Методолошки опис на податоците од доменот на платежната статистика

1. Општи забелешки

Назив на документот

Платежна статистика

Цел на известување

Статистички извештаи за извршените активности во платниот промет

Извештајни единици (известувачи)

Банки, издавачи на електронски пари, правни лица коишто се вклучени во платен систем или вршат други услуги поврзани со плаќањата, посредници при микроплаќањата и останати обезбедувачи на платежни услуги и оператори на платни системи. Податоците се доставуваат на месечна основа, преку електронска апликација, до Дирекцијата за платни системи при Народната банка на Република Македонија, во однапред дефинирани рокови.

Регулативна основа

1. Закон за платниот промет („Службен весник на РМ“ бр. 113/07, 22/08, 159/08, 133/09, 145/10, 35/11, 11/12, 59/12, 166/12, 170/13, 153/15 и 199/15)

2. Одлука за доставување на податоците за извршените активности во платниот промет („Службен весник на РМ“ бр. 42/16);

3. Упатство за доставување податоци за извршени активности во платниот промет („Службен весник на РМ’ бр. 73/16).


2. Термини, дефиниции и видови податоци

Термините и дефинициите се во значителна мера приспособени на барањата на Регулативата за платежната статистика бр. 1409/2013 на Европската централна банка. Известувачите доставуваат податоци за: сметките за вршење плаќања, платежните картички, уредите коишто прифаќаат платежни картички, платежните трансакции по типот на платниот инструмент, платежните трансакции по типот на уредот, типовите на учесниците во платните системи и плаќањата обработени преку платните системи, како и вкупниот број на трговци и вкупниот број на продажни места на трговците во земјата кои се клиенти на обезбедувачот на платежни услуги и прифаќаат негови картички.

3. Обработка на податоците

Податоците ги обработува Народната банка на Република Македонија. Податоците доставени од страна на известувачите се објавуваат во агрегирана форма, со почитување на принципот за доверливост на индивидуалните податоци, доставени од страна на секој известувач.

4. Интегритет

Известувачите доставуваат месечни податоци до Народната банка на Република Македонија. Податоците се контролираат од страна на Народната банка на Република Македонија и во случај на евидентирани поголеми отстапувања и нелогичности во однос на претходниот месец, известувачите се должни да достават дополнителни информации и објаснувања за причините за отстапувањата.

5. Ревизија на податоците

Ревизијата на податоците се врши во случај на добивање нови, коригирани информации и податоци од известувачите, како и во случај на методолошки измени во термините и дефинициите.

6. Временски серии и фреквенција на податоците

Податоците од јануари 2005 година, објавени по старата методологија, се достапни на месечна основа на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија, во делот на платежната статистика.

Известувачите доставуваат месечни податоци согласно со новата методологија на Народната банка на Република Македонија од извештајниот период којшто започнува во јануари 2016 година и годишни податоци од извештајниот период којшто започнува во 2015 година.

7. Објавување

Народната банка на Република Македонија ги објавува податоците месечно, односно годишно во агрегирана форма, на својата интернет-страница, со исклучок на одредени дефинирани податоци коишто се употребуваат само за аналитички цели на Народната банка на Република Македонија и тие не се предмет на објавуавње.

Извештаи за податоците од доменот на платежната статистика





Извештаите содржат податоци за платежната статистика во Република Македонија за периодот од јануари 2005 година до март 2016 годинакои се изработени и објавени согласно старите подзаконски акти


Информација за движењата во платниот промет