Почитувани,

Ве известуваме дека студентите на високообразовните установи од  областа на правото, економијата, информатичките науки, меѓународните односи, човечките ресурси, македонскиот јазик и лектура, англискиот јазик, од сите образовни циклуси, во периодот од 1.6. до 31.8.2016 година, имаат можност да вршат практична работа во Народната банка на Република Македонија.

Согласно со актот на Народната банка на Република Македонија со кој е уреден начинот на вршење на практичната работа, максималниот број практиканти коишто истовремено можат да вршат практична работа е 32 лица, односно по двајца во една организациска единица во текот на еден месец. Практичната работа може да трае најмногу 30 дена.

Образецот за пријава (преземи) се доставува до Народната банка откако претходно е целосно пополнет од страна на студентот и потврден со печатот на факултетот. Овој печат служи за да ни влее доверба и да гарантира за точноста на информациите коишто ги приложил студентот. Во случај кога пополнетиот образец не е потврден со печатот на факултетот, односно кога студентот аплицира самостојно, тој мора да достави доказ за сите информации коишто се бараат од него, поконкретно - лични податоци за контакт, доказ дека е студент и доказ за семестарот во кој е запишан, како и доказ за досега постигнатиот просечен успех на студиите.

При одобрување на пријавите, ќе се има предвид редоследот на пријавени студенти, нивниот успех, како и соодветната застапеност на високообразовните установи.

Обрасците за пријава за вршење практична работа во Народната банка се доставуваат до Архивата на Народната банка на Република Македонија или по пошта на следнава адреса: бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, Скопје, најдоцна до 25 април 2016 година, со назнака „за практична работа“.

Ви благодариме на соработката.