитални и ликвидносни стандарди пропишани со Базел III, односно со Регулативата на Европската Унија бр. 575/2013 и Директивата на Европската Унија бр. 2013/36.